Македонски легенди

Виктор Самуел Мизрахи – Евреин кој ја сакаше Македонија и работеше за нејзината добробит

Мане Јаковлески

Роден 1950 година во Скопје, почина 1 септември 2022 година во Скопје

„Да се живее со достоинство, чест и образ на земјата, значи да се има мир на небото.“ Животна мисла на Виктор Мизрахи, пренесена од неговата ќерка Рашела по неговата смрт.

Постојат луѓе што не ја докажуваат љубовта кон татковината само со зборови, туку со дела што остануваат по нив. Со изградени институции, зачувана историја, создадени пријателства и со постојана грижа за луѓето меѓу кои живеат.

Таков човек беше Виктор Самуел Мизрахи.

Тој беше Евреин по потекло, вера и традиција, но Македонија неговата татковина ја сакаше. Земја во која со векови живееле неговите предци, за чија слобода се борел неговиот татко и за чија добробит Виктор работеше во текот на целиот свој јавен живот.

Како претседател на Еврејската заедница, почесен конзул на Државата Израел и учесник во бројни домашни и меѓународни иницијативи, Мизрахи придонесуваше за обновувањето на еврејскиот живот, за зачувувањето на споменот за македонските Евреи и за градењето мостови меѓу Македонија и Израел.

Син на преживеан од семејството уништено во Треблинка

Виктор Самуел Мизрахи е роден во 1950 година во Скопје, во семејството на Самуел и Злата Мизрахи. Потекнувал од старо сефардско еврејско семејство, чии предци со векови биле дел од животот на Македонија.

Неговата семејна историја била обележана со една од најголемите трагедии во македонското минато.

Холокаустот речиси целосно го уништил поширокото семејство Мизрахи. Виктор сведочел дека биле депортирани 81 член од неговата семејна гранка – од неговата 105-годишна прабаба до нејзините правнуци.

За Виктор холокаустот не бил само историска лекција или бројка во архивите. Тој бил празнината во семејниот албум, отсуството на десетици роднини и сознанието дека цели семејства од Скопје, Битола и Штип биле однесени од своите домови и убиени во логорот на смртта Треблинка.

Неговиот татко Самуел бил единствениот преживеан од тоа семејство. Самуел Мизрахи бил и учесник во антифашистичката борба. По завршувањето на Втората светска војна, заедно со Хаим Садикарио и Бенјамин Самоковлија, ја посетил Треблинка и оттаму донел пепел од убиените македонски Евреи.

Децении подоцна, Виктор го продолжил делото на својот татко.

Отворањето на синагогата на истиот датум, денот на уништувањето станал и ден на духовното обновување.

Од 1996 до 2004 година, Виктор Мизрахи бил претседател на Еврејската заедница во Република Македонија.

Тоа бил период во кој малобројната заедница се обидувала повторно да го зацврсти својот верски, културен и општествен живот. По уништувањето во 1943 година и иселувањето на голем дел од преживеаните, во Македонија останале само неколку стотици Евреи.

Пред Виктор и неговите соработници стоеле големи задачи: да ја зачуваат сефардската традиција, да ги поврзат младите со нивниот идентитет, да воспостават односи со Израел и со светските еврејски организации, да го решат прашањето на одземениот имот и да создадат институции што ќе сведочат за животот и страдањето на македонските Евреи.

Еден од најзначајните резултати од неговото претседателствување било отворањето на синагогата „Беит Јаков“ во Скопје на 11 март 2000 година.

„Тоа е исполнување на еден сон“, изјавил Виктор Мизрахи. По повеќе од половина век, во Скопје повторно се слушнала еврејска молитва. Тоа било потврда дека еврејскиот живот во Македонија не завршил во март 1943 година.

Датумот не бил случајно избран. На 11 март 1943 година бугарските окупаторски власти ги собрале Евреите од Скопје, Битола и Штип и ги затвориле во скопскиот Монопол. Оттаму 7.144 македонски Евреи биле депортирани во Треблинка. Ниту еден од нив не се вратил.

Од борбата за одземениот имот до Фондот на холокаустот

Виктор Мизрахи бил еден од луѓето што активно се вклучиле во решавањето на прашањето на имотот одземен од македонските Евреи. Во нивното создавање учествувале повеќе луѓе и институции. Но тој бил меѓу клучните личности во периодот кога се поставувале нивните правни, политички и меѓународни темели.

Проблемот бил особено тежок затоа што голем број сопственици биле убиени во Треблинка заедно со своите деца и наследници. Нивните куќи, дуќани, земјиште, пари и накит останале без живи наследници што би можеле да го побараат имотот.

Еврејската заедница во 1997 година доставила предлог до Владата за решавање на прашањето. На 30 мај 2000 година владата на Никола Груевски донела законско решение според кое имотот на еврејските жртви без наследници се насочувал во посебен фонд. Така биле создадени основите на Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија.

Средствата биле наменети за меморијални, образовни, истражувачки и културни цели. Тоа претставувало редок пример на историска и реститутивна правда: имотот на убиените да служи за зачувување на нивното име.

