Додека раководството за СДС слави за четвртото место, останува прашањето кој ќе ја преземе одговорноста за поразот.
Сè додека Венко Филипче го води СДС на овој начин, ВМРО-ДПМНЕ има добра причина спокојно да ги очекува следните избори. Опозиција што по четврто место зборува за успех му ја олеснува работата на секој политички противник. Но она што ѝ одговара на една партија не мора да биде добро и за иднината на Македонија.
Брвеница ја покажа разликата без многу простор за толкување. Во првиот круг кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ освои 2.945 гласа, а кандидатот на СДС — 707. Однос поголем од четири спрема еден. ВМРО-ДПМНЕ заврши прво, СДС четврто. Тоа е изборен резултат; сè потоа е работа на партиските соопштенија.
А таму, очигледно, важи посебна математика. СДС соопштува дека неговиот кандидат освоил повеќе гласови во споредба со 2025 година. Растот може да биде точен, но четвртото место останува четврто. Ако ученикот ја поправил единицата, убаво е да се охрабри. Само не мора веднаш да се прогласува за првенец на генерацијата.
Тука почнува вистинскиот проблем на Филипче. По ваков резултат треба да се разговара за програмата, за луѓето, за довербата и за сопствените грешки. Ако целата енергија се потроши на докажување дека поразот всушност е успех, за промени тешко дека ќе остане време.
Лидерството се мери и со способноста да се слушне непријатната порака. А порака од четврто место тешко се слуша ако во партиското седиште музиката за славење е пуштена до крај.
Македонија има потреба од сериозна опозиција. Од луѓе што ќе откриваат пропусти, ќе поставуваат прецизни прашања и ќе понудат подобри решенија. Од партија што ќе ја натера власта да работи повеќе и подобро, знаејќи дека граѓаните имаат уверлива алтернатива.
Опозиција што се задоволува со објаснување на сопствените порази постепено ја губи таа улога. Наместо да ја контролира власта, таа почнува да го контролира само незадоволството во сопствените редови.
Затоа прашањето не е само дали Филипче ќе остане претседател. Прашањето е дали во СДС има политичка зрелост да се признае дека личната функција и иднината на партијата не се исто.
ВМРО-ДПМНЕ нема причина да му ја решава оваа дилема. Нејзиното раководство веројатно со задоволство би слушало уште вакви победнички говори од четврто место.
На Македонија ѝ треба опозиција од која власта ќе се замисли, а не опозиција по чие соопштение ќе ѝ олесни.