|
|
Ламбе Арнаудов: Одата на меѓу војничкото помирување “ЛИЛИ МАРЛЕН“ |
Ламбе Арнаудов Пред повеќе од триесет години како единствен претставник во Паневропското движење присуствував на јубилејниот мега состанок на Паневропејците. Швајцарското монденско туристичко чудо Г‘штат беше домаќин на тој извонредно високо оценет самит на кој присуствуваа, повеќе десетици, актуелни и поранешни премиери, претседатели, уметници и древната европска аристократија предводена од принцот Карл вон Хабсбург (Karl von Habsburg), комплетно сета авангарда на паневропската политичка филозофска мисла и движење. Заради симболиката што го одбележи овој настан, помалку сензационалистички, што беше вграден во завршната церемонија, ќе почнам од крајот. Имено, Самитот беше затворен со гала претстава во која учествува безвремениот Маестро Јехуди Менјухин (Yehudi Menuhin) со неговите никогаш достигнати изведби, настапот на црвенокосата светска дива МИЛВА (Milva) со својот помалку очекуван перформанс. Во прекрасниот сценски амбиент, неповторлива кореографија што ги симболизираше маките-страдањата, злосторствата и сé друго што носи војната. Се рушеа згради, гореа куќи, бомби одекнуваа на секаде, пискоти, фијуци на куршуми, грмежи од авиони бомбардери, тенкови што рушат и газат сé пред себе најмногу војнички и цивилни жртви. Од сиот тој грозоморен метеж МИЛВА симболично воскреснува од мртовечкиот одар и брилијантно , вдахновено до небеса, ја испеа песната што стана ОДА НА МЕЃУВОЈНИЧКОТО ПОМИРУВАЊЕ – ЛИЛИ МАРЛЕН. Песна што со радост, верба и искрена надеж за ставање крај на човечкото безумие и брутален разврат на не разумот на болни умови и организирани безмилосни луди елити. Песна што беше прифатена, од сите завојувани страни, особено од војниците, млади залудени жртви, што заедно во гнев и тивок протест против војната што ги содржи заедно во едно цело четирите јавачи на апокалипсата. Толку за симболиката. Сега за стварноста. Во работниот дел имав своја презентација во која исклучително остро ја нападнав и се обидов да ја разобличам: “ТЕОРИЈАТА НА ОГРАНИЧЕН СУВЕРЕНИТЕТ НА ДРЖАВИТЕ“ на некогашниот лидер, генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, Леонид Брежнев. Од претседавачот на самиот добив само еден збор-коментар AMAZING, чудесно, потоа следуваше ракоплескање и избор текстот за во едицијата (книга) од настанот. Овде, нагласувам дека, немам никаква намера да се самопрезентирам, туку во понатамошниот текст, драги читатели да ви го доловам сето лицемерие отворено видливо, без срам и перде во натамошниот период од политичките елити на Европа, секако, апсолутно, тука ги амнестирам ПАНЕВРОПЕЈЦИТЕ заради нивната антологиска доследност на принципите, критериумите, начелата кои во ниту еден момент не ги скрнават или напуштаат. За нив големо БЛАГОДАРАМ. Триесет години подоцна. Леонид Брежнев одамна се успокои, за жал меѓу нас повеќе не се ни ведетите Јехуди Менјухин и МИЛВА, Советскиот Сојуз не постои, Берлинскиот ѕид се сруши исто за еден ден за колку и беше направен, железната завеса се замени со проѕирно исткаено персиско перде од најблагородни нити, се растурија граничните барикади, само постои, сé уште живее и се надградува “Теоријата за ограничен суверенитет на Леонид Брежнев“. Чувството на блажено релаксирање што го имав во почетокот и симболиката наеднаш исчезнаа. Се отрезнав и мојата силна верба, надеж во светла иднина, беа заменети со јад, чемер и гнев, од тоа што соседите ѝ го прават на мојот народ македонски и татковината Македонија. Наместо разнобојни цвеќиња со пријатен мирис, повторно и по кој знае пат почна да се одгледуваат отровни брзорастечки арпаџици на плодната ЦРНИЦА ЕВРОПСКА. Само на 200 километри источно од нашиот главен град Скопје со кој искрено се гордеам, има една земја, која не припаѓа на државите што имаат ограничен суверенитет, туку напротив беше позната дека конкретниот суверенитет целосно ѝ го пренесе на Москва. За жал денес, тие кои ништо не научиле од нивната апсолутна подреденост како државен субјект, брутално без никакви права и оправдување за нивниот поход, јуришаат на нашата државност, нација, интегритет и суверенитет. Господа Европјани и вие Паневропјани на кои уште безгранично верувам ве молам: Вразумете го, бледата копија, малиот црвен Кремљ што незаслужено се наоѓа во ваше друштво, а гази по НАС. Изгаснете го огнот што источниот ветер (охридски-СТОЧАН) може да го прошири и зафати целиот БАЛКАН. Оти општо познато е дека источниот ветер кога дува секнува млекото на мајките доилки и сите млечно давни животни. Не сме слепи, здрави сме и силни ќе се браниме и одбраниме. Вашите темни наочари со црни стакла, бели стапови, и куче водич дресирано од вас, знаеме каде ќе нé однесе. НИКАДЕ! Прво вразумете се вие, а потоа малиот Кремљ. |