
Пишува Драги Трајков
Со менувањето на македонските имиња, презимиња и топоними и со наметнувањето на грчкиот јазик како единствен во училиштата, грчките власти се обидувале да го избришат македонскиот идентитет, но дедо Божин го зачувал својот корен.
Македонците се како пирејот: колку и да ги газиш и корнеш, коренот останува жив и повторно никнува, таков беше и дедо Божин — со променето име Христо од село Аматово, Егејскиот дел на Македонија, но со македонски корен што никој не успеал да го искорне.
Драги Трајков, во своите лични сеќавања од 1985–1986 година, кога работел во Егејска Македонија и се враќал во Струмица на секој еден-два месеца, го пренесува разговорот со дедо Божин покрај Вардар, за животот, насилната промена на неговото име и воените доживувања.
Средбата со овој стар Македонец на Драги му останала длабоко врежана во сеќавањето до ден-денес.
Драги Трајков го прашал дедо Божин седнати покрај реката Вардар со променето име од грците Христо: Колку години имаш?
Дедо Божин:
– Сто и четири. Ја терам сто и петтата. А и моите живееја долго. Тоа ни е наследство.
– Како се викаш?
– По македонски сум Божин, а по грцки – Христо.
– Е, зошто така? – го прашувам.
– Со мене имаше проблем. Кога дојдоа Грците, почнаа да ни ги менуваат имињата. На пример, Ване го правеа Јани, Георги – Јорго. Но кога го слушнаа моето име, Божин, настана проблем. Донесоа преведувачи и почнаа да прашуваат што значи Божин на македонски.
Јас им велам: „Божин, Бог, Боже“. И одлучија да ми го стават името Христо, по името на Исус Христос.
Го прашувам:
– Како се живееше порано?
– Во турско време живеевме покрај Вардар, во селото Аматово. Имавме многу гуски и мисирки, во недоглед. Ги продававме насекаде, а се занимававме и со земјоделство. Потоа се преселивме во Солун, во едно предградие, кое денес е населбата Магнесија.
– Имаше ли Грци тука и во Егејска Македонија? – го прашувам.
– Немаше – вели тој. – Во Солун имаше Евреи и Македонци. Потоа, кога дојде грчката власт, почнаа да носат Грци од Турција, маџири, и од Кавказ. А сега доаѓаат и од Грузија, односно Георгија. Колку што знам, оттаму потекнува и Сталин.
– Познаваш ли војводи, како Гоце Делчев? – го прашувам.
– Ги знам сите: Апостол војвода, Карасулијата…
Почна да набројува и други личности, кои мене ми беа непознати. Но за Гоце Делчев се вознемири, бидејќи не го знаеше, а слушал дека бил голем војвода.
– А прекар? Немаше ли прекар? –ме прашуваше.
И така, за Гоце Делчев не успеав да добијам ништо повеќе од него.
Потоа Дедо Божин продолжи со своето патешествие:
– Четири години бев грчки војник. Нè носеа дури во Мала Азија, во Турција. Четири години спиев на земја, а здрав сум како дрен. Уште не се плашам.
Таква била судбината на дедо Божин, раскажана преку сеќавањата на Драги Трајков — судбина на еден од илјадниците Македонци од Егејскиот дел на Македонија што по поделбата на Македонија со Букурешкиот договор биле принудени да живеат со променети имиња.
Му го смениле името во Христо, но не успеале да му го искорнат македонскиот корен. За себе, тој останал Божин — Македонец од Аматово – Егејскиот дел на Македонија.