|
|
НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД АВТОРИТЕ НАТ.Н. „СТАРОГРЧКА МИТОЛОГИЈА“ ВООПШТО НЕ БИЛЕ ГРЦИ! |
Александар Донски Во македонскиот фолклор постојат голем број мотиви и елементи превземени или, подобро кажано, директно наследени од античката митологија, која денес главно е позната под името “Грчка митологија”(Старогрчкамитологија). Овој термин денес е прифатен во најголем дел од јавноста кај нас и во светот. Но, епитетот “грчка”, т.е. “старогрчка” не соодветствува со интегралната содржина на оваа митологија. Поради тоа, употребата на овој термин претставува невиден превид каков што одвај дали постои во светската историја. За да се докаже ова, доволно е да се постави прашањето: зошто оваа митологија го носи епитетот “грчка”? Што има грчко во неа? Во продолжение ќе дадеме одговор на овие прашања. Во науката е добро познато дека оваа митологија за прв пат во пишаните извори се има појавено во три дела (кои биле објавени со релативно мала временска разлика). Во врска со ова ќе цитираме извадок од светски познатата енциклопедија “Microsoft Encarta” во која за првите писмени пројави поврзани со оваа митологија читаме: “Грчката митологија го достигнала својот целосен развиток во 700-те години пред Христа. Три класични колекции на митови: “Теогонија” на поетот Хесиод, како и “Илијадата” и “Одисеја” од поетот Хомер, се имаат појавено отприлика во тоа време.” (MicrosoftEncarta, USA, 1998, “GreekMythology”). Значи Хесиод е првиот автор што систематски ги презентирал клучните настани од оваа митологија. Меѓутоа Хесиод во своето дело “Теогонија” ниту еднаш не спомнува никакви Грци, ниту каков било друг збор изведен од овој етноним (грчки, грчка и сл.). Исто е и со останатите две фундаментални дела на т.н. “Грчка митологија”, а тоа се “Илијадата” и “Одисеја”. И во нив, со ниту еден збор, не е спомнат етнонимот “Грци”! Поради ова, се поставува прашањето: каква е таа “Грчка митологија”, кога во нејзините први и фундаментални дела не се спомнати ниту Грци, ниту пак каков било друг збор изведен од овој етномним (грчки, грчко и сл.)? Но тоа не е сѐ. Ако направиме преглед на етничкото потекло на најзначајните антички и средновековни автори (креатори) на т.н. “Грчка митологија” ќе се добијат уште поизненадувачки податоци во прилог на негрчкиот карактер на оваа митологија. Светски познатиот проучувач и познавач на оваа митологија Карлос Парада, има извршено детални анализи на сите досега познати антички и средновековни дела во кои се застапени митови од т.н. “Грчка митологија”. Карлос Парада е автор на голем број научни трудови посветени на оваа митологија и тој толку педантно ја обработил оваа митологија што дури направил преглед на нејзините најзначајни автори (практично - нејзини креатори) во кој пресметал кој автор со колку редови од своите дела придонел кон создавањето на оваа митологија. Врз основа на тоа Карлос Парада пресметал и кој автор со колкав процент учествувал во создавањето на делата, кои целосно или делумно, се посветени на ликови и содржини од оваа митологија. Дел од трудовите на Карлос Парада се објавени во неговата книга “Genealogical Guide to the Greek Mythology” (Philadelphia, USA, 1993). Повикувајќи се на педантните истражувања на овој светски познат современ познавач на т.н. “Грчка митологија” се забележуваат следните резултати. Најзастапен автор чии дела биле посветени на ликови и настани од оваа митологија е античкиот писател Аполодор. Карлос Парада пресметал дека од севкупниот досега познат литературен опус на т.