Документ од 1903 година открива со каква омраза одредени врховистички кругови зборувале за „македонскиот апостол“ Гоце Делчев – историска поука што не смее да се заборави ниту денес.
Македонија меѓу искрените водачи и оние водени од лични материјални интереси!
Низ македонската историја секогаш имало луѓе што искрено се бореле за македонското дело, но и поединци кои, водени од лични, материјални или политички интереси, им служеле на туѓите планови. Од тие искуства мора да извлечеме поука, за грешките од минатото да не ги повторуваме денес.
Кон крајот на XIX и почетокот на XX век Македонија била изложена на силна српска, бугарска и грчка пропаганда. Белград, Софија и Атина настојувале Македонците да ги претстават како дел од сопствените народи, за полесно да ги оправдаат своите претензии кон Македонија.
Се отворале училишта, се финансирале црковни структури, а во Македонија биле испраќани учители, свештеници, пропагандисти и вооружени чети. Потоа дошле војните, договорите и поделбите, а највисоката цена ја платиле Македонија и македонскиот народ.
Но историската поука не е само во тоа што ни го правеле другите.
Македонија најмногу губела кога била разединета однатре, кога личните амбиции станувале поважни од македонското дело и кога туѓите политики наоѓале соработници меѓу самите Македонци.

Му благодарам на Александар Џеповски-Македонски, кој го открил овој документ и ми го испрати, за вистината да излезе во јавноста.
Гоце Делчев им пречел на врховистите какви што ги имаме и денес!
Објавениот документ, односно исечокот од стар бугарски печат, фрла дополнителна светлина врз односот на одредени врховистички кругови кон Гоце Делчев.
Во сведоштвото за разговор што се однесува на неговото убиство се наведуваат зборовите: „Најпосле се ослободивме од тоа куче, го убија.“
Во самиот текст е појаснето дека навредливите зборови се однесуваат на „македонскиот апостол Гоце Делчев“. Авторот, згрозен од кажаното, се прашува кому му служат тие луѓе и заклучува: „Не на Македонија.“
Овој документ заслужува внимание токму поради јасното именување на Делчев како македонски апостол и прикажаната омраза на одредени врховистички кругови кон него. Тој покажува дека сите што дејствувале од Софија не го сметале Гоце за свој човек-бугарин, туку некои во него гледале пречка за сопствените планови.
Затоа денешното селективно цитирање на одделни негови зборови, со цел Гоце Делчев да се присвои и да се одвои од македонската борба, не ја прикажува целата историска слика. Документите треба да се читаат во контекстот на времето, со јасно разликување меѓу државјанство, административна припадност, црковна определба и национална свест.
Гоце не треба да се оценува според една издвоена реченица, туку според неговото дело, неговата борба и неговата визија за слободна Македонија.
Пропагандата се менува, интересите остануваат
Денес пропагандата не се спроведува со истите средства како пред еден век. Весниците, училиштата и црковните мрежи се заменети со телевизии, портали и социјални мрежи, преку кои нарачаните пораки за неколку минути стигнуваат до стотици илјади луѓе. Но целта останува иста: да се оспорат македонскиот идентитет, јазикот, историјата и историското наследство.
Уште позагрижувачки е кога таквите ставови ги шират македонски политичари, поранешни функционери и самопрогласени историски толкувачи. Тие настапуваат како да се загрижени за европската иднина на државата, а истовремено повторуваат тези што одат во прилог на барањата на оние што го оспоруваат македонскиот национален континуитет – нивните нарачатели.
Не можеме без докази да тврдиме што ги мотивира – уцени, пари, привилегии или лични амбиции. Но можеме и мораме да ги оценуваме според нивните јавни зборови, постапки и последиците што ги оставаат врз Македонија.
Денес во Македонија јасно се судираат две различни политички концепции.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски застапува став дека европската интеграција не смее да значи откажување од македонскиот идентитет и прифаќање нови национални отстапки. Македонија треба да соработува со соседите и со Европа, но како рамноправна и достоинствена држава што ги штити сопствените национални интереси.
Наспроти тоа стои политиката воспоставена од СДС предводен од Зоран Заев, а продолжена под раководството на Венко Филипче. Кон неа се придружуваат „војводата“ Љубчо и уште неколкумина „освестени бугари“ кои во јавноста повторуваат нарачани ставови со цел негирања на македонската историја и посебност.
Ако некогаш туѓите пропаганди успевале затоа што наоѓале поддршка меѓу самите Македонци, денес не смееме повторно да дозволиме личните, партиските и материјалните интереси да бидат поставени над интересите на народот и државата.
Ако не ги научиме лекциите од сопствената историја, старите грешки ќе ги повторуваме во ново време, со нови средства и под нови имиња.
Политичарите доаѓаат и заминуваат. Функциите, парите и привилегиите се минливи, Македонија останува.
Затоа мерката за секој политичар треба да биде едноставна: дали со своите дела ја направил Македонија посилна и подостоинствена или оставил предавства и последици што идните поколенија ќе мора да ги поправаат.
Најголемата поука од историјата е навреме да ги препознаеме оние што ги ставаат личните над македонските интереси. Некогаш еден таков бил Коