Коментари

ШТО ЌЕ НИ ДОНЕСЕ МИЦКОСКИ ОД САД?

Јове Кекеноски

Посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Соединетите Американски Држави не треба да се набљудува само како уште една дипломатска посета. Таа се случува во период кога повторно се интензивираат разговорите за македонскиот европски пат.

Неколку дена пред заминувањето на Мицкоски, евроамбасадорот Михалис Рокас даде една мошне интересна изјава. Тој најави дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во следните две до три недели ќе го посети регионот и изрази надеж дека нејзината посета ќе биде „одлучувачки чекор“ кон почнување на пристапните преговори. Запрашан дали се работи на конкретна формула за деблокирање на процесот, тој не откри детали, но нагласи дека во изминатите месеци интензивно се работело на тоа.

Оттука се наметнува логичното прашање: дали посетата на Мицкоски во Вашингтон и претстојната посета на Фон дер Лајен во Скопје се две целосно одвоени дипломатски случувања или, пак, во меѓувреме може да се создава поширока американско-европска усогласеност околу Република Македонија?

Од она што досега е јавно познато, од американската посета би можеле да се издвојат четири можни конкретни резултати.

Прво, посилна политичка поддршка од Вашингтон за македонскиот европски пат. Самата дебата на Атлантскиот совет на 17 септември беше поставена токму околу стратешкото партнерство со САД, економската иднина и патот на Македонија кон Европската Унија. САД не можат правно да гарантираат дека една земја членка на ЕУ никогаш повторно нема да постави услов, но можат да имаат значајна дипломатска и политичка улога во создавањето попредвидлив процес.

Второ, американските инвестиции. Разговорите на Мицкоски со Американската развојна финансиска корпорација – DFC се однесуваа на можностите за инвестиции во енергетиката, високите технологии и други стратешки сектори. Веќе постои и конкретен пример: во април DFC потпиша договор од 5 милиони долари за развој на проектот за антимон во Крстов Дол, што беше прв проект на оваа американска институција во Македонија. Затоа, секој нов проект, финансиски пакет или меморандум би бил реален и мерлив резултат од посетата.

Трето, натамошно продлабочување на економското партнерство со САД. На 12 февруари годинава Вашингтон и Скопје договорија рамка за иден договор за реципрочна трговија, кој ги опфаќа трговијата, енергетиката, дигиталната економија и можностите за користење американски течен природен гас (LNG). Во документот експлицитно е наведено дека двете страни ќе продолжат да работат на финализирање и подготовка на договорот за потпис. Оттука, забрзувањето или конкретизацијата на овој договор би била уште една можна придобивка.

Но, четвртиот резултат е политички најинтересен: македонско-бугарското прашање и можните гаранции. Токму тука најјасно се спојуваат релациите САД – Македонија – Европска Унија. Македонија знае што се очекува од неа во европскиот процес, додека нашата Влада има јавно и јасно поставени црвени линии во однос на начинот на кој би се продолжило понатаму.

Оттука, САД можат да дадат силна политичка и дипломатска поддршка за деблокирање на процесот, но ЕУ е таа што таа политичка волја треба да ја преточи во јасна, предвидлива и институционално одржлива европска рамка.

Затоа, суштинското прашање повеќе не е само што Македонија треба да направи, туку што следува откако тоа ќе го направи. Доколку Вашингтон и Брисел успеат да изградат усогласен пристап, евентуалните уставни измени би можеле да бидат проследени со појасен патоказ за следните чекори и со цврсти политичко-правни гаранции и уверувања за предвидливост на процесот и за непречено продолжување на преговорите.

Токму затоа клучниот збор е гаранции.

Во тој контекст, изјавата на евроамбасадорот Михалис Рокас станува уште поинтересна. Тој најави дека Урсула фон дер Лајен треба да го посети регионот во следните две до три недели и изрази надеж дека нејзината посета ќе претставува „одлучувачки чекор“ кон започнувањето на пристапните преговори. Истовремено, запрашан за можни решенија околу уставните измени, не навлезе во детали.

Ако Фон дер Лајен доаѓа само за уште еднаш да ја повтори веќе познатата позиција дека Македонија треба да го измени Уставот, позиција што на 17 септември 2026 година повторно ја изнесе и еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за бугарската БНТ, тогаш тешко би можело да се објасни што би било „одлучувачкото“ во таа посета.

Ако, пак, зад зборовите на Рокас стои подготовка на дополнителен политички пристап, тогаш посетата на Фон дер Лајен добива сосема поинаква тежина. Оттука, сосема е легитимно да се постави прашањето дали до нејзиното доаѓање во Скопје Вашингтон и Брисел можат дополнително да ги усогласат своите позиции околу начинот на кој би се придвижил македонскиот процес.

Таквата координација не би била преседан. На 9 јули 2022 година тогашниот американски државен секретар Ентони Блинкен и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел објавија заедничка изјава во поддршка на отворањето на пристапните преговори со Македонија. Во истиот документ САД и ЕУ ја нагласија својата определба за поблиска соработка на Западниот Балкан.

Затоа и денес не е нереално да се размислува за усогласен трансатлантски пристап. Во една таква поставеност, Вашингтон би обезбедил дополнителна политичка тежина и дипломатска поддршка, додека Брисел располага со институционалните механизми преку кои евентуалниот договор би се преточил во конкретни следни чекори на пристапниот пат.

