Култура и туризам

Успение на Богородица претставено во средновековни ракописи–дел I (17)

Славе Катин

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА ЗА МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ ВО СЛИВНИЦА ОД Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВСКА-АНТИЌ И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН

Тиквешкиот текст потекнува од 15-от век. Најстар препис, и тоа јужнословенски, открил и објавил А. Попов од 13-от век, како и еден најстар руски препис од 14-от век. Епизодата со Евреинот кој сакал да го симне одарот, и на кого му биле отсечени, а потоа вратени рацете од Богородица, се среќава и во елинските (грчките) верзии, кои преминувале кај нас. Еден таков целосен текст објавил Тишендорф.

Овој настан влегува и во чудата на Богородица, што говори и за големата популарност среде нашиот народ. Чудата на Богородица се внесени во канонските дела, во средновековните книжевни жанри, во народното творештво, и на Исток и на Запад. Иванка Петровиќ, научник која се занимавала подолгорочно со чудата на Богородица, не случајно забележува:

„Се чини дека чудата на Богородица немаат татковина и најверојатно ќе остане напразен обидот таа да се пронајде. Тие му припаѓаат на целото христијанство. Едно е, сепак, потполно сигурно: Богородичните миракули се западноевропски вид. Франција има најмногу право да се нарече, ако не лулка, но барем расадник на Богородичните чуда.” И уште еден факт останува зацврстен: распространетоста на чудата на Богородица во сите западни и источни средини ги чини заеднички, како што е случај со повеќе средновековни жанри.

Овој настан оставил уметнички траги во македонската средновековна иконографија и фрескосликарство. На прв план треба да ја апострофираме охридската композиција во црквата Света Софија, на западниот дел од калотата, посебно претставена од Ц. Грозданов. Во неа апостолот Тома е одвоен од другите апостоли и стои над гробот.

Во охридската Богородица Перивлепта, Тома и Богородица се среќаваат во облаците и Пресветата му го подава својот појас. Овде се среќава и сликата на Евреинот со пресечените раце. Мотивот се среќава на икона од охридската црква Свети Никола Геракомија од 14-от век, потоа во икона од 16-от век, изработена од Димитар Зограф од село Леуново (сега се чува во Музејот во Битола), итн.

За разгранетиот и длабок култ на мајката Божја во Македонија говорат и големиот број цркви што го носат нејзиното име. Вакви градби, постари и понови, постојат над 130. Нив ги има во сите делови на Македонија. Меѓу нив, според старината и значењето ја апострофираме Света Богородица Елеуса, во селото Вељуса, Струмичко.

Се смета дека црквата била изградена во 1080 година од струмичкиот епископ Манојло. Според легендите од овој крај црквата била изградена и пред оваа година од страната на светите Кирил и Методиј. Во Дебар во 1018 година бил подигнат манастир со името Света Богородица. Лесновскиот манастир имал два скита именувани со нејзиното име. Интересна градба е и црквата Воведение на света Богородица во селото Кучевиште, Скопска Црна Гора (12-13 век).

Посебен интерес предизвикува и црквата Света Богородица над селото Лешок – Тетовско. Потсетува на најстарите цркви изградени во Охрид и Преспа. Некои историчари на уметноста сметаат дека нејзината старост е на ниво на основањето на Охридската архиепископија. Од 13-от век потекнуваат црквите со нејзиното име: црквата во селото Сушица – Скопско, во Македонски Брод, во Матка – Скопско.

Посебна важност има црквата Света Богородица – Челница во Охрид (до Мали Свети Врачи), потоа црквата во близината на селото Пештани – Охридско, црквата Света Богородица Панданоса во Петрич, Пиринска Македонија, а во селото Пишкопеја (денес во Албанија) нејзината старина не води до 11-от век.

Познати се уште: Св. Богородица Пречиста во Прилеп, манастирот Успение на Света Богородица (Роженски) до градот Мелник, од 12-от век, манастирот Успение на Света Богородица до Сисаниј, Егејска Македонија, Света Богородица Троеручица во Скопје, друга црква во Скопската тврдина, Света Богородица Тетовска од 12. век, Света Богородица во селото Трново, Битолско, итн.

