|
|
Свекрва: Бугарско толкување на историјата од антика до почетокот на османскиот период |
Свекрва Промена на курсот од признавање до негирање на постоење на македонска нација, јазик, литература, култура и самобитност, а со тоа и на правата на Македонците беше најавен во Бугарија во 1958 година. Посебно место во негирање на Македонците зазеде Бугарската академија на науките (БАН), како највисока научна институција во НР Бугарија. Институт за историја при БАН, десет години потоа, во 1968 година, ќе излезе со „Историско-политичка информација по македонското прашање“ (Софија, ноември 1968 г.), со која сака да ги оправда своите никогаш не замрени територијални претензии кон Македонија. Во оваа информација, јаловата бугарска мајка, во недостаток на свои присвојува туѓи македонски синови и историја. Со оглед дека тогашните позиции на БАН по македонското прашање не се разликуваат ,многу од днешните позиции на Софија, во тој контекст и на бугарската историска комисија, ви пренесуваме делови од „Историско-политичка информација по македонското прашање“ на БАН од 1968 година. Во оваа информација, во толкувањето на историјата од античкиот период, средновековието па се до почетокот на османскиот период, бугарската наука се обидува да наметне бугарски карактер на Македонија и вели: „Совестната анализа на историските факти покажива дека Македонија никогаш не била државно-етничка или национално самостојна заедница. Македонија е географска област, каква што е Тракија, Мизија, Добруџа и др. Името Македонија е географски поим, кој мошне многу се менувал. На пример, во средновековјето Македонија се викала Бугарија, денешна Северна Бугарија се викала Подунавија, а земјите на денешна Источна и Западна Тракија се викале Македонија. Во стари времиња тариторијата на Македонија влегувала во робовладечката грко-илирска држава на Филип и Александар Македонски. Од 2 век пред нашата ера до 4 век од нашата ера Балканскиот Полуостров, во тој број и Македонија, бил под власта на Римската Империја. Од крајот на 4 до почетокот на 6 век Мизија (Дунавска Бугарија), Тракија и Македонија биле провинции на Источната Римска Империја, наречена Византија. Во 6 век во тек на неколку десетици години славјанските племиња ги завладеала опширните области на Византија. До крајот на 6 и почетокот на 7 век источната и западната група на тие славјански племиња дефинитивно заседнале на Балканот. Источната (позната во науката како бугарска) група ги зафатила денешните романски земји и источниот дел на Балканскиот Полуостров – Мизија (со Добруџа), Моравско (со Тимочко), Тракија (со Родопите), Македонија, денешна Албанија, Епир и некои соседни реони во денешна Грција, а другата, српско-хрватската група – западниот дел. Славјаните станале најмасовно, најкомпактно население на Балканот, поради што во 7 век Македонија, која се нашла во центарот на славјанските земји на полуостровот, била позната под името Славинија. . Во втората половина на 7 век во Мизија дефинитивно се населиле Аспаруховите прабугари, а Куберовите прабугари (Кубер е брат на Аспарух) се населуваат во Македонија – во реонот на Битола - Солун. Интересите на борбата против силната Византиска Империја ги потикнувааат раководителите на славјанската државност што се формираше (племенскиот сојуз на славјанските племиња во Мизија) и на Аспаруховите прабугари да формираат сојуз кој се претвори во славјано-бугарска држава. Таа држава станала привлечен центар за источната група словенски племиња. Во нејзините граници, во поголемиот период од нејзиното постоење до потпаѓање под османско царство, влегувале трите основни области Мизија, Тракија и Македонија. Истовремено со создавањето и развивањето на бугарската држава започнал и процесот на славјанизирање, кој ги опфатил прабугарите и истатоците на Траките и завршил во 9 и почетокот на 10 век со формиеањето на новата бугарска народност, славјанска по својот карактер и бугарска по своето име. Подоцма во 11 и 12 век, во таа народност се влеале и претопиле и други племенски групи, на пример Печенези, Узи, Кумани и др. Што се однесува до обидот на некои скопски историчари, да докажат дека постоела некаква македонска држава во времето на цар Самуил и дека тој бил цар на таа држава, во тоа тие наполно и противречат на историската вистина. Самуиловата држава, создадена во 969 година, ја продолжила бугарската државна традиција и се јавила како организирана потпора на бугарскиот народ против освојувачката политика на Византија. Историската улога на Самуил е во тоа што во непрестајната херојска борба го бранел постоењето на бугарската држава, на бугарскиот народ и култура во текот на близу половина век. Кога во 972 година византискиот император Јован Цимискиј го завладеал Преслав и ги покорил источните предели на бугарската држава, Самуил успеал да го пренесе нејзиниот центар во југозапдните бугарски