|
|
Свекрв: Холокаустот на македонските Евреи претставува ненадминато злосторство во светски рамки |
Македонија ја одбележа 81 годишнина од депортацијата на македонските Евреи На 11 март Македонија одбележа 81годишнината од депортацијата на македонските Евреи од страна на бугарскиот фашистички окупатор. На овој ден, пред 81 година, 7144 Евреи од Македонија беа насилно собрани, а по десетина дена биле транспортирани во германскиот концентациониот логор на смртта „Треблинка“ во Полска, од каде никој жив не се врати. Иако поминаа повеќе од осум децении, властите во Софија немаат сили да побараат прошка за злосторот извршен во март 1943 година, од страна на тогашните бугарски фашистички власти. Софија обично се правда дека за време на Втората светска војна спасиле повеќе од 50.000 бугарски Евреи, а за Холокаустот на повеќе од 11.000 Евреи од територијата на Македонија, Беломорието (Егејска Македонија, Тракија) и Поморавјето, која била под бугарска окупација, вината се обидува да ја препише на Германците или на локалното население. Во тој контекс и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, кој во 2018 г. положи цвеќе пред споменикот на жртвите од Холокаустот во Македонија, лоциран кај некогашниот Монопол во Скопје, како што пренесуваат медиумите, по повод 81 г. од депортацијата на Евреите меѓудругото ќе напише: „Горди сме и благодарни за подвигот на нашите предци што доведе до спасување на речиси 50 илјади бугарски Евреи. Бог да ги прости невините жртви на холокаустот, меѓу кои и 11.343 Евреи од териториите на денешните Грција и Република Македонија, чиишто животи ние Бугарите не можевме да ги спасиме“. Меѓутоа оправдување за извршеното злосторство за време на Втората светска војна нема, а причината зошто не се спасени животите на повеќе од 11.000 Евреи, можеби лежи во тоа зошто не сме ист народ и зошто Македонија беше окупирана земја. Се започна кога Третиот рајх побара од своите сојузници да ја следат нивната монструозна антисемитска политика. Иако фашистичката влада на Бугарија станува званично сојузник на силите на оската на 1 март 1941 година, повеќе од месец дена пред нападот на Југославија (6. IV 1941), таа уште во јули 1940 година започнува со носење на антисемитските закони. На 21 јануари 1941 година цар Борис III го потпишува „Законот за заштита на нацијата“, со кој на Евреите им се наложува: носење на жолта Давидова ѕвезда; попис на сите еврејски имоти; еднократен данок на имот од 30%; општо ограничување на правата на Евреите; забрана за брак со лица кои не се Евреи; забрана за водење на бизнис, за започнување нови бизниси или за продавање на постојните бизниси; забрана за вршење земјоделски работи; ограничување во образованието и ограничување во снабдување со огрев и храна. Спроведувањето на Хитлеровото „конечно решавање на еврејското прашање“ на териториите на Вардарска и Егејска Македонија (бугарска окупациона зона) започна тивко. Кон „крајот на ноември 1941 година започнаа и првите преговори на бугарската влада со германските преставници во Софија за депортирање на Евреите. Овие преговори особено беа интензивни во 1942 година и завршија со донесување на закон на Бугарското народно собрание од 28 јули 1942 година со кој се ополномоштува Министерскиот совет на Бугарија да преземе мерки за конечно решавање на еврејското прашање“. На почетокот на 1942 година, бугарските окупациски власти наредиле сите глави на семејствата во Еврејската зедница да се регистрираат со име, адреса и фотографија. Тоа е единствен случај во аналите на историјата на Холокаустот. Пред крајот на 1942 г. биле завршени подготовките за физичкото ликвидирање на македонските Евреи. Сиот имот на еврејските општини во Скопје, Битола и Штип биле конфискуван во полза на бугарската држава, а во текот на јануари 1943 г. било ограничено движењето на Евреите. Во текот на преговорите во текот на месец февруари 1943 година, бугарските фашистички власти ја покажаа сета своја сервилност кон своите германски господари. На 2 февруари 1943 година германското аташе Хофман и специјалниот пратеник по еврејското прашање при германската амбасада во Софија, СС офицерот Теодор Данекер, одржуваат таен состанок со Александар Белев, тогашниот