Култура и туризам

„Клеопатра од Кравари“ – психолошки омаж за еден губитнички карактер

Александар Донски

Александар Донски

Во мај годинава, на сцените во Rockdale, Bankstown и Wollongong, во присуство на бројна публика, беше прикажано најновото драмско дело од познатиот македонско-австралиски поет и драматург Душан Ристевски од Сиднеј, под наслов „Клеопатра од Кравари“. Неодамна, во издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, оваа драма е објавена и како книга, а овде ја приложуваме мојата рецензија посветена на неа.

Многу одамна, пред да го прочитам романот „Село Степанчиково“ од, според мнозина, најдобриот писател на светот, Фјодор Достоевски, татко ми, кој беше добар познавач на светската класична литература, ми кажа дека тоа е роман со „смешна содржина“. Но, откако го прочитав, не само што се прашував: „Што има смешно во овој роман?“, туку и сиот бев исполнет со гнев поради неговата содржина.

Имено, во романот извесен Фома Фомич постојано сака да биде во центарот на вниманието, преправајќи се дека му е „лошо“, дека постојано „страда“ и слично. И сето тоа со цел да предизвика сожалување кон себе, па, злоупотребувајќи ја добрината на луѓето кои му веруваат и го сожалуваат овој божемен „страдалник“, си ги исполнува желбите и ги постигнува своите цели. Таквата состојба останува до крајот на романот, па тоа кај читателот предизвикува чувство на гнев кон овој лик и кон немоќта на оние што го сожалуваат да ги препознаат неговите манипулации.

По читањето на романот го прашав татко ми: „Што има смешно во романот?“, а тој се насмевна и ми рече: „Ќе видиш понатаму“. И навистина, по извесно време, во нашето семејство се појави човек со ист карактер како Фома Фомич! Постојано се жалеше дека нешто му „фали“, дека тој „страда“ и слично, иако, се разбира, не му беше ништо, а така се однесуваше со цел да предизвика сожалување кон себе и да биде во „центарот на вниманието“. Е, тогаш навистина се насмеав, помислувајќи: „Еве го Фома Фомич. Татко ми беше во право…“ Подоцна, низ животот, сретнав уште такви карактери и секогаш се смеев кога во нив го препознавав ликот на Фома Фомич.

Зошто го напишав овој вовед? Голем писател е оној што успева убедливо да обелодени и разоткрие специфични карактери кај луѓето и истите да ги претстави пред јавноста. Без сомнение, таков е случајот и со познатиот драматург и поет Душан Ристевски.

Во своето најново дело „Клеопатра од Кравари“, тој продолжува да анализира и осветлува типични психолошки карактери од нашето секојдневие. Овој пат тоа е карактерот на една крајно неодговорна и саможива личност, која е единствено опседната со задоволување на своите лични, честопати мегаломански желби, не водејќи грижа за светот околу себе, односно за своите најблиски.

Иако овој лик во драмата е олицетворен преку Македонката од Сиднеј, родум од битолското село Кравари, по име Каља, која себеси, во согласност со својот карактер, се нарекува Клеопатра, со цел нејзиното име и имиџ да изгледаат „кралски“, јасно е дека ваквиот тип жени, но во обилна мера и мажи, е присутен кај секој народ.

Каља е безобѕирна, нарцисоидна и бесчувствителна жена. Таа води сметка исклучиво за својот изглед и за личното уживање, за што троши од заедничките пари и со тоа го загрозува финансискиот опстанок на семејството, кое не го плаќа земениот кредит навреме, поради што банката им ја одзема куќата. Дури и кога добиваат последна опомена од банката, таа, наместо да се загрижи, заминува на луксузно крстарење со парите што нејзините родители ѝ ги даваат за да плати дел од кредитот.

Авторот Душан Ристевски сосема успешно го опишал карактерот на Каља преку фрагменти од нејзиното однесување. Таа никогаш не признава дека е виновна за што било, туку за сите проблеми што самата ги создава постојано ги обвинува другите, а најмногу својот сопруг Најдо, кого го нарекува „неспособен“ и кого на крајот дури и го изневерува со помлад маж од неа, надевајќи се дека и него ќе го искористи финансиски.

Наспроти Каља, односно Клеопатра, е нејзиниот сопруг Најдо, родум од селото Свињиште. Тој е типичен претставник на маж со слаб карактер. Освен што постојано негодува поради трошењето пари од страна на жена му, не е во состојба да преземе ништо во практика за да го спречи тоа.

Тие имаат два возрасни сина. Едниот, Андрју, откако влегол во конфликт со мајка му, која се спротивставила на изборот на неговата свршеница, ги прекинал сите контакти со неа, па дури и не ја поканил на својата свадба. Другиот син, Чарлс, живее со нив, но и тој е сѐ повеќе свесен за пустошот што го остава мајка му, па на крајот, откако добиваат налог да се иселат од куќата, се сели кај својот брат Андрју.

Заедно со Каља и Најдо живеат нејзините родители Соколе и Бојана. Тоа се постари луѓе кои не се во добри односи со зетот, но не се воздржуваат да ја критикуваат и својата ќерка поради нејзиното неодговорно однесување.

На авторот Душан Ристевски треба да му се оддаде признание и за описот на карактерот на таткото Соколе, кој е опседнат коцкар и кој, без знаење на својата сопруга, си ја продал куќата во родното село Кравари.

Имено, кај повеќе авторски дела, книги, филмови, драми и слично, сум забележал дека авторите не секогаш водат сметка за описите на карактерите на родителите и нивните деца, кои во најголем број случаи во животот, во значителна мера, се совпаѓаат. На пример, ако таткото е молчалив човек, многу е веројатно дека и едно од неговите деца ќе биде такво.