н. “Грчка митологија”, Аполодор учествува со 2389 редови или со околу 19%. По него следуваат античките автори Павсанија и Хигин. Во целокпуниот досега познат литературен опус на оваа митологија Павсанија учествува со вкупно 1318 редови (околу 12%), додека античкиот автор Хигин учествува со вкупно 1259 редови (од неговите дела: “Fabulae” и “PoeticaAstronomica”), што во проценти исто така изнесува околу 12%.По нив следува Хомер, чии дела сочинуваат околу 8% од целокупниот досега познат литературен опус на т.н. “Грчка митологија”. Практично овие автори со своите дела учествуваат со над 50% од целокупниот досега познат литературен опус посветен на т.н. “Грчка митологија”. По нив следуваат: Овидие со вкупно 632 реда (околу 6%); Нонус со вкупно 570 реда (околу 5%); Хесиод со 493 реда (околу 4,6%); Диодор од Сицилија со 484 реда (околу 4,4%) и Виргилиј, кој учествува со 466 реда (околу 4%). Останатите автори учествуваат со многу помал процент. Така, на пример, Квинтус Смирнеј учествува со 361 ред (околу 3,3%); Статиј со 286 реда (околу 2,6%); Антонин Либералис со 225 реда (околу 2%); Валериј Флак со 245 реда (исто околу 2%); Аполоние Родоски 195 реда (околу со 1,8 %), а Дионис од Халикарнас учествува со 162 реда (околу 1,5%). Познатиот Еврипид во сите свои дела посветил 162 реда на настани и ликови од оваа митологија, што е околу 1,5% од нејзиниот севкупен литературен опус; Плутарх учествува со 246 реда (околу 1,3%); Херодот со 109 реда (околу 1%); Пиндар со 100 реда (околу 1%), а Партение Никејски со 98 реда (исто така околу 1%) и т.н. Интересно е тоа дека, според педантните пресметки на Карлос Парада, Есхил во севкупниот досега познат литературен опус на мотиви, настани и ликови од т.н. “Грчка митологија” учествува само со 0,5%, додека Аристофан со 0,04%. Калимах учествува со 0,4%, а Кикерон со 0,3%. Останатите автори исто така учествуваат со помал процент. Откако ги наведовме овие бројки, да направиме преглед кон етничкото потекло на најзастапените автори, т.е. творци на најголемиот дел од досега познатиот литературен опус од т.н. “Грчка митологија”. Рековме дека најзастапен автор (со 19%) е Аполодор. Тој живеел во вториот век во Александрија. Неговото етничко потекло не е познато. Но, постојат податоци за приближниот етнички состав на Александрија од крајот на 1 век по Христа (што значи само неколку децении пред појавата на Аполодор). Во тоа време во Александрија најдоминантни жители биле: Египјаните, Македонците (кои и го основале овој египетски град и кои биле негови први жители), Хелените (Грците), Евреите и Римјаните. За Македонците како жители на Александрија во тоа време пишува најпознатиот антички еврејски историчар Јосиф Флавиј (кој живеел во 1 век по Христа). Кога пишува за населувањето на Евреите во Александрија од страна на македонскиот владетел Птолемеј Први, Флавиј пишува дека овој владетел на Евреите (цитат): “...во Александрија им дал исти привилегии на граѓани, какви што имале и самите Македонци” (JewishAntiquites..XI, 12,1). Во својата книга “FlaviusJosephusagainsAppian” Флавиј исто така пишува за Македонците како жители на Александрија. Во вториот дел (6), тој пишува дека: “Грците и Македонците го поседуваа градот”, а во продолжение тој ги обвинува Египјаните дека поради расната омраза кон Евреите ги придобиле Македонците и Грците да се свртат против Евреите кои живееле во Александрија. Флавиј спомнува и еден говор на јудејскиот крал Агрипа (прв век по Христа) во кој исто така сосема јасно се спомнати Македонците како доминантни жители на Александрија, но и како жители на неколку останати области во Египет (Wars of the JewsII, 16,4). Во овој говор, зборувајќи за состојбите во градот Александрија во времето на римската окупација, Агрипа рекол: “Во Александрија... се стационирани два легиона (римски, з.