|
|
АНГЕЛ ДИМИТРОВ И БОМБАРДИРАЊЕТО НА СОФИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА |
Александар ДОНСКИ Неодамна членот на бугарската историска комисија и поранешен амбасадор на Бугарија во Македонија Ангел Димитров, во еден свој настап на ТВ (пренесен кај нас од ТВ Алфа) посочи дека вардарскиот дел на Македонија пред Втората светска војна бил под српска окупација на која населението жестоко се спротивставувало, но денес никој во Македонија не зборувал или пишувал за тоа, туку мнозина зборувале само за Втората светска војна (периодот на бугарската фашистичка окупација, з.м.). И тој се „чуди“ зошто тоа било така? Навистина мислев дека Димитров е поинтелигентен човек, но ваквото негово „чудење“ го става под сомнеж моето мислење за него. Па г-дине Димиров одговорот на твојата дилема е многу едноставен. Ако сакаш да ја знаеш причината за ваковото однесување кај најголем дел од Македонците тогаш застани пред огледало! Во огледалото ќе ја видиш причината за ваквото однесување, а тоа си ти и таквите како тебе бугарски шовинисти, кои се обидувате нам Македонците да ни го накалемите вашето азијатско потекло и историја. Во право си дека Србија пред Втората светска војна го држела под окупација вардарскиот дел на Македонија обидувајќи се да ги денационализира Македонците. Во право си и дека Македонците пружиле жесток отпор на таквата состојба, но денес тоа е минато! Србија денес (најголемите политички партии и други субјекти) ги признава Македонците како посебна нација со свое историско минато. Македонците имаат своја политичка партија која слободно дејствува во Србија. Дури неодамна се случи и признавање на МПЦ од страна на СПЦ што исто така беше топло поздравено од Македонците. Ете затоа најголем дел од Македонците (според анкетите) денес ја сметаат Србија за најпријателска соседна земја. И затоа нанесените неправди во историјата не се спомнуваат и потенцираат. Зарем не можеш да ја сфатиш оваа едноставна логика? Кога двајца се караат, а потоа помируваат, тие повеќе не ги спомнуваат нивните меѓусебни расправии. Зарем не е ист случајот и со Бугарија? Во времето кога Бугарија била профашистичка држава и близок воен сојузник на Хитлер, практично била во војна против САД, Велика Британија и нивните сојузници. Како резултат на тоа сојузничката англо-американска авијација во периодот од 1941 до 1944 извршила масовни бомбардирања на Софија, Ќустендил, Хасково и други градови и села во Бугарија. Само во април 1944 година англо-американската авијација фрлила 2.500 бомби врз Софија, а жестоко бомбардирање имало и во ноември и декември 1943 година. Всушност, според податоците англо-американската авијација за време на Втората светска војна реализирала 113 бомбардирања на Бугарија (главно на Софија), за време на кои имало голем број загинати, над 1.700 ранети, а биле уништени или оштетени над 12.500 објекти со огромна материјална штета. Но Бугарија сега е сојузник на западните држави (кои своевремено ја бомбардирале), што значи дека дошло до помирување со нив, па затоа денес во Бугарија никој не го ни спомнува англо-американското бомбардирање на оваа земја ниту бројните жртви од истото. Кога сме кај признавањето на националните права на Македонците, не е таков случајот само со Србија. И во Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Словенија и други држави, Македонците се признати како посебна нација со сопствена култура и историја и затоа најголем дел од Македонците во Република Македонија имаат пријателски став и кон овие држави и народи. Само шовинистичка Бугарија и Грција (благодарение на таквите како тебе) тоа го негираат (секако поради познатите причини, а тоа е држењето делови од Македонија под ваша власт). Но, неодамна и грчкиот суд донесе одлука дека Македонскиот културен центар во егејскиот дел на Македонија може слободно да дејствува. Многу пати сум рекол дека ако Бугарија ги признае Македонците како посебна нација со своја култура и историја, Македонците и Бугарите ќе бидат најблиски соседи и народи. Но, Бугарија е далеку од тоа и токму заради таквите како тебе мнозинството Македонци денес ја сметаат Бугарија за „најнепријателска држава“. Сепак, времето е на наша страна... |