|
|
Македонска нација Да кажеме “Доста е! |
Во овие мигови кога минатото ни се пресликува во сегашноста, кога повторно ни е наметнато прашањето за нашиот идентитет потребно е храбро, одговорно и гордо да кажеме “Доста е!„ Да кажеме “Доста е!„ затоа што нашето единство денес како и многупати досега е историска потреба, затоа што само на тој начин сплотени околу заедничките национални и државни интереси можеме да продолжиме да градиме демократска, модерна и слободна македонска држава, која ќе биде почитувана и уважувана од сите народи и држави во светот. Македонскиот народ и чесните граѓани одамна го заслужуваат тоа. Конечно јасно и гласно да кажеме дека нема да дозволиме да не обезличат, посрамат и понижат. Во 1913 г. Македонија не по своја вина беше поделена од страна на нејзините соседни земји кои го искинаа нејзиното живо национално ткиво и ја поделија територијата на неколку дела. Тоа национално ткиво сеуште крвари. На сите соседни земји нека им стане јасно дека никогаш повеќе нема да се повтори Македонците да се борат за нечии туѓи и „повисоки„ интереси. Македонците немаат друга татковина, не прифаќаме никакви „кумови„ ни „кумчиња„ однадвор и одвнатре повторно да не крстат и прекрстуваат. Ние сме од памтивек крстени и нашето вековно исконско име било и вечно ке биде Македонија. Ние со векови сме биле и ќе бидеме Македонци и ништо друго освен Македонци. Драги Македонци, измачени но со големи срца во кои свети силно македонско сонце, во чии души се одржува вековниот македонски ген, денес и засекогаш гордо да кажеме „Доста е!„ Мораме да кажеме „Доста е!„ и да се потсетиме на славниот Александар Македонски (синот на Филип Втори Македонски), во чие време македонската империја се протегала на три континенти и чија крајна цел била создавање на општосветска империја, во која требало да нема граници во мешањето на различните култури и во која сите народи требало да живеат братски. „Доста е!„ и заради фактот дека христијанството во Европа за првпат почнало да се шири токму преку Македонија. Македонија и Македонците повеќе пати се спомнати во Библијата, најмногу заради мисијата на светите апостоли Павле и Лука кои престојувале во оваа земја. Првите европски христијани што се христијанизирале на тлото на Европа биле Македонци. „Доста е!„ и заради свети Климент Охридски, човекот кој ја создал кирилицата - писмо на кое денес пишуваат неколку стотици милиони Руси, Украинци, Срби, Бугари, Црногорци, Македонци и припадници на други народи. „Доста е!„ мораме да кажеме и заради Илинденскиот идеал, заради Гоце, Даме, Ченто, заради нивните знајни и незнајни соборци кои се бореа и загинаа за достоинството на Македонија и заради нашите деца и внуци и нивните потомци кои мора да опстојуваат на нашите простори. Заради сето ова и заради уште многу нешта, гордо и со крената глава да кажеме: „Доста е!„ Вечна Македонија!!! |