м.), кои ги надгледуваат подалечните делови на Египет, како и оние делови, кои повеќе се населени од угледните Македонци”. Значи, речиси цели 400 години по основањето на Александрија, Македонците во значителна мера и натаму биле жители на овој град. Што се однесува до Аполодор, тој можел да биде Македонец, можел да биде и Хелен (Грк), но можел да биде и Евреин, па дури и Египјанин или Римјанин. Тоа што Аполодор пишувал на јазикот коине (мешан јазик создаден од неколку хеленски дијалекти, но и од бројни елементи од други јазици), апсолутно не значи дека Аполодор бил Грк. На овој јазик тогаш пишувале најголемиот број од малубројните писмени луѓе од повеќе народи на светот, затоа што тогаш јазикот коине и латинскиот јазик биле единствените два познати писмени јазици во тој простор, кои биле во поширока употреба. На јазикот коине пишувал дури и еврејскиот историчар Јосиф Флавиј, па за него никој денес не тврди дека бил “Грк” (а да не одиме понатаму, дека и еден Никола Коперник пишувал на латински, па се знае дека не бил Латин; овде се и денешните Нигеријци кои пишуваат на англиски, а не се Англичани и безброј вакви примери). Значи, останува констатацијата дека етничкото потекло на Аплодор не е познато, но факт е дека тој не потекнувал од територијата на денешна Грција. Извесно време престојувал во Пергам (Мала Азија), а потоа и во Атина. Втор, според застапеноста во досега познатиот литературен опус на т.н. “Грчка митологија” (кој учествува со 12%) е Павсанија. За него повеќе од сигурно може да се каже дека не бил никаков Грк. Тој се родил во областа Лидија (која се наоѓала во денешна Турција). Во Лидија се знае дека живеел зесебен народ Лидијци, кои зборувале на сопствен лидиски јазик. Овој јазик, заедно со хетскиот, ликискиот, палајскиот и лувајскиот јазик припаѓал на групата “Анадолски јазици”. Откако Лидија била освоена од Александар Македонски, т.е. во периодот што следел потоа, забележани се и елементи од балканската култура, но нема податоци за масовно иселување на Лидијците од Лидија, од чиј ген најверојатно потекнувал и Павсанија. Значи, и овој автор на т.н. “Грчката митологија” не само што не потекнувал од територијата на денешна Грција, туку повеќе од сигурно не бил ни етнички Грк. Трет автор според застапеноста во делата на т.н. “Грчка митологија” е Хигин. За неговиот живот малку се знае. Во светски познатата енциклопедија Британика, во врска со потеклото на овој автор читаме: “Хигин дејствувал во првиот век по Христа. Тој бил латински автор и учен кој, според Светон, од Август бил назначен како главен надзорник на Палатинската библиотека.. (Britannica, Hyginus). Значи ни третиот по застапеност автор во целокупниот досега познат литературен опус на делата од т.н. “Грчка митологија” не бил никаков Грк, ниту пак потекнувал од грчките територии, па дури и не пишувал на јазикот коине, туку на латински. Со 8% застапеност во содржините на т.н. “Грчка митологија” следува Хомер. За неговото етничко потекло исто така не се знае ништо и практично не постои никаков податок за неговиот живот. Поради тоа, денес мислењата во светската наука се поделени и во однос на тоа дали тој воопшто постоел како личност или можеби неговите дела биле напишани од повеќе автори. Во антиката и во средниот век главно се верувало дека Хомер бил единствена личност и дека тој бил автор на делата потпишани со неговото име. Но, во 1795 година авторот Ф.А. Волф објавил книга под наслов “Хомеровиот проблем” (Prolegomena ad Homerum). Во оваа книга Волф го оспорил авторството на Хомер со што отворил дебата во научната јавност која трае до денес. Денес постојат главно две групи научници. Првата смета декла Хомер постоел како личност и дека тој бил автор на “Илијадата” и на “Одисеја”, а втората група смета дека зад неговите дела стојат повеќе автори. Сето ова значи дека ни за Хомер не може да се каже дека бил “Грк”. Не само што етнонимот “Грци” не постоел во негово време, туку и затоа што дури не се знае дали и тој воопшто постоел како личност. Оние кои веруваат во неговото постоење сметаат дека потекнувал од Мала Азија. Следен автор според обемот со кој учествувал во опусот на т.