Меѓу ретките развиени манастирски центри со стара традиција и формирање на богато ракописно наследство, се истакнува Света Богородица Пречиста, Кичевско, познат и како Крнински манастир. Потекнува од 14-от век, а низ вековите бил доградуван, обновуван и палена. За време на отоманското владеење во него се препишувале значајни словенски ракописи.

Во 1848 година дебарскиот грчки владика Мелетиј наредил да се запалат сите ракописи што ги видел во манастирот. Во него постоела и Школа за свештенички кадар, a во него престојувале и македонските просветители Јоаким Крчоски и Кирил Пејчиновиќ. Во него бил пронајден и познатиот Крнински дамаскин од 16-от век, кој денес се чува во Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков”.

Продолжува

Најново од: Култура и туризам

Пештерната црква „Св. Богородица“ кај Туминец

Во пазувите на карпестиот предел Орлов Рид, недалеку од селото Туминец и македонско-албанската граница, се наоѓа еден од највредните средновековни пештерни храмови во областа Преспа – црквата „Св. Богородица“. На околу педесет минути пешачење источно од селото Туминец, во карпестиот предел Орлов Рид, на само десетина метри од границата со Република Македонија, се наоѓа овој […]

Апостол Павле – гласникот кој го рашири христијанството

Христијанството е религија на оние кои веруваат во Исус Христос и го следат неговиот живот и учење, кои се среќаваат во Новиот завет на Библијата. За христијаните, Исус Христос е Син Божји и спасител на човештвото. Затоа христијанството станува масовна светска религија со околу 2,1 милијарда верници во светот. Инаку, зачетоците на христијанството датираат уште […]

Битолскиот триод – македонски ракопис од XII век, однесен од Македонија во Софија во 1907 година

Битолскиот триод е еден од најзначајните средновековни книжевни споменици од Македонија. Напишан е на пергамент со кирилско писмо, но содржи бројни глаголски вметнувања и јазични особености карактеристични за западномакедонските говори и за Охридската книжевна школа. Битолскиот триод, познат и како Кичевски триод, претставува исклучително вреден македонски средновековен ракопис. Во науката најчесто се датира во втората […]

Успение на Пресвета Мајка Богородица

Дел од монографијата за манастирот „Света Богородица“ во Сливница, од д-р Вера Стојчевска-Антиќ и Славе Николовски-Катин Кога мудреците му се поклониле на Младенецот, заминале по друг пат во татковината, бидејќи добиле на сон известување од Бога да не се враќаат пред Ирод. На Јосиф му се јавил на сон ангелот и му рекол: „Стани, земи […]

Кокино – камениот сведок на древната македонска цивилизација

На североистокот од Македонија, меѓу пространите падини на Козјачијата и тишината на старонагоричанскиот крај, се издига Татиќев Камен – природен престол од вулкански карпи на кој пред речиси четири илјади години човекот го насочил погледот кон небото. Тука се наоѓа Кокино, еден од најзначајните археолошки локалитети од бронзеното време во Македонија и пошироко на Балканот. […]

Во Охрид промовирани две дела на Славе Катин

Пишува: ВЕЛЕ МИТАНОСКИ. На 20-ти авгусат 2026 година, во „Прличевата одаја“ на  НУ Библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид беа промовирани делата „Славе Катин – живот и дела“ и „Патувања околу светот“ на Славе Катин, со што беше одбележан големиот јубилеј 85 години живот и 50 години творештво на познатиот новинар и публицист Славе Николовски – […]

Преображение во Голо Брдо – празник што ги обединува Македонците

Празникот Преображение Господово има посебно значење за Македонците од областа Голо Брдо, како и за македонското население од поширокиот дебарски крај во Албанија. На овој ден, црквата „Свето Преображение“ во селото Ербеле традиционално станува средиште на голем празничен собир. Македонците по потекло од Ербеле, село во областа Поле, позната и како Долни Дебар, во Албанија, […]

Раѓањето на Исус Христос

Дел од монографијата за манастирот „Света Богородица“ во Сливница, од д-р Вера Стојчевска-Антиќ и Славе Николовски-Катин Во последните столетија пред раѓањето на Исус Христос, Јудеја речиси постојано се наоѓала под туѓо ропство. По владеењето на Персијците, била под власта на Александар Македонски, а по неговата смрт — под власта на Египет, а потоа и на […]

To top