|
|
МОЖНА ЛИ Е СУДСКА РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ |
Кире Кипроски Два повода се предизвик за колумнава. На 18 септември 2019 година, во палатата „Д-р Христо Татарчев“ бев поканет да говорам за Драган Богдановски, татко на најголемата политичка партија во Македонија, во чест на јубилејот 90 години од раѓањето. На одбележувањето присуствуваа членовите на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, ветерани и други членови на партијата од Македонија и дијаспората и членови на неговото семејство. За овој настан пишаните и електронските медиуми, како и поратлите, не објавија ниту збор! За сеќавања и спомени за Драган, за кои говорев пренесувам неколку делови, кои се непознати за јавноста. Вториот повод е книгата „Драган Богдановски – жртва на комунистичкиот режим и македонското судство“ од Ставре Џиков и д-р Марјан Ивановски, што од печат излезе деновиве, а промоцијата ќе се одржи по два месеци, на 17 ноември, датумот на кој пред 36 години Драган од затворот Идризово бил пуштен на слобода. Да беше жив Драган Богдановски, македонски дисидент број 1 во 20 век, денес ќе го прославеше 94-тиот роденден. Роден во куманоското село Клечовце, на 18 септември 1929 година. Целиот живот го посвети со политичка борба Македонија во свои закрила да ги стави и обедини трите распарчени дела: Пирин, Егеј и дел на Албанија, во Обединета Македонија, во Обединета Европа. Далеку од својот дом, во миграција низ САД и низ западноевропските држави, со политички методи ги ширеше идеалите на Илинденците, по неколку вековни ропство од Турската империја, под окупација од фашистичките држави и нивните јатаци, да се ослободи, да биде своја на своето, да се ослободи. Идеалите на Илинденците и неговите визии за иднината на Македонија, да биде самостојна, суверена, независна и обединета држава му се остварија во 1991 година, кога граѓаните на Македонија, масовно излегоа на референдум и се изјаснија за самостојна, унитарна, суверена држава Македонија. Драган многу читаше, беше доста образован, постојано настојуваше да научи што повеќе за судбината на Македонците низ вековите и за нивната борба за слобода. За неговиот интелект ми говореше Тодор Шкартов, го запознал во 1949 година, кога ја извршувал функцијата одговорен уредник на дневниот весник „Нова Македонија“, а Драган соработувал, пишувал политички и историски текстови за Македонија. Иако кратко време соработувал со весникот, како што ми рече тој, се воодушевувал од текстовите, кои биле темелни, поткрепени со многу факти, содржински квалитетни, секогаш се издвојувале од останатите новинари. Тодор Шкартов, ја напуштил функцијата одговорен уредник на дневниот весник „Нова Македонија“ и кариерата ја продолжил во Републичкиот секретаријат за внатрешни работи на Македонија, долги години бил началник на V сектор на УДБ-а во Скопје, со задача да се спротивставува на непријателската дејност на југословенската миграција. Бил најкомпетентен во Службата за македонската миграција во светот, со интерес ја следел мигрантската дејност на Драган Богдановски. Во разговорите, тој ми велеше, дека со киндапирањето на Драган во Париз, од тајните агенти на Службата, „целта ја постигнавме, го растуривме двоецот Богдановски – Гојко Јаковлески, двигателите на активностите на ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија)“, со што ги амортизирале активностите на партијата и целосно ја умртвиле. Во средината на јануари 1989 година, речиси два месеци по излегувањето од затвор, со Мане Јаковлески го посетивме Драган во станот во таканаречената „полициска кула“, во скопската населба Козле, што му го купија браќата Јаковлески. На инсистирање на домаќинот кратко останавме, како што ни рече, не нé брка, туку да не заштити бидејќи неговите гостите биле следени од тајни агенти, ги снимале и ги фотографирале разговорите. Го напуштивме станот и се упативме за село Зубовце. Наредниот ден со гостинот на Мане, Драган Богдановски, бевме на еднодневен излет во зимско-рекреативен, спортски туристички центар Маврово. Времето беше сончево и ни беше предизвик да ручаме на терасата и уживавме во мавровските белини и убавини. Разговорот ни беше опуштен, пријателски. Драган беше воодушевен и често пати ќе речеше: „Колку ни е убава Македонија“. Со приборот за јадење се мачеше да ги извади коските од рибата. Срамежливо ни објасни зошто е неспретен со приборот. „Штотуку заодев, се чувствувам како детенце. По невидената тортура што беше вршена врз мене во притворот и истрагата што ја вршеа врз мене во природниот басен „Јасен“. Инспекторите доаѓаа на полноќ, рано во зори, собата беше неподнослива за живеење, рацете ми беа врзани со синџир, а ме дотолчеа во скопскиот КПЗ „Идризово“, постојано бев малтретиран од милицајци и агенти. Ручекот што го добивавме постојано беше т.