|
|
Нашето неединство им помага на другите |
Ангел Балкански - -Мораме да му покажеме на светот дека имаме со што да се пофалиме, дека нашата култура не е инфериорна во однос на другите, дека сме способни,имаме добра волја и умешност, достојно и самостојно да одолееме на предизвиците на иднината, дека заслужуваме да преживееме
Постојат многу искази за историјата, гледана како наука за изнесување и помнење на факти и податоци за значајни настани и личности. Во средиштето на интересирањето на оваа наука, се причините за случувањата, идеите, желбите и мотивот на актерите, времето кога нештата се збиднале, средините во кои се случиле настаните, учесниците коишто одиграле голема, некаде и пресвртна улога, за културата на луѓето, развојот на народите и придвижувањето на цивилизациите во времето и просторот. Некои од тие искази многу точно ја отсликуваат вистината за предметот на интересирањето на историјата. На пример, еден од нив е "историјата ја пишуваат победниците и силните". Се разбира, тие настојуваат да бидат вградени и почитувани нивните гледања, ставови, вистини и интереси. Оттука, со право можеме да се посомневаме во многу нешта од изнесеното во историјата.
Уважување и нашата вистина
Поаѓајќи од фактот дека ние, Македонците се наоѓаме во групата народи со недоволно признат статус, негирани, загрозени, нам ни се наложува потребата да настојуваме покрај вистината на другите да биде уважувана и нашата вистина. Се разбира, поткрепена со докази, аргументи, до-кументи. Ако сакаме да го следиме чекорот на времето, а секако сакаме, тогаш, пред се, мораме да се натпреваруваме со другите народи во градењето и создавањето на достојни дела во современи услови. Мораме да дадеме придонес во откривањето, проучувањето и толкувањето, чувањето и пласирањето на се што е достојна творба и благородно дело на луѓето од овие наши простори. Дотолку повеќе што тие вредности високо го афирмираат творечкиот гениј на нашите предци, се извонредно значајни за иднината и квалитетот на нашето живеење, значајни се за третирањето на нашиот народ и уважувањето на нашата држава. Во тој контекст треба да го разбереме и мислењето за историјата изнесено во цитатот на познатиот историчар, Линдон ла Руш:
"Што е вистинска историја? Историјата не е џунгла во која луѓето, мажи и жени, се едноставно уфрлени. Историјата не е попис на успесите и неуспесите на амбициозните луѓе и нивните лични настојувања и желби. Историјата не е хроника на она што им се случило на луѓето, народите и личностите. Историјата е наука за тоа, што човештвото си направи само на себе. Историјата е, значи, историја на идеите на луѓето, идеи кои, во краен случај, решаваат која држава е морално погодна да води главен збор и која култура на крајот ќе покаже дека, во екстремен случај, е морално неспособна да преживее, или дека е едноставно поинфериорна алтернатива која, заради општо добро, мораме да ја замениме со подобра, вистинска".
Што можеме да заклучиме и каква поука можеме да извлечеме од наведените цитати?
Како прв најприкладен одговор ни се наложува Гоцевата максима: "Светот го разбирам единствено како поле за културен натпревар меѓу народите", а потоа дека "за својата иднина самите сме одговорни". За донекаде да одговориме на прашањето: - "што човештвото си направи само на себе", а за нас прашањето, всушност, гласи: што ние правиме и си направивме себе си.
Би ве потсетил на пристапната беседа во МАНУ на писателот со моќен израз, многу почитуваниот, сега веќе починат, Петре М. Андреевски. "Кога ги маркираме духовните вредности на народот, секогаш тргнуваме од некои култни крепости и лостови на историски континуитет. Дали тоа ќе биде св. Климент Охридски, ренесансните сликари Михајло и Ефтихиј, Цепенков или Мисирков, дали Рацин или Блаже Конески?
Но, народот на кој се крепи нивната аура речиси редовно го изоставаме, зашто никогаш не сме се прашале колку сме позајмиле од него. А, со самото тоа не знаеме ни колку му должиме". Ова е во врска со нашата заборавност, или недоволна опфатеност, насоченост кон вистинските заслужници коишто придонеле за нашиот воздиг и самовреднување, ќе каже некој. Се согласувам. Но, како да го сфатиме фактот дека секоја нова политичка гарнитура смета дека македонската историја почнува со нив, дека се тие историските меѓници, предвесници на новото... Притоа не го знаат, го забораваат, недоволно го проучуваат минатото, или не ја почитуваат историјата на сопствениот народ.
Отстапки на сопствена штета
Сме се прашале ли некогаш колку е недостојно да се распродаваат, уништуваат или кријат артефактите, показите, документите... се она што ни обезбедува достојно "место под сонцето", ни обезбедува самопочит, континуитет, дигнитет, идентитет и слично? Со што, со кои аргументи, со какви непобитни факти ќе се бориме за нашата иднина во општиот културен натпревар на народите во светот...!? Колку е оправдано да се прават историски прекројувања, отстапки на штета на вистината и иднината на нашиот народ во услови кога мнозинството Македонци живеат како непризнато малцинство со неостварени човекови права и слободи во соседните држави?! Зошто, дури и во Уставот се откажуваме од грижата за нив..., и уште многу зошто и многу како... на кои нема соодветен одговор.
Шарл Бодлер вели:
"Злото се случува без напори, природно, фатално. Доброто е секогаш продукт на некоја уметност".
Оттука, слободно можеме да констатираме дека закономерноста на злото е во права пропорција со негрижата, неодговорноста, непочитта, недоветноста, некадарноста, себенесакањето. Не е случајна поговорката на нашиот народ "како ќе си постелиш, така ќе си легнеш", Тука во преден план е нејзината негативна конотација дека за никого, никаде и никогаш нема место за самобендисаност. Што значи, нужно следи апелот на посовесните граѓани: - доста со делбите, доста едниот паметен другиот попаметен, едниот суетен другиот повеќе, доста со полтронското однесување, доста со кодошењето. Ајде да работиме, да внимаваме да не пропуштиме ни една пружена шанса, да се потрудиме да добиеме свеж капитал, туѓа инвестиција, да изградиме имиџ на просперитетно општество, крајно време е да не красат постигнатите дела. Еднаш да сфатиме дека нашето неединство им користи на другите, не нам. Мораме да му покажеме на светот дека имаме со што да се пофалиме, дека нашата култура не е инфериорна во однос на другите, дека сме способни, имаме добра волја и умешност достојно и самостојно да одолееме на предизвиците на иднината, дека заслужуваме да преживееме. Дотолку повеќе што нашите предци, жители на овие простори, оствариле и ни оставиле во аманет извонредни дела. Дела од кои се уште зрачи ненадмината енергија, дела кои не обврзуваат и кои мораме да ги чуваме како зеницата на своите очи.
Свесни дека историјата е учителка за спознавање на идеите и заложбите на минатите генерации, при градењето на нашата сегашност мораме да оставиме незамаглени видици, широки перспективи и можности за достојно проектирање на иднината. Тоа е наш свет долг кон идните генерации.
Пишува: Ангел БАЛКАНСКИ
Текст објавен на 09 сетември 2009 г.
|