н. “Грчка митологија” е Овидиј. За него рековме дека учествувал со 6%. Во врска со неговото етничко потекло, во енциклопедијата Енкарта, читаме: “Овидиј (43 пред Христа - околу 17 по Христа) бил римски поет. Овидие бил роден како Публиј Овидиј Насо во семејство на квестор од средната класа во Сулно во близината на Рим.” Значи ниту Овидиј не бил Грк, туку Римјанин, кој своите дела ги пишувал на латински. Следуваат Нонус со 5% и Виргилиј со 4% учество во досега познатиот литературен опус на т.н. “Грчка митологија”. Нонус бил Египјанец кој живеел во 5 век по Христа (Britannica, Nonnus), а за Виргилиј е добро познато дека бил римски поет, роден во едно село во денешна северна Италија, близу Мантова. Живеел од 70 до 19 година пред Христа. Од авторите на т.н. “Грчка митологија” кои не биле Грци и кои не потекнувале од етничките грчки територии ќе ги спомнеме и латинските автори Статиј, Антоние Либералис и Валериј Флак. Статиј со своите дела учествувал со околу 2,6% од севкупниот досега познат литературен опус на т.н. “Грчка митлогија”, а Антоние Либералис и Валериј Флак со по 2%. За Статиј се знае дека бил римски поет од 1 и 2 век по Христа (Britannica, Statius). Антоние Либералис исто така бил латински автор. Валериј Флак живеел во првиот век по Христа. И тој бил латински поет (Britannica, Valerius Flaccus). Да го спомнеме и Аполоние од Родос, кој учествувал со 1,8% во досега познатиот литературен опус на т.н. “Грчка митологија”. За него се знае дека живеелел во 3 век пред Христа и дека бил роден во Александрија. Автори кои учествувале во создавањето на т.н. “Грчка митологија”, кои биле со негрчко или со непознато етничко потекло биле и: Апулеј Лукиј, римски писател и филозоф, кој живеел во 2 и 3 век по Христа и бил роден на територијата на денешен Алжир; Калимах, кој живеел во 3 век пред Христа во Александрија, а потекнувал од Либија; Кикерон, кој живеел во 2 и 1 век пред Христа и бил познат римски писател и говорник; Клавдиј Елијан, кој живеел во 2 и 3 век и бил римски реторичар; Пропертиј Секстус, кој живеел во првиот век пред Христа и бил римски поет, роден во Азиси; Атенај од Наукрат, кој потекнувал од Египет и други. Овде се и подоцнежните византиски автори: Колут, Константин Порфирогенит, Стефан Визант, Јован Цецес и други. И што може да се заклучи од целиот овој преглед? Авторите кои создале над 80% од литературните дела, делумно или целосно посветени на ликовите и настаните од т.н. “Грчка митологија”, или не биле Грци или биле луѓе со непознато етничко потекло. Ова е уште еден аргумент повеќе во прилог на неоправданоста на употребата на терминот “Грчка митологија.” Барем, од аспект на етничкото потекло на нејзините создавачи, оваа митологија не може да биде “грчка”. Каква е таа “Грчка митологија” кога се знае дека огромниот дел од нејзините креатори не биле никакви Грци? Но, тоа не е се. Ако се направи преглед и на потеклото на ликовите од оваа митологија ќе се забележи дека грамаден дел од нив воопшто не потекнувале од краевите што подоцна биле сметани како грчки. Ова се однесува, како за главните богови, така и за (условно кажано) споредните ликови во оваа митологија, но за ова во некоја следна прилика. (Oд книгата „Античко-македонското наследство во денешната македонска нација – прв дел фолклорни елементи“ од авторот на овој текст. Документарна емисија со сценарио врз основа на оваа книга можете да видите на AleksandarDonskiHistoryChannel на Youtube). |