н. чораба, чиста вода со по некое зрно грав, или пак грашок, леќа... и свињите не го јадат. Тоа беше сé. Мозокот „хемиски“ ми го исчистија, заборавив сé, дури и тоа како изгледа нормално јадење и прибор. Ајде да зборуваме за убавините на Македонија, за иднината, да ги заборавам годините минати во мрак, среќен сум што сум жив, што ги издржав сите нечовечки угнетувања од своите, пак сум со вас, што сум среќен. Ова ви го велам бидејќи „загарите“ (така ги ословуваваше удбашите) каде што сум, тие се тука, невидливи, постојано ме држат на „нишан“, ме фотографираат, снимаат...“. Пред да се стемни минавме низ селата Ниќифорово и Леуново, а вечерта ја минавме во куќата на академскиот вајар Томе Серафимовски во Гостивар. Драган не беше на оснивачкото собрание на ВМРО – ДПМНЕ, бидејќи југословенскиот пасош го фрлил во корпа за отпадоци На 5 август 1990 година на аеродромот „Петровец“, кај Скопје, го пречекав Драган Богдановски, заедно со околу 150 членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Со него од Берлин долета и Манојил Мане Јаковлески. Неговите партиски соборци од миграцијата, со кои ја водеше борбата за самостојна Македонија, прашуваа зошто Драган, таткото на Партијата нé учествуваше во работата на основачкото собрание на ВМРО-ДПМНЕ, што се одржа на 17 јуни 1990 година, во Домот на младите „25 Мај“ во Скопје. Всушност, ВМРО-ДПМНЕ е плод, односно продолжение на ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија) на мигрантската партија на Македонците во Европа, САД и Австралија. За неучеството на основачкото собрание на љубопитните им одговори Јаковлески, дека Драган немаше патна исправа – пасош и дообјасни: „На крајот на осумдесетите години на 20 век, во Скопје, Драган неможел да го издржи постојаното следење на милиционерите и тајните агенти, психички бил малтретиран и одлучил да се врати во Шведска. На пропатувањето ни беше гости мене и на брат ми Гојко. Во ресторанот „Ново Скопје“ ја искина југословенската патна исправа и ни рече: „Се додека Македонија нé почне да издава македонски пасош, југословенскиот не ми требе и заврши во ѓубре, како и државата“. Многу му беше жал што не присуствуваше на историскиот чин. Во Воената мисија на Југославија во Берлин, во средината на јули 1990 година, јас со вработената готвачката Данка Киселовска, од Прилеп, кај мене, со писмени и вербални изјави пред службениците на конзулатот, бевме гаранција дека господинот Богдановски го загубил пасошот и бара да му се издаде нов, бидејќи како новинар треба да се врати во Македонија. „Не сме ванчомихајловисти“ изјави во интервјуто за „Нова Македонија“ На 9 август 1990 година, во 10 часот, во просториите на ОК на ВМРО-ДПМНЕ,во Гостивар, со колегата Владо Мокров го водевме ексклузивното интервју за „Нова Македонија“, кое беше отпечатено во бројот на 11 август. Еве само мал дел од интервјуто: „Драган Богдановски, една од главните личности на македонската политичка миграција и духовен водач на новата партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, се врати како слободен граѓанин во Македонија, продолжувајќи ја активноста, која неколку децении ја водеше во странство. Богдановски своевремено на спектакуларен начин беше киндапиран од југословенските органи за државна безбедност во Париз“. Какви ви беа односие со Ванчо Михајлов и со неговата организација? -Односите со михајловистичката оганизација секогаш ни беа непријателски, бидејќи тие нас не сметаа за агенти на СРМ. Лично Ванчо Михајлов напиша неколку статии во „Македонска трибина“, во кои не нарече агнети на Колишевски, кој не пуштил по светот да ја шириме наводната измама за македонската нација. Ние не му останавме должни, нарекувајќи го ренегат на македонскиот