Маца Карбева – од борбата за правата на жените до АСНОМ
Маца Карбева (20 август 1919, село Војница, Велешко – датумот на смртта не е утврден) била македонска првоборка, учесничка во Народноослободителната борба и делегатка на Првото заседание на АСНОМ. Нејзината дејност започнала во работничкото и женското движење во Велес, а продолжила во илегалната борба за ослободување на Македонија.
Пред Втората светска војна се приклучила на напредното работничко движење. Во 1937 година, заедно со Вера Андова, Нада Бутникошарева и Румена Хаџи Панзова, учествувала во организирањето на првата прослава на Меѓународниот ден на жената во Велес. Истата година станала членка на СКОЈ, а во 1940 година и на КПЈ.
По окупацијата во април 1941 година, Маца и нејзината мајка Тона се вклучиле во Народноослободителното движење. Од декември 1941 година Маца работела во илегала, најпрво во Велес, а потоа и во Скопје. Во 1942 година станала членка на скопската партиска организација и учествувала во подготовките за вооружената борба.
На 26 септември 1942 година била уапсена од бугарската полиција. По дваесетина дена во затвор била интернирана на шест месеци во селото Мугла, во Девинската околија во Бугарија. По враќањето, од мај 1943 година продолжила со организациската работа во Тиквешко како членка на Третиот областен комитет на КПМ.
За нејзината работа сведочат и зачуваните воени документи: извештаи и писма што ги испраќала во 1943 и 1944 година, дел од нив потпишани со илегалното име Ѓурѓа. Тие ја покажуваат нејзината постојана вклученост во одржувањето врски и организирањето на движењето на терен.
Во 1944 година Маца Карбева учествувала како делегатка на Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август во манастирот „Св. Прохор Пчински“. Така, жената која пред војната се борела за поголема видливост и права на жените станала и една од учесничките во историското собрание на кое биле поставени темелите на македонската државност.
Маца Карбева е носителка на Партизанската споменица 1941 и на други одликувања. Нејзиното име останува поврзано со две важни поглавја од македонската историја: борбата на жените за рамноправност и антифашистичката борба за слободна Македонија.
Подготвил: Т.К.