|
|
Учителската дејност на Свети Климент Охридски во Македонија |
Во втората половина на IX век, додека на чело на Византија биле македонски владетели, во поголемиот дел од Македонија била завладеана во составот на Првото бугарско царство на Борис и Симеон. По смртта на Св. Методиј во 885 година кирилометодиевите ученици биле прогонети од Моравија. Климент, Наум, и Ангелариј, кои избегале од Моравија и преку Белград, каде што ги прифатил бугарскиот управник Боритакан, дошле на бугарскиот двор во Плиска. Нивното враќање на Балканот, а потоа и кон изворите во Македонија, претставувало нов импулс за Св. Климент и Св. Наум Охридски да ја продолжат мисијата уште поревносно ширејќи ги притоа изворните идеи од Моравската мисија. Св. Климент се смета дека бил постојано во придружбата на сеславјанските просветители во нивните мисионерски активности уште во кнежеството на Св. Методиј и дека потекнува од тој крај на Македонија. Илија Велев, во својата книга „Византиско-македонски книжевни врски“ посочува дека ако е точен податокот на Димитриј Хоматијан кој во Житието за Св. Климент говори дека по архиепископски избор на Св. Методиј, тој го назначил за епископ на дел од диецезата во чијшто состав била и Македонија, сосема е логично по заминувањето од Моравија, Св. Климент да се врати во својата епископија, како епископ. „Бидејќи неговата диецеза, во меѓувреме била воено завладеана од бугарската држава, согласно црковните канони, ја признал надлежноста на бугарската завојувачка власт, но не и надлежноста на бугарската црковна хиерархија која била под покровителство на Цариград. Бугарската христијанска црква била управувана од византиски свештеници и архиереи, а во богослужбата и во писменоста се употребувале византискогрчкиот јазик и неговата писмена ортографија. За Св. Климент и за неговата епископија бугарската црква била туѓ организам, а истовремено и неплодна почва за ширење на изворните идеи од Моравската мисија - славјанска богослужба и просветителство“ – пишува Валев. Сепак, поддржувањето на славјанскиот јазичен и културен идентитет од страна на Византија, а подоцна и од папата во Рим, ќе биде основната причина учениците на Кирил и Методиј да бидат убаво пречекани од бугарската држава. Бугарските владетели, тргнувајќи од своите стратешки интереси, за да го зацврстат своето владеење во Македонија и да ја намалат моќта и влијанието на Византија, како и на бољарите ќе ги искористат кирилометодиевите ученици за исполнување на свои цели. Кнез Борис (864 - 889), кој во 864 година официјално го примил христијанството, за да се справи со надворешните и внатрешните закани, особено од бољарите, ќе се обиде по секоја цена да го придобие Св. Климент на своја страна. Со помошта на Борис, Климент освен во Охрид, изградил повеќе училишта и во другите краишта на областа Кутмичевица. Инаку во овој период Охрид израснал во развиен универзитетски центар т.е. во средиште на првиот славјански универзитет воопшто. За сето ова, како и за учителска дејност на Климент во Македонија дознаваме повеќе од Теофилакт Ефест или уште познат како Теофилакт Охридски. Тој спаѓа во редот на најпознатите византиски писатели од XI и XII век. Својата должност како архиепископ на Охридската архиепископија ја започна од 1081/2 г. и ја извршувал до околу 1115 г. Како архиепископ, Теофилакт напишал повеќе трудови кои содржат значајни и во повеќето случаи единствени изворни податоци за историјата на македонскиот народ. Во прв ред тоа се двете житија, т.е. Пространото Климентово житие и Житието на Тивериполските маченици, кои се првокласни извори за историјата на Македонија во крајот на XI и почетокот на XII век. Во Пространото Климентово житие Теофилакт ќе напише: „Борис не престануваше да ги насочува сите свои мисли кон тоа како да им создаде на светите мажи (Климент, Наум, и Ангелариј) полна можност за божјото дело, откако Бог му ја внуши таа мисла, тој ја оддели Кутмичевица од Котокиј, кој што го ослободи од управувањето, и го постави за управител Добета (или Домета). Го предаде блажениот Климент, а уште поточно да речам, ги предаде еден на друг: едниот како послушен во се`, а другиот