Одговорот е многу прост: Софија насилно го наметнува заедничкото чествување бидејќи тоа е крунски доказ дека историјата ни е заедничка, што значи — бугарска. Ако го прогласиме и Гоце Делчев за заеднички херој, друго објаснување нема да има. Постапката за тоа е веќе тема на заедничката комисија за историја, а нашите „политичари“ се речиси подготвени тоа да го прифатат.
Зошто не смееме тоа да го направиме?
Прво, ако Гоце навистина бил Бугарин, Македонците никогаш не би го сметале за симбол на својата борба за слобода и не би го славеле. Впрочем, и Гоце не би имал причина да се бори за Македонија.
Второ, Софија е свесна дека штом прифатиме заеднички да го славиме, што веќе се случува — читајте ги протоколите — тоа би било апсолутна потврда дека сме Бугари! Тоа ќе докаже дека Гоце се борел за втора бугарска држава.
Трето, ако Гоце се борел за слобода на Македонците, што е непобитна вистина, тој во никој случај не може да биде и бугарски херој! Тие никогаш не признале, ниту ќе признаат, дека постојат Македонци и, како таков, тој можел да биде само нивни душман.
Главен интерес на Софија е да докаже дека историјата ни е заедничка, поточно — бугарска. Кога ние се согласивме со тоа во договорот, за нив работата беше завршена, бидејќи заедничка историја може да има само ист народ. Тоа им е сертификат дека се во право кога игнорираат дека има Македонци.
Софија е подготвена на сѐ за да го операционализира тоа и затоа користи блокада на нашите преговори со ЕУ, филувана со уцена и ултиматум. Ако срамно и понижувачки прифатиме заедно да ги славиме и Илинденското востание и бројни други наши историски личности, коишто се симболи на борбата за слободна македонска држава и тврдини на македонскиот вековен непокор, тоа директно и непогрешно ќе потврди дека нашите национални корени се бугарски, а јазикот ни е бугарски дијалект.
Затоа, сите наши постапки кон Бугарија, од декларацијата во 1999 година до договорот за (не)пријателство во 2017 година и сѐ потоа, вклучувајќи ги и двата безумни протокола од меѓувладините комисии, потпишани од Н. Димитров и Б. Османи, претставуваат грубо национално предавство на македонскиот народ. Не само во договорот, туку уште десетина пати и во двата протокола, ние не само што потврдивме туку и зацементиравме дека историјата ни е заедничка! И, нормално, Софија тоа максимално го користи и ќе го користи.
Додека тие, чекор по чекор, ги реализираат своите историски синдроми, од другата страна имаат копук-аматери, коишто немаат поим што прават, ама успешно го разнебитуваат македонизмот.
Не случајно со договорот е предвидено формирање заедничка комисија за историски и образовни прашања. Нејзина единствена цел е да ја искористи нашата будалеста согласност за заедничка историја и да го трасира патот за бришење на Македонците.
Текстот на договорот со Бугарија претходната власт, на Никола Груевски, го преговараше барем десет години. Не го потпишуваше бидејќи не се согласуваше со империјалните инсистирања на другата страна: за заедничка историја; за македонскиот јазик според Уставот, а не како автохтон; за непостоењето на Македонците во Бугарија. Токму поради тоа, бугарскиот премиер Бојко Борисов отворено покажуваше краен анимозитет кон Груевски.
Преку класичен државен удар, странците ја сменија власта бидејќи не беше подготвена да го менува името на државата. А откако го донесоа на власт, СДСМ го промени името и ги прифати сите бугарски уцени и ултиматуми. Не водеа сметка ниту за националните интереси на Македонците, ниту за фундаментите врз кои почива државата.
Клучна поука за нас е фактот дека договорот за (не)пријателство не ги реши проблемите со Бугарија, туку само ги официјализира и актуелизира. За Софија беше најважна нашата согласност тие да се стават на маса, и тоа го постигнаа. Така, сите нивни барања станаа легитимни.
За нас, пак, суштинско е прашањето: со каква памет се потпиша договор за ПРИЈАТЕЛСТВО со некој што не признава дека постоиш и те присвојува; којшто не ти го прифаќа јазикот и го прогласува за дијалект на својот; и ти ја негира историјата? Какво пријателство може да има и да се гради со таква држава?
Резултатите веќе ги видовме.
Со договорот, итрите Бајгањовци започнаа да ја финализираат својата 150 години стара стратегија за разнебитување и присвојување на Македонците. Ги мобилизираа не само сите надлежни државни институции за постигнување на целта туку и народот, кому му го измија мозокот со морбидни измислици за убиени и прогонувани Бугари по Втората светска војна.