началник на Комесаријатот за еврејски прашања при Министерството за внатрешни работи и народно здравје (МВРНЗ) на Царството Бугарија. На состанокот било договорено собирање на сите Евреи од територијата на царството и нивно предавање во рацете на нацистичките егзекутори. По завршување на преговорите, на кои биле прецизирани сите фази на иселување, на 22. II 1943 година бил потпишан договор меѓу Александар Белев и Теодор Данекер, за депортирање на 20.000 Евреи од Македонија и Беломорието. Договорот започна да се спроведува во март 1943 година во Ќустендил. Делегација од Ќустендил на 8 март ќе го извести заменик-претседателот на бугарското собрание Димитар Пешев за намерите бугарските Евреи да бидат депортирани во Полска. Тој заедно со уште 42 пратеници јавно ќе се спротивстави на намерата на владата на премиерот Богдан Филов за депортација на бугарските Евреи. Поддржани од бугарскиот владика Кирил и целокупното јавно мнение, тие ќе успеат да ги спасат бугарските Евреи, но не и Евреите од Македонија и Беломорието. Поради протестот на тогашните бугарски интелетуалци и свештеници, депортирањето е одложено, а жртвувани се Евреите во Македонија. Бугарските окупаторски власти го спроведоа договорот за конечно решение на Евреите од „новоослободените земји“, а од Македонија и Беломорието (Егејска Македонија и Тракија) беа испратени во логорите на смрта 11 392 лица од кои само од Вардарскиот дел на Македонија 7.144 лица. Акцијата започнала во утринските часови на 11 март 1943 година. Во пет часот наутро, бугарските воено-полициски кордони ги блокирале улиците на еврејските маала во Скопје, Битола, Штип и во другите градови на Македонија. Врз основа на претходно припремените списоци направени по наредба на министерот за внатрешни работи Габровски, во кои било наведени имињата, нивната адреса и занимање, започнало собирањето на Евреите и нивно транспортирање во Привремениот концентрационен логор во Монополот во Скопје. На луѓето им било објаснето дека ќе ги носат на принудна работа во Бугарија. По пристигнувањето во Тутунскиот монопол, одземени им биле личните предмети, накитот, парите, храната, лековите, средствата за лична хигиена и ќебињата. На 15 март 1943 година во логорот имало 7.240 Евреи. Условите во кои биле затворени биле ужасни. Биле сместени на дрвени полици во магацините за тутун. Во една просторија без санитарни услови имало по 500 лица. По пет дена гладување, првиот оброк им бил поделен на 16-ти март. Сувиот леб и солената риба предизвикува огромна жед, а луѓето за да добиат малку вода морале да подмитуваат со она малку пари или скапоцености што успеале да ги скриат при првиот претрес. Секојдневна слика во логорот станува туртура, измачувањата, силувања и понижување, Пред депортацијата на Евреите од Монополот се прават напори да бидат ослободени што е можно повеќе Евреи. „Сите Македонци без разлика на политичката определеност, дали се крајно десни или лево ориентирани, без разлика на било што друго, истапувале единствено против нивното одведување во злогласните логори на смртта. Комунистичката партија, како и ВМРО, предводени од Македонецот Методи Шаторов Шарло учествувале во спасувањето на Евреите. Немало Македонец кој бил за геноцид на овој народ“. По различни критериуми од логорот биле ослободени повеќе од стотина лица, најчесто дефицитарни кадри како лекари и аптекари, но и странски државјани. Со благослов на бугарскиот премиер Богдан Филов, на 22, 25 и 29-ти март 1943 г.одина, 2.150 семејства, со вкупно 7.144 члена, во три транспорта, биле упатени во логорот на смртта Треблинка 2 во окупирана Полска.
Сите патници на овие транспорти имале возен билет само во еден правец. Од Треблинка се нема вратено ниту еден од нив жив за да раскаже за ужасите на уништувањето на еврејското население од Македонија. Холокаустот на македонските Евреи претставува ненадминато злосторство во светски рамки. Македонија е единствена земја од чија територија се истребени 98% од вкупната еврејска популација. За ваквата ужасна трагедија е одговорна Бугарија. Спасувањето на бугарските Евреи не ја амнестира Бугарија, чија фашистичка влада дозволи и ја спроведе депортацијата, а со тоа и геноцидот на македонските Евреи. |