да се служи со првиот како помошник при своите решенија. Климент беше испратен за учител во Кутмичевица и се издаде наредба до сите жители на таа земја да го примат светецот со почит, да го удостојуваат со подароци... И за поголем поттик (на другите) самиот Борис му предаде на триблажениот Климент три дворци во Девол, кои се одликуваа со својот раскош и му припаѓаа на комитски род. Освен тоа му подари и места за одмор околу Охрид и Главиница... А какви беа делата на Климент?... (Тој) никогаш не престана да се грижи за да не го измами кнезот во надежите, коишто тој ги полагаше во него. И навистина, обиколувајќи ги сите области што ги спомнавме, громогласно им го проповедаше на јазичниците божјиот спас... Тој имаше во секоја енорија и избраници помеѓу другите и тие никако не беа малку, зашто се набројуваа до три илјади и петстотини. Со нив тој го поминуваше повеќето од своето време и им ги раскажуваше подлабоките места од писанијата... Тој или ги учеше децата и тоа по разни начини - на едни им ги покажуваше формите на буквите, на други им ја објаснуваше смислата на напишаното, а на трети ги местеше рацете за да пишуваат, и не само дење, туку и ноќе, или се оддаваше на молитва, или се занимаваше со читање, или пак пишуваше книги, а понекогаш во едно и исто време вршеше две работи: пишуваше и им проповедаше на децата некакво знаење... Затоа и неговите ученици беа најдобри од сите по живот и по учење. Навистина беше неопходно, така добро насадените и така грижливо наведуваните да пораснат во божја помош. Од нив тој поставуваше четци, подѓакони, ѓакони и свештеници. Во секоја област тој се служеше со триста ученици без нивните помошници и тие ништо не му плаќаа на кнезот, ами му служеа на Бога и беа определени нему да му плаќаат или поскоро да му се отплаќаат. Овие дела Климент ги извршуваше во текот на цели седум години ( 886 - 893 г)“. По доаѓањето на Симеон на власт, тој на Преславскиот собор 893 година го заменил византиското свештенство со славјанско, иницирал богослужба и писменост на славјански јазик, се прогласил за цар на Бугарите и Ромеите и по 6 години ја издигнал бугарската архиепископија во ранг на патријаршија. Тогаш и славјанската епископија на Св. Климент била приклучена кон бугарската црква. Но, на токму таквата одлука ќе го предизвика Св. Климент кој се спротивставил и поднел оставка кај бугарскиот цар. Согледувајќи дека може многу да изгуби, бугарскиот владетел Симеон прави извесни отстапки околу статусот на епархијата кој не бил ист со бугарските епархии и го убедил Климента да го задржи епископскиот чин. Всушност, со овој чин, Светиклиментовата епархија ја задржува својата посебност и извесна автономија, дури и во однос на Вселенската цариградска патријаршија, што ќе биде основа и за нејзината наследничка, идната Охридска архиепископија. Посебноста на Климентовата епархија ќе се одрази и во употребата на писмото. Светите Климент и Наум, како забележува Велев, „не се помириле со поразот при филолошката конфронтација во државата на цар Симеон, иако голем дел од нивните залагања биле усвоени во идното функционирање на словенската писменост воопшто. Затоа тие се изолирале во Македонија, т.е. во Климентовата епархија, создавајќи ја Охридската книжевна школа со примената на глаголицата во писмената практика и со негувањето на изворната кирилометодиевска традиција. На тој начин, безрезервно се потврдил посебниот статус на Охридската книжевна и духовна школа и на нејзините протагонисти од средновековната бугарска книжевна традиција, прокламирана преку Преславскиот центар. Овде лежи и коренот на посебните историски развои на црквата, писменоста и книжевноста во Македонија и во Бугарија. Затоа, современите проследувачи немаат право да го искриволичуваат овој непобитен факт, а делото на Св. Климент и на Св. Наум да го преориентираат во туѓи насоки кон бугарската традиција“. Климент бил прогласен за светец наскоро по смртта (916 г.) (извор: . Илија Велев, “Византиско-македонски книжевни врски“, Скопје, 2005, стр. 41-43; „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и нацинална држава“ , тон први, Скопје, 1981, стр.68-70)
|