Доколку работите се одвиваат според овие мои предвидувања, посетата на Урсула фон дер Лајен може да биде важна точка на проверка. Тогаш би требало појасно да се види дали Брисел останува само на веќе познатата порака за уставните измени или, пак, се оформува и поширока формула за тоа што следува по нив.

Дали таа формула ќе се нарекува гаранции, прецизен патоказ, политички механизам или поцврста европска обврска, во овој момент не можеме да знаеме. Но, наредните десетина дена би можеле да покажат дали по посетата на Мицкоски во Вашингтон ќе следуваат јасни пораки или посуптилни политички сигнали од Вашингтон и Брисел што ќе одат во иста насока.

Оттука, вистинскиот биланс од посетата на Мицкоски во САД нема да се мери само според бројот на средбите, фотографиите и протоколарните изјави. Ќе се мери според тоа дали од Вашингтон ќе донесе посилна политичка поддршка, конкретни инвестиции, продлабочено економско партнерство и, пред сè, американски придонес кон поширок и поусогласен американско-европски пристап кон македонскиот европски пат.

Затоа, можеби конечниот одговор на прашањето „Што ќе ни донесе Мицкоски од САД?“ нема да го добиеме веднаш по неговото враќање од Вашингтон.

Можно е целосната слика за македонско-бугарското прашање да стане појасна дури со доаѓањето на Фон дер Лајен во Скопје, кога ќе видиме дали Вашингтон и Брисел навистина зборуваат со усогласен политички јазик и, уште поважно, дали покрај јасното барање што се поставува пред Македонија ќе има и јасен одговор што следува по неговото исполнување и каков степен на политички гаранции може да го придружува понатамошниот европски пат.

Колумната е преземена од „Курир“.

Најново од: Коментари

Кармата ја фати Европа

Има правда, иако понекогаш доаѓа доцна. Денес тоа најсилно го чувствува старата Европа, која со години си го земаше правото да одлучува за судбината на други народи. Ние, Македонците, добро знаеме што значи кога други ти ја кројат судбината. Во 1913 година Македонија беше поделена, а Македонците останаа да живеат на различни страни на новите […]

Филипче и СДС – ловџии во политичка заседа со празна пушка!

Филипче и раководството на СДС сè повеќе потсетуваат на ловџија кој цел ден седи во заседа, чекајќи да му се појави некое диво животно. Кога конечно животното ќе се приближи, ловџијата ја крева пушката, нишани, повлекува чкрапало, но наместо истрел – тишина. Пушката е празна!  Токму така изгледа политичкото дејствување на Филипче и СДС во […]

Никогаш поблиску, никогаш посами

Современиот германско-корејски филозоф Бјунг-Чул Хан (Byung-Chul Han), познат по неговите остри и длабоки анализи на дигиталното општество и отуѓеноста рекол: “Никогаш не сме имале повеќе контакти во имениците, ниту подолги листи на „пријатели“ што во секој миг знаат каде пиеме кафе, каква музика слушаме и што нè изнервирало утрово. Сепак, ретко кога во поновата историја […]

На сите кои се со бугарска самосвест, да им се дозволи да заминат во Бугарија!

Предлогот да биде доставен до претседателот на државата, владата, дипломатскиот кор, пред се од ЕУ, министерствата за внатрешни и надворешни, за правда, секако и до Венко Филипче, претседателот на СДС! Евеја причината зошто ја предлагаме оваа „мудра“ идеја: во Македонија се случи сообраќајна несреќа со смртен исход, во која животот го загубил градежен работник од […]

Европската Унија не може да бара исполнување на обврските од Македонија, а да ги премолчува правата на Македонците во Бугарија

Европската Унија постојано се повикува на договорените обврски од 2022 година и бара Македонија да ги исполни преземените обврски, вклучително и уставните измени со кои Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав. Брисел тоа го претставува како услов за продолжување на европскиот пат на Македонија, повикувајќи се на договорената преговарачка рамка. Но, тука се […]

Ламбе Арнаудов: Благословите од мајка МАКЕДОНИЈА до своите чеда!

– Првиот Благослов го посветувам на денес одржаната 35-годишнина на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, цветот и пролетта на нашата партија, младите Лавови предводени од ЛИДЕРОТ ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ, најдобрата верзија на ОРГАНИЗАЦИЈАТА од нејзиното основање и тоа со голема благодарност што ја бранеа и одбранија, што ја чуваа и сочуваа нашата Татковина МАКЕДОНИЈА и […]

Европа без место на масата – поука од Букурешт 1913

Во 1913 година, во Букуреш, се одлучуваше за судбината на Македонија. Македонците немаа место на преговарачката маса, немаа сопствена меѓународно призната држава и немаа сила да ја спречат поделбата на својата татковина. Македонија се бореше за слобода и самостојност, но интересите на соседните држави и тогашните големи сили надвладеаја над стремежите на македонскиот народ. Сто […]

Што предвидела Баба Ванѓа за еконимски напредок на Македонија?

Баба Ванѓа (Ванѓелија Гуштерова), позната како „балканскиот Нострадамус“, е родена во Струмица во 1911 година, но поголемиот дел од својот живот го поминала во Петрич, каде што стекнала светска слава. Според едно раскажување што ѝ се припишува на Баба Ванѓа, Македонија ќе има финансиски тешкотии сè додека повторно не проработи рудникот „Алшар“ на планината Кожуф. […]

To top