земји (отпрвин во Софија, потоа во Меглен, Преспа и Охрид), за да се утврди како општопризнат бугарски владател. Во 976 година Самуил презел во Североисточна Бугарија, ја ослободил од византиска власт и ја воспоставил целоста на бугарската држава. Според византиските извори, Самуил го примил избеганиот од Византија Роман, син на царот Петар. За своите заслуги во борбата против Византија и во заштита на бугарската држава, Самуил бил избран од болјарите отпрвин за владател (архонт) на Бугарија, а по смртта на Роман ја примил царската титула. За одбрана на своето постоење заедно со бугарското население од Мизија и Добруца, кои биле во неговата држава, Самуил водел војни со Византијците, ни никогаш не водел борба со Бугарите. Познато е, исто така, дека византискиот император по поразот на Самуиловите војски е наречен „б’лгароубиец“ а не „македоноубиец“. Дека Самуиловата држава била продолжување на бугарската државна традиција, се гледа и од фактот што бугарскиот патријарх го преместил своето седиште заедно со седиштето на државата, а имено во Софија. Треба да се повлече дека во сите историски извори Самуиловата држава недвосмислено се смета за бугарска држава. Особено ценет и неоспорив извор за народносниот облик на Самуловата држава и оставил наследникот на Самуил, поскедниот цар на Првото Бугарско Царство – Иван Владислав (1015 - 1018). Тоа е најдениот во Битола во 1958 година епиграфски споменик (плоча) со старобугарски натпис. Во тој извонредно важен документ за нашата историска наука Иван Владислав категорично вели дека е „син на Арон“ (брат на Самуил) и „бугарски цар“, дека е „родум Бугарин“ и дека неговите поданици се Бугари. Заслужува да се одбележи дека истакнатиот истражувач на средновековната српска историја Стојан Новаковиќ во почетокот на својата научна дејност исто така ја карактеризирал Самуиловата држава како бугарска, одбележувајќи дека „центарот на бугарската држава бил Охрид“. „Установувањето на бугарскиот главен град во Охрид и новото засилување на бугарското царство преку сјајните Самуилови подвизи – пишува Новаковиќ – ја зголемиле бугарската држава кон Јадранскиот брег посилно од секој друг пат.“ Истиот тој Новаковиќ подоцна ја изневерил историската вистина на Самуиловата држава и стана родоначалник на таканаречениот „македонизам“, т.е. на тезата дека Славјаните во Македонија биле нешто одделно од бугарскиот народ. Во историјата на Бугарија постојат случаи, кога врз териториите на бугарските земји при извесни историски услови се издвојувале парарелно со централната власт области, царства, кнежества со своја самостојна власт. Така, врз основа на средновековната бугарска држава, поради ослабување на централната власт и засилување на сепаратизмот на болјарите за време на турските наезди, паралелно со Трновското царство на Иван Шишман се создадоа Видинско бугарско царство на Иван Срацимир и Добруџанско Бугарско Кнежевство на Добротица, Но од тој факт историската наука не прави заклучоци за некаква видинска или за некаква добруџанска народност, бидејќи фактички таква немало. Уште помалку основа има да се говори за одделна „македонска“ народност во времето на Самуил, бидејќи тогаш бугарската држава била единствена, а не феудално раздробена. По конечното паѓање на бугарската држава под византиско ропство Бугарите од сите реони, вклучително и од Македонија, прават низа обиди да се ослободат. И тука бугарските извори се еднодушни за бугарскиот карактер на востанијата. Првото востание на Бугарите е на чело со Петар Делјан (внук на Самуил) во 1040 – 1041 година, второто со Георги Војтех во 1972 година, чиј центар бил во Македонија. Византискиот летописец Скилица од втората половина на 11 век подвлекол дека „Бугарите кренале востание“, дека водачот е Бугарин и го потикнал „кон востание вугарското племе“. За второто востание летописецот одбележал дека било организирано од бугарските велможи во Скопје и дека неговиот раководител Георги Војтех бил од родот на кавханите. А под зборот кавхан се разбирала прабугарска благородничка и службена титула. Српскиот крал Урош Втори Милутин успеал да ја завладее по 1282 година Северна Македонија, поради што додал кон својата титула и „крал на Бугарија“. Други бугарски земји не беше завладеал. Во 14 век српскиот крал Душан завладеал поголем дел од Македонија, поради што почнал да се титулира и „цар на Бугарите“. Според Софија, само бугарските историчари ја говорат вистината и Македонија сето ова мора да го проголта ако сака да спречи вето од Бугарија за влез во ЕУ. Но погоре изнесеното, не е се, потоа доаѓа османскиот период, преродбата и т.н. Македонските политичари мора да знаат дека барањата ќе немаат крај, а прифаќањето на сето ова нема никаква основа. Доколку македонскиот народ сака да избегне бугаризација и ги сочува македонските корени тој мора научно да ги отфрли толкувањата на Софија. |