народ и слуга на Бугарија, објаснувајќи дека само се служел со македонско дело за туѓа сметка и дека е предавник на својот народ. Подоцна Михајлов се увери дека не сме ничии шпиони и, сепак, дојде до некои контакти, но не лично со него. Јас имав две-три покани, да се сретнам со него во Швајцарија, без размислување ги одбив. Се сретнав само со неговиот секретар д-р Асен Аврамов, од село Скрижево, драмско, софиски адвокат и некогашен член на ЦК на ВМРО. Драган Богдановски е меѓу најзаслужните, Македонија да стане суверена држава Целиот живот Драган Богдановски го вложи Македонија да стане самостојна, независна, унитарна и обединета држава на сите три дела, со политички методи се бореше да се урне постојаниот политички и економски систем. И покрај тоа што врз него Службата за државна безбедност на Југославија вршела силен психолошки притисок, не се откажал од своите идеали и ставови за решавање на македонското национално прашање и по неколку децениска борба целта ја постигна. Од претходниот режим со монтиран политички монтиран процес, незаконски бил осуден на 13 години затвор. Што доби Драган Богдановски од македонската држава за која го вложи целиот живот, се откажа и од венчаната жена? Ништо. Дури и барањето на брат му, инжинер Раде Станковски, за судска рехабилитација, што го поднесе во основниот суд Скопје 1, беше одбиено од формално правни причини Окружниот суд – Скопје на тогашниот режим, не ги сочувал оригиналните списи на досието „Драган Богдановски“. Раде Станковски, пред неколку години ми рече: „Брат ми Драган Богдановски, беше осуден без докази, без никаква вина, ако за вина се смета што целиот живот и го посвети на Македонија. Мотивите за судскиот процес врз брат ми биле политички. Наша голема желба е да се рехабилитира брат ми, со што ќе се тргне црното петно кое со децении го носи фамилијата. Најбитно е тоа што на борецот и творецот на современа демократска Македонија, ќе му се оддаде достојно признание, дека не бил против македонската држава и македонскиот народ.“ Мојот присет за пријателот Драган Богдановски, по повод 90 годишниот јубилеј од раѓањето, сакам да го завршам со критика за владите на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 – 2002 година и од 2006 до 2016 година, кои не мрдна со мал прст за успешно, во рамките на законот со судска одлука да се рехабилитра Драган Богдановски. Одамна Драган физички не е меѓу нас, но со духот е тука покрај нас, има големи почитувачи на неговото дело. Судската рехабилитација е значајно за неговата фамилија, за неговите соборци и пријатели, а најмногу за колективната меморија на македонскиот народ, на државата Македонија. Апелирам, до идниот премиер и Владата на Македонија, што ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ, да се ангажира да го рехабилитра господинот Драган Богдановски, за неговата политичка борба со која успеа, многу граѓани на Македонија ги уживаат плодвите, треба да размислат и сите политичари од сите политички провиненции да бидат едногласни и да заврши голготата за судската рехабилитација на Драган Богдановски. Патот на правдата за Драган недостапна и недостижна! Деновиве од печат излезе книгата „Драган Бодановски – жртва на комунистичкиот режим и македонското судство“ од Ставре Џиков и Марјан Ивановски. На 203 страници авторите документирано, аналитички, со многу факти, факсимили на судски пресуди, изјави на неколкумина пријатели и соборци на Драган Богдановски, заведени на нотар, укажуваат дека водел политичка борба, ниту бил терорист, ниту бил организатор или имал терористички групи да вршат напади за уривање на социјалистичкиот поредок на СФРЈ, односно на СР Македонија. Преку квалитетен и стручен приод, со критички реален и законски поткрепен пристап авторите поставуваат прашање зошто обвинителството и судството не требаше да го отфрлат барањето за рехабилитација на Драган Богдановски. За крај, би цитирал неколку редови од книгата: „Патот на правдата, пат на беспаќе за Богдановски, сега покоен, е и на неговиот брат Раде Станковски. Адвокатот се бори со предрасудите на обвинителот и судиите, наместо со нивната совест, стручност и законот. За политички жигосаниот Богдановски ни мртов, а ни за неговото семејство правдата е недостапна и недостижна“... |