|
|
Великобугарскиот шовинизам доведе до три национални катастрофи! |
Свекрва Во последно време великобугарскиот шовинизам повторно се разгорува, а Бугарија не го признава македонскиот идентитет и јазик. Македонските власти под притисок на Софија со закана за вето за влез во ЕУ, влијаат да се измени сопствената историја, идентитет, култура,... Меѓудругото, бидејќи наводно тогашната бугарска влада не била фашистичка се избегнува да се зборува за бугарска фашистичка окупација за време на Втората светска војна и се користат термини како администратори, окупација, инвазија. Меѓутоа, самите Бугари, кон крајот на Втората светска војна, пишуваат за бугарските шовинисти и фашисти, како и за великобугарскиот шовинизам кој доведе до три национални катастрофи. Објавувајќи за „Корените на великобугарскиот шовинизам“ во Уводната статија на весникот „Работническо дело“, од 6. X 1944 год., авторот ќе напише: „„Великобугарските стремежи на владеачката класа уште пред балканските војни доведоа до братоубиствена војна на Балканот, кои завршија со првата национална катастрофа на Бугарија. Виновникот за таа политика и катастрофа беше спроводникот на германската политика во Бугарија – цар Фердинанд и неговата камарила.
Учеството на Бугарија во Првата империјалистичка војна во 1914 – 1918 година беше диктирано од истите завојувачки стремежи (втора национална катастрофа). Младиот бугарски империјализам беше експанзивен, сонуваше за нови земји и пазари. Идејата за голема Бугарија беше идеологија на младиот бугарски империјализам... Тие војни се водеа под знамето за остварување на „националните идеали“. Тоа беше едно лажно знаме. Под него се криеја завојувачките империјалистички стремежи на владечката империјалистичка група кај нас.
...Носителите на великобугарските идеи кај нас се: фашистичките кругови од дворската клика, реакционерниот дел од финансиско-капиталистичките кругови, фашизираната младина од организациите – ратници, легионери, отец-паисиевци и др. и сите пропаднати политичари и превратаџии на Бугарија. Официјалната наука и училиштето направија многу за всадување на таа идеологија...“ Третата национална катасрофа Бугарија ја доживеа за време на Втората светска војна. Што се однесува до улогата на Бугарија во оваа војна во Уводната статија под наслов „За братскиот сојуз со нова Југославија“ во истиот весник „Работническо дело“, од 13. X. 1944 год. авторот ќе забележи: „Великобугарските шовинисти и фашисти се мачеа да ја прикријат својата гнасна служба на Германците и своето предавство, преставувајќи се како „обединители“ на Бугарите, како „ослободители“ на Македонија. Презрените слуги на Хитлера, кои ги пуштија Германците во земјата и на тој начин ја претворија во германски мостобран за целите на разбојничката војна против големиот и братски руски народ и неговите сојузници; кои го ограбија нашиот народ во полза на Германците со една гигантска сума од близу 50 милиони лева; кои водеа формална војна против својот сопствен народ и ја пролеаја крвта на стотици и илјади верни и самопожртвувани негови синови и ќерки; кои ја лишија Бугарија од нејзината национална независност, претворувајќи ја во хитлеровски сателит и осудувајќи ја на катастрофа; кои го забија ножот на Југославија и Грција и на југословенската и грчка територија вршеа срамна и проклета улога на хитлеровски џандари; кои под германска команда грабеа во Македонија и Тракија, вршеа злосторства во Србија, Црна Гора, па дури и во Босна.... вложуваа неизмерни усилби да се престават за некакви „обединители„ и „ослободители“ на Бугаеите! Тие ја дотераа Бугарија до трета национална катастрофа, а сега нашиот народ ќе треба да се отплатува за извршените тешки злосторства спрема соседните народи – Срби, Македонци, Црногорци, Грци – и спрема другите слободољубиви нации....
... Општопозната вистина е дека Македонија во нејзината историја на Балканот била секогаш јаболко на раздорот. Меѓутоа коренитите промени што сега се вршат во тој дел на светот ги поставуваат темелите за праведното и конечно разрешување и на македонското прашање, за да биде осигурен траен мир на Балканот и да бидат задовелени вистинските интереси на Македонците...
...Главната претпоставка за тоа конечно разрешување несомнено лежи во братскиот сојуз меѓу Јужните Словени, меѓу народите на Југославија и бугарскиот народ, меѓу нова Југославија и нова Бугарија – Бугарија без великобугарскиот шовинизам, без гнасното профашистичко наследство, без звојувачките стремежи кон Македонија.
Ете затоа е неопходно со сите сили да изградуваме вистинско братство меѓу нашиот народ и народите на Југосавија, особено меѓу нашиот народ и српскиот народ... Ние Бугарите треба, меѓутоа, да паметиме, дека изградувањето на братството меѓу Јужните Словени од нас да ги вложиме сите усилби за да докажеме на дело, дека сме прекинале со мрачното и гнасно минато.“ Денес кога големите сили зад сцената повторно ја креираат картата на светот и го прераспоредуваат своето влијание, денес кога се води војна во Украина, кога Ерменците доживееја масовен егзодус од Нагорно Карабах, кога Палестинците мораат да бегаат од Газа, на Балканот му е потребна сплотеност. Ако не сака Бугарија да доживее уште една четврта национална катастрофа, таа мора да ги предводи народите на Балканот во ЕУ, но не со нивно негирање, туку со братско помирување и признавање, особено на македонскиот народ, исто како што по Втората светска војна имаше доблест да го направи тоа. |