Кај добар дел автори ова се испушта од предвид, но кај Душан тоа е сосема прецизно детектирано и претставено – Каља, односно Клеопатра, всушност, по карактер, во голема мера е метната на својот татко, кој е исто така неодговорен, иако Каља далеку го надминува.

Како ликови во драмата се среќаваат и родителите на Најдо – чесни луѓе, кои се принудени да се приспособуваат на условите во кои се наоѓаат поради пустошот што го прави нивната снаа. Па и тие се спуштаат на нивото на односите во ова растурено семејство – се караат и расправаат со своите сватови, користејќи најдолни навреди.

И овде авторот Ристевски се погрижил за врската родител-дете од аспект на совпаѓањето на нивните карактери. Родителите на Најдо се чесни, па и тој од нив го наследил својот карактер.

Во драмата се појавува и ликот на водоводџијата Антони, кој, како и голем број мажи, не ја пропушта можноста сексуално да ја искористи Каља, односно Клеопатра, која самата му се нуди, а која потоа тој ја откачува.

На крајот, Каља, односно Клеопатра, се разведува од Најдо, кој оди да живее со своите родители, а на Каља и на нејзините родители им ја нуди својата празна куќа во селото Свињиште. Каља е разочарана, но на крајот малку се развеселува кога татко ѝ, за да ја смири, ѝ кажува дека можеби и во Свињиште ќе си најде некој богат свињар, а таа го прашува дали ќе биде толку богат за да може да ја испрати во Дубаи.

Драмата „Клеопатра од Кравари“, во суштина, е социјална драма која изобилува со комични сцени и низ која повремено се насетуваат сегменти од таканаречениот „магичен реализам“, односно не сосема реални сцени со реални ликови, кои учествуваат во креирањето на севкупниот впечаток и крајната цел на ова дело.

А тоа е успешното претставување на карактерите што погоре ги спомнавме, кои, во поголема или помала мера, можат да се препознаат во сечија околина.

Можеби карактерот на Каља ќе предизвика гнев кај читателите, исто како и ликот на Фома Фомич што го спомнав на почетокот, но сигурно е дека, кога во својата околина ќе препознаат некој повеќе или помалку сличен карактер, ќе се присетат на нејзиниот лик, кој во драмата „Клеопатра од Кравари“ е успешно опишан и анализиран од Душан Ристевски.

Најново од: Култура и туризам

Свети Нестор – празник на верата, народните верувања и есенското садење

Меѓу празниците што ја поврзуваат духовната традиција со секојдневниот живот на македонскиот народ е и празникот на светиот маченик Нестор Солунски. Неговиот спомен, кој се празнува на 9 ноември, ден по Митровден, во одделни македонски краишта е проследен со обичаи за заштита на житото, садење овошки и почитување на мајсторскиот труд. Именден на овој ден […]

Свети великомаченик Димитриј Солунски – Митровден

Именден слават: Димитар, Димитриј, Димитрија, Димитрие, Диме, Димо, Митре, Митко, Мите, Димитрина, Димитрија, Димка, Митра и Митка На 8 ноември, односно на 26 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на светиот великомаченик Димитриј Солунски. Празникот, кај народот познат како Митровден, со векови зазема значајно место во духовниот и […]

Свети апостол Јаков, брат Господов – првиот епископ на Ерусалим

На 5 ноември, односно на 23 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на свети апостол Јаков, брат Господов. Според православното предание, свети Јаков бил син на праведниот Јосиф од неговиот претходен брак. Називот „брат Господов“ се поврзува со неговото место во семејството на Јосиф, свршеникот на Пресвета Богородица. […]

Пренос на моштите на свети Јован Рилски – празникот и историјата на Рилскиот манастир

На 1 ноември, односно на 19 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележа преносот на моштите на свети Јован Рилски. По повод празникот, потсетуваме на неговото духовно наследство и на историјата на Рилскиот манастир — светилиште во чија изградба и украсување учествувале истакнати градители, зографи и копаничари. Свети Јован Рилски […]

manastir-selo-sogle

Манастирот „Рожденство на Пресвета Богородица“ кај Согле – духовен мир во срцето на Азот

Во прекрасен планински амбиент, на околу три километри од селото Согле, во Општина Чашка, се наоѓа манастирот „Рожденство на Пресвета Богородица“. Сместен во областа Азот, на околу 30 километри југозападно од Велес, овој храм е место на молитва, тишина и душевен спокој. За историјата на манастирот се зачувани малку пишани податоци. Според достапните записи и […]

Свети преподобен Прохор Пчињски – пустиножител и чудотворец

На 1 ноември, односно на 19 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на свети преподобен Прохор Пчињски. Во православната традиција тој се почитува како голем подвижник, молитвеник и чудотворец, кој својот живот го посветил на Бога, на постот и на молитвата. Свети Прохор живеел во XI век. Според […]

Свети апостол и евангелист Лука – животот, делото и поврзаноста со Македонија

На 31 октомври, односно на 18 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на светиот апостол и евангелист Лука. Лекар, благовесник и верен соработник на светиот апостол Павле, тој оставил трајно сведоштво за Христовото учење и за ширењето на христијанството. Според православното предание, свети Лука бил вброен меѓу Седумдесеттемина […]

Писмо и текст на македонски јазик стари 2.200 години

Македонските истражувачи Томе Бошевски и Аристотел Тентов понудија поинакво толкување на средниот текст на Каменот од Розета, тврдејќи дека е напишан на јазикот на античките Македонци Текст на египетски камен во местото Розета е дешифриран како антички македонски напис, тврдат македонските научници академик Томе Бошевски и проф. Аристотел Тентов од Електротехничкиот факултет, по неколкугодишни истражувања. […]

To top