На 11 март 2011 година, Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ) во состав:

  1. Адвокат Љиљана Мизрахи – претседател, претставник на Еврејската заедница
  2. Проф. д-р Панде Лазаревски – потпретседател, претставник на Владата на Република Македонија
  3. Манојил Мане Јаковлески – член, претставник на Владата на Република Македонија
  4. Дипл. град. инж. Предраг Кениг – член, претставник на Еврејската заедница
  5. Елизабета Симоновска – член, претставник на Владата на Република Македонија
  6. Томислав Илиев – член, претставник на Еврејската заедница

го организираше официјалното отворање на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Скопје. Овој историски настан се совпадна со 68-годишнината од депортацијата на македонските Евреи.

Меморијалниот центар – траен дом на сеќавањето

Виктор Мизрахи уште во деведесеттите години зборувал за потребата Македонија да добие Меморијален центар посветен на животот и уништувањето на нејзината еврејска заедница.

Со векови таму постоеле еврејски домови, дуќани, училишта и синагоги. Со изградбата на центарот, еврејското присуство симболично се вратило во срцето на градот – како музеј, архив, образовна институција и место на совеста.

Центарот не ја раскажува само смртта на македонските Евреи. Тој сведочи и за нивниот живот, вера, култура, јазик, музика, занаети и придонес кон Македонија.

На отворањето Виктор зборувал за својот татко како единствен преживеан од семејството од 81 член. Во новиот центар биле пренесени и урните со пепелта донесена од Треблинка.

Така се затворил еден историски круг.

Виктор учествувал и во заложбите за поставување спомен-обележје за македонските Евреи во Треблинка. Тоа не било само место на национална трагедија, туку и место каде што биле убиени десетици членови на неговото семејство.

Мост меѓу Македонија и Израел

Виктор Самуел Мизрахи бил именуван и за почесен конзул на Државата Израел во Македонија, со седиште во Скопје.

Во таа улога работел на продлабочување на дипломатските, културните, меморијалните и стопанските односи меѓу двете држави. Ја претставувал приказната за македонските Евреи пред американски и европски институции и учествувал на конференции за борба против антисемитизмот и за враќањето на имотот од времето на холокаустот.

Соработувал со претставници на Јад Вашем, Американскиот еврејски комитет, Светскиот еврејски конгрес и со други меѓународни организации.

Но неговата работа никогаш не била насочена само кон интересите на една заедница.

За време на косовската криза во 1999 година, Еврејската заедница под негово раководство учествувала во хуманитарна помош за бегалците без разлика на нивната вера или народност. Помош добивале Албанци, Срби, Роми и други погодени лица.

Мизрахи нагласувал дека Евреите отсекогаш ја споделувале судбината на луѓето во Македонија.

Токму во тоа се гледала неговата љубов кон земјата. Тој не ја гледал еврејската припадност како нешто одвоено од Македонија. Неговото семејство било еврејско по вера и традиција, но Македонија била нивната татковина.

Чувар на вистината, но и човек на соживотот

Виктор Мизрахи се спротивставувал на антисемитизмот, заборавањето и историскиот ревизионизам.

За него вистината не била средство за создавање омраза кон денешните народи, туку обврска кон жртвите. Помирувањето не може да се гради врз заборавање, ниту пријателството меѓу денешните генерации бара бришење на одговорноста на тогашните Бугарски фашистички окупациски власти.

Во јавноста останала запаметена неговата порака: „Кој ќе ја заборави историјата, нема да постои.“

Истовремено, за време на конфликтот во Македонија во 2001 година, тој се вклучил во иницијативите за меѓуверски дијалог и помирување. Работел со претставници на Македонската православна црква, Исламската верска заедница, Католичката и Евангелско-методистичката црква.

Човек чие семејство било речиси целосно уништено поради омраза, не ја користел својата трагедија за нови поделби. Напротив, работел за мир, почитување и соживот во Македонија.

Во приватниот живот, Виктор Самуел Мизрахи беше посветен сопруг, татко и дедо. Со сопругата Љиљана го создадоа своето семејство: синот Рахамин-Рале, снаата Наѓа и внукот Јаков, како и ќерката Рашела, зетот Александар и внуката Рина. Семејството беше неговата најголема поткрепа и продолжувач на споменот за неговиот живот, дело и љубов кон Македонија.

Живот посветен на добробитта на Македонија

Виктор Мизрахи помогна повторно да се отвори синагога во Скопје.

Учествуваше во создавањето на Фондот на холокаустот и на Меморијалниот центар.

Работеше името на македонските Евреи да биде трајно запишано и во Треблинка.

Ги поврзуваше Македонија и Израел.

Помагаше луѓе без разлика на нивната вера или народност.

Се залагаше за мир меѓу верските заедници.

Ја бранеше историската вистина со документи, институции и дела.

Но неговото најголемо достигнување беше тоа што помогна една речиси уништена заедница повторно да стане видлива.

Виктор се бореше против второто исчезнување на македонските Евреи – исчезнувањето од сеќавањето. Затоа тој не треба да биде запаметен само како претседател на Еврејската заедница или како почесен конзул на Израел. Треба да биде запаметен како Евреин кој ја сакаше Македонија и работеше за нејзината добробит.