И додека тие тргнаа во жестока офанзива и започнаа студена и психолошка војна против Македонија, „нашите“ замолкнаа и воопшто не реагираа на сите нивни безумни ментални девијации. Тоа е класично неодговорно однесување, та дури и саботажа на сопствените универзални права и интереси.
Кога државата е нападната, а Македонија веќе подолго време беше и е, претседателот, премиерот и МНР, во најмала рака, мораа — и мораат — соодветно да реагираат. Тие се должни да ја бранат државата и нејзините интереси на меѓународен план, особено кога агресијата е во вид на специјална војна. При вооружен напад се реагира воено.
Со „објаснувачкиот меморандум“, испратен до клучните европски и светски фактори, Софија ги доведе во прашање иднината на Македонија и основните столбови на нејзината државност и безбедност. И наместо одлучно и аргументирано да се одговори на измислените провокации, Македонија премолчи.
Практично, тоа значеше согласност со пласираните бугарски измами и гнасотии дека како народ постоиме од 1944 година или, поточно, дека нѐ измислил Тито! Се нанесе огромна и неизмерлива штета не само на угледот на македонскиот народ туку и на државата. Тоа не смее да остане неказнето. Мора да се ангажираат врвни домашни, а ако треба и странски правници, коишто ќе отворат кривични постапки против виновниците што нѐ доведоа до ова дереџе.
Всушност, Македонија мораше да реагира навреме — уште кога во Софија се подготвуваше агресијата: БАН – Влада – Собрание. Со широка дипломатска офанзива во Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз, Рим, исто како и во Москва, Пекинг и во други важни светски центри, мораше да предупреди што се подготвува и да побара соодветна поддршка.
Откако меморандумот беше испратен, пак, мораше да се возврати жестоко и на најширока основа. Кај нас, меѓутоа, сите спиеја во длабок зимски сон. Тоа беше чиста саботажа.
Од седумте члена во бугарскиот дел на комисијата, дури четворица биле поранешни дипломати. Во добар дел таа решава дипломатски и политички проблеми, а не само историски, што значи дека дипломатското искуство е драгоцено.
Кај нас, пак, еден е Албанец, наметнат од министерот за надворешни работи Османи, којшто нема никаква врска со историјата на македонскиот народ, а тоа значи со темите коишто се на дневен ред. Седмиот член, именуван деновиве, во септември 2022 година, е специјалист за односите со Грција. Дали со овие потези на Б. Османи директно се минира одбраната на македонската кауза?
Ако веќе не е во состојба веднаш да ја укине, Македонија мора со сите сили да настојува да ја замре работата на комисијата, што и се случуваше порано. Со вториот протокол, меѓутоа, прифатено е таа да работи турбо. Додека за три години, од 2019 до 2021 година, одржале 13 состаноци, сега ги одржуваат секој месец: во август и септември, со закажан состанок и за октомври!
Сето тоа е под бугарски ултиматум. И тоа не е сѐ од нашите недоветности — министерот Османи им формира и секретаријат! Комисијата се институционализира! Ќе се формира ли и соодветно министерство?
„Чешлањето“ на учебниците е посебна приказна. Сосема е сигурно дека во сите бугарски учебници, на бројни места, се тврди дека нема македонски народ, дека ние сме Бугари и зборуваме бугарски дијалект. Ако е така, прва задача на нашиве од комисијата, коишто веројатно немаат увид во бугарските учебници, е веднаш и без никакво одлагање да постават услов: додека тие нивни историски ујдурми не се избришат, нема никаква основа за какво било друго преговарање.
За ваков настап не им е потребна никаква инструкција. Тоа го налага нивното професионално, ама и човечко достоинство. Дури потоа би можеле да разговараат за настани и личности, иако и тоа е целосно бесмислено. Тие се на потег.
Сето ова јасно покажува дека договорот со Бугарија е причината за сите наши сегашни голготи, како и за идните, коишто ќе бидат уште пострашни. Неговото откажување не е проблем — според член 13, став 3, треба само со нота да се информира другата страна дека го раскинуваме. Тоа стапува во сила по една година. Причини за таков потег има безброј.
Доволно е да се спомне дека Софија ни го блокира пристапот во ЕУ, а со договорот презела обврска да ни помогне! Откако ќе се откаже сегашниот, треба да се покаже интерес за нов, балансиран и реципрочен договор.
Мора да ни биде јасно дека додека овој договор е во сила, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата.
Освен ако не прифатиме дека сме Бугари по потекло и дека јазикот ни е бугарски дијалект.