|
|
Ламбе Арнаудов: Европскиот консензус пандан за едноумие |
Ламбе Арнаудов Повеќе од триесет години живеејќи во плурализам и демократија, со право го осудуваме времето на едноумието, несвесни дека полека но сигурно навлегуваме во едно сурогат време на привидна демократија узурпирана од домашни политичари со голема помош од дел на меѓународната заедница. Во една културна дебата на оваа тема уште пред многу години господинот Стојан Андов ме убедуваше дека, консензусот е придобивка, објаснувајќи дека со него сите земји и најмали по површина и број на народ се еднакви во одлучувањето. Но, дали е така? Низ аголот на гледање што ѝ се случува со иднината и судбината на мојата татковина МАКЕДОНИЈА, овој титулар и значење на консензусот е една голема заблуда и моќен инструмент во рацете на големите ПАТРОНИ под плаштот на една квота да спроведуваат, непрестано свои одлуки, скоро секогаш на штета на земјите од кои се бара да почитуваат консензус. Според мене консензусот во една реченица може да се протолкува: И ти си во право, и ти си во право на другата страна, но ќе биде како што ќе кажам ЈАС. Тој ЈАС редовно и по правило е една од големите во Европската Унија, порано Велика Британија, а сега Германија или Франција. Од тука сите силни “праведни“ предлози носат име, француски предлог, германски предлог, речиси во решавањето на сите спорови, внатре во Унијата или помеѓу полноправните членки на ЕУ со земјите кандидати за членство, како што е случај со МАКЕДОНИЈА. Низ нашиот случај паѓа во вода дека консензусот е политичка одлука во која и двете страни по нешто даваат за да двете страни го добијат најдоброто. Апсолутна лага. Она што на Македонија и македонскиот народ одамна им припаѓа и се практикува со векови во нашето живеење треба галантно да го подариме, изгубиме за секогаш, а за возврат ништо да не добиеме. Некој ќе рече: А членството во ЕУ мала ли е придобивка? Во конкретниов случај со нашата татковина МАКЕДОНИЈА, НИКАКОВ. Јас уште од самиот почеток на влегувањето во политика сум апсолутен приврзаник за полноправно членство во сите Евро-атлантски интеграции, многу порано од овие денешни квази европејци а во душата чисти приврзаници на Комунистичката Интернационала нивна вечна носталгија и никогаш згасната љубов. Ама, сум против МАКЕДОНИЈА да влезе во ЕУ разнебитена, безимена со народ без идентитет, култура, јазик, посебности и различности и по диктат на поставени не избрани од народот политичари кои ја туркаат земјата, татковината ни, во прегратките на непријателот, исполнувајќи ги нивните барања безрезервно а запоставувајќи ги нашите национални и државни интереси што подоцна на површина ќе ги исфрлат сте пеколни нерешени прашања, погубни за судбината на МАКЕДОНСКИОТ НАРОД и МАКЕДОНИЈА до степен на исчезнување. Тогаш ќе е доцна за било каква поправка. Ова не се дефекти, ова е хаварија на една земја и еден народ благодарејќи на политичарите кои сега ја водат МАКЕДОНИЈА, уценети, заплашени за судбината своја заради своите недела ко татковината и учество во криминални и корупциски скандали. Ете тоа е КОНСЕНЗУС, термин што денес од неговите креатори на цел глас се слави. Прашувам за крај. Зошто сите предлози што произлегуваат од Европската Унија не се предлози на истата како единствена, рамноправна, кохезивна и обединета заедница, туку предлозите се Германски, Француски...? Одговорот е јасен. Да се знае кој е газда. Затоа и звучноста и обврската од Француски или Германски предлог е однапред застрашувачка и принудна. |