„Те почитував како брат“

Виктор Самуел Мизрахи почина на 1 септември 2022 година во Скопје, на 72-годишна возраст.

Тој не беше само истакната јавна личност, еврејски лидер и почесен конзул. За мене беше близок пријател и човек кого го почитував како брат.

На неговото последно испраќање му се обратив со зборовите:

„Виктор, те почитував како брат. Целиот свој живот се трудеше и даваше сè од себе за своето семејство, за Евреите и за Македонија. Сега, кога нè напушти, јас ја преземам обврската да се грижам за твоето семејство. Почивај во мир, брате мој.“

Тоа не беа само зборови на збогување, туку искрено сведоштво за човекот што го познавав – за неговата посветеност кон семејството, за неговата грижа за Еврејската заедница и за неговата неуморна работа во служба на Македонија.

Постхумно му беше доделено признанието „Вељо Манчевски“ за особен придонес во развојот на Еврејската заедница во Република Македонија и во унапредувањето на меѓуверската соработка.

Виктор остави дело, спомени и човечка трага што нема да избледат.

Почивај во мир, брате мој.

На Виктор Самуел Мизрахи заслужено му припаѓа местото меѓу легендите на Македонија.

Најново од: Македонски легенди

Петар Божиновски – Пецо

Петар Божиновски – Пецо, познат и под партизанското име Кочо (15 јануари 1920 – 26 септември 1970), бил македонски револуционер, учесник во Народноослободителната борба и народен херој. Како организатор, курир и политички раководител учествувал во повеќе значајни борбени акции. Во текот на војната бил двапати ранет, но продолжил да се бори до ослободувањето на Македонија. […]

Рафаел Батино – револуционерот од Битола познат како Миша Цветковиќ

Рафаел Јосеф Батино бил комунист, синдикален активист и учесник во Народноослободителната борба. Неговиот животен пат водел од Битола и Мексико до затворот во Сремска Митровица и партизанските боишта во Санџак. Меѓу соборците бил познат како Миша Цветковиќ. Рафаел Јосеф Батино е роден на 14 јануари 1910 година во Битола, во угледно сефардско еврејско семејство. Основното […]

Владимир Полежина – од доктор на Сорбона и творец на актите на АСНОМ до заточеник на Голи Оток

Владимир Полежина е роден на 30 мај 1913 година во Кичево, а починал на 16 јуни 1980 година во Скопје. Владимир Полежина ибл истакнат македонски интелектуалец, учесник во Народноослободителната борба, делегат на Првото заседание на АСНОМ и еден од творците на неговите државотворни акти. Во 1932 година се запишал на Универзитетот Сорбона во Париз, каде […]

Крсте Црвенковски – народен херој и бранител на македонската кауза

Крсте Црвенковски е една од најзначајните личности во македонската политичка историја од втората половина на XX век. Револуционер, учесник во Народноослободителната борба, народен херој, политичар, реформатор, публицист и дисидент, тој остави длабока трага во борбата за македонската национална самобитност и за поголема рамноправност на Македонија во југословенската федерација. Роден е на 16 јули 1921 година […]

Д-р Хаим Абраванел – лекарот што го посвети животот на човечноста

Еврејскиот лекар, интернист и кардиолог д-р Хаим Абраванел остави длабока трага во македонското здравство. Го преживеа холокаустот, загуби голем дел од семејството во Треблинка, а подоцна и своите деца во катастрофалниот земјотрес во Скопје. Д-р Хаим Абраванел е роден на 25 декември 1896 година во Пирот, тогаш во Кралството Србија, во многучлено семејство со 11 […]

Питу Гули – легендарниот војвода и херој од Мечкин Камен

Питу Гули е роден во 1865 година во Крушево, а загинал на 12 август 1903 година на Мечкин Камен. Тој бил македонски револуционер, член и војвода на Тајната македонско-одринска револуционерна организација и еден од најистакнатите учесници во Илинденското востание. Со својата храброст и подготвеност да се жртвува за слободата на Македонија станал легендарен јунак, опеан […]

Ѓорѓи Поп Андов,

Ѓорѓи Поп Андов (1903–1969) – лекарот што ја постави основата на современата фтизиологија во Македонија Ѓорѓи Поп Андов (1903–1969) е еден од пионерите на македонското здравство, лекар, фтизиолог и учесник во Народноослободителната борба. Особено е запаметен како основач и прв управник на Специјалната болница за туберкулоза во Битола, институција која одиграла клучна улога во борбата […]

Ѓорѓи Наумов, Блаже Рогозинаро и Кочо Десано – тројцата битолски револуционери обесени во Скопје

На 21 јули 1942 година, по пресуда на бугарскиот окупаторски воен суд, во Скопскиот затвор биле обесени Ѓорѓи Василев Наумов, Блаже Димитровски – Рогозинаро и Кочо Десанов – Десано. Тројцата биле истакнати учесници во македонското националноослободително движење и организатори на антифашистичкиот отпор во Битолско. На 21 јули 1942 година во Скопскиот затвор биле извршени смртните […]

To top