36 години по историското основање на ВМРО-ДПМНЕ, илјадници граѓани во Струмица испратија порака на единство, надеж и верба во Македонија, потврдувајќи дека идејата родена на 17 јуни 1990 година и денес живее со истата сила и енергија.

17 јуни 2026 година во Струмица не беше обичен ден. Тоа беше ден за паметење. Ден исполнет со гордост, емоции и силни пораки. Ден кога повторно се почувствува духот на историскиот 17 јуни 1990 година. Ден кога беше чест да се биде дел од таа величествена атмосфера. Ден кога со особена гордост се чувствувавме како основачи и ветерани на ВМРО-ДПМНЕ.

Кога претседателот Христијан Мицкоски праша: „Дали сте подготвени да ја испратиме најсилната порака од Струмица, народот повторно верува, повторно се обединува и повторно гледа напред кон идна голема победа на ВМРО-ДПМНЕ?“, следуваше аплауз што нѐ врати 36 години назад.
Во тие моменти многумина од нас повторно ги слушнаа звуците од Домот на младите во Скопје на 17 јуни 1990 година. Истата надеж. Истата енергија. Истата верба во Македонија.
Во Струмица не бевме собрани само за да одбележиме јубилеј. Бевме собрани да покажеме дека идејата која ја создадовме пред 36 години не само што преживеа, туку денес е посилна од кога било. Таа идеја отсекогаш имала едно име – Македонија.
Од Струмица беше испратена силна порака дека Македонија повторно има надеж. Повторно има визија. Повторно има народ кој верува во себе, во својата сила и во својата иднина.
Тоа не се гледаше само во илјадниците црвено-жолти знамиња што гордо се вееја над собирот. Се гледаше во погледите на луѓето, во насмевките, во ракувањата, во прегратките и во енергијата што ја чувствуваше секој присутен.
Во Струмица се случи народ. Реки од народ пристигнаа од сите делови на Македонија. Дојдоа Македонци од Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија, од Мала Преспа, од дијаспората и од сите краишта каде што чука македонско срце. Сите патишта водеа кон Струмица.
Тоа беше народна сила. Тоа беше гласот на народот. Гласот на луѓето кои никогаш не се откажале од својата татковина. На луѓето кои останале исправени и кога било најтешко. На луѓето кои знаат дека Македонија може повеќе и подобро. На луѓето кои веруваат во ВМРО-ДПМНЕ, во Македонија и во политиките предводени од Христијан Мицкоски.
За нас, основачите и ветераните, 17 јуни 2026 година беше ден што нѐ потсети на почетоците. На времињата кога се боревме за идејата во која верувавме. На предизвиците, нападите, притисоците и искушенијата низ кои поминавме. Но нѐ потсети и на нешто многу поважно – дека вредеше.
Вредеше затоа што денес гледаме нови генерации кои ја продолжуваат борбата. Гледаме народ кој повторно верува. Гледаме држава која повторно се движи напред.
Особено силно одекна пораката на претседателот Мицкоски дека Македонија забрзува. Дека и покрај сите проблеми оставени од минатото, секој ден се прават сигурни чекори напред. Можеби мали, но цврсти и сигурни. Чекори што ја водат Македонија кон подобра иднина.
Во неговиот говор беше содржана суштината од ВМРО до денешното ВМРО-ДПМНЕ – истрајноста, вербата и љубовта кон Македонија. Силата повторно да се стане кога некој мислел дека сме паднале. Силата да се продолжи напред кога било најтешко.
Историјата на ВМРО-ДПМНЕ е историја на подеми и падови, победи и порази, радости и разочарувања. Но пред сѐ, тоа е историја на истрајност. Историја на луѓе кои никогаш не се откажале од Македонија.
Ние, основачите и ветераните, добро знаеме што значеше да се создаде ВМРО-ДПМНЕ во 1990 година. Знаеме низ какви искушенија поминавме. Знаеме колку жртви беа вложени за да опстане идејата. Но исто така знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била партија без корен. Нејзините корени се длабоко вткаени во македонската историја, во македонската борба и во македонската национална свест.
Токму затоа, по 36 години, со гордост можеме да кажеме дека ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од политичка партија. Таа е идеја. Таа е чувство. Таа е симбол на борбата за Македонија. Таа е продолжение на вековниот стремеж за слободна, достоинствена и горда Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е организација со цврсти корени и со јасна визија за иднината.
На крајот од својот инспиративен говор, претседателот Христијан Мицкоски испрати порака што силно одекна низ Струмица и низ цела Македонија:
„Нека се слушне силно од Струмица, од Беласица до Шар Планина, од Охрид до Делчево, од Гевгелија до Куманово!
Една татковина!
Една заедничка иднина!
И нека запомнат сите – народот е буден.
Народот е исправен.
Народот е решен.
А кога народот е обединет, нема пречка што не може да се совлада, нема врв што не може да се достигне и нема сон што не може да се иссонува.
Да живее ВМРО-ДПМНЕ!“
Македонија повторно верува.
Македонија повторно се обединува.
Македонија повторно гледа напред.
И затоа, како основачи и ветерани на ВМРО-ДПМНЕ, денес со уште поголема увереност и гордост порачуваме:
Струмица покажа дека по 36 години пламенот што беше запален на 17 јуни 1990 година не само што не згаснал, туку денес гори уште посилно. Во срцата на ветераните, во ентузијазмот на младите генерации и во вербата на народот повторно се препознава истата идеја – Македонија како највисок идеал, најголема обврска и заедничка иднина.
ПРОДОЛЖУВАМЕ!
Продолжуваме затоа што Македонија е во сигурни раце, предводена од претседателот Христијан Мицкоски.
Продолжуваме затоа што идејата живее.
Продолжуваме затоа што ВМРО е идеја што трае.
Продолжуваме затоа што Македонија има иднина.
Продолжуваме за идните генерации.
Продолжуваме затоа што Македонија забрзува.
И додека чука македонско срце, ќе живее и идејата за силна, достоинствена и просперитетна Македонија.
Ние бевме таму на почетокот. Денес сме сведоци на новата сила на народот. А утре, со истата вера и истата љубов кон татковината, ќе бидеме потпора на генерациите што доаѓаат.
Да живее ВМРО-ДПМНЕ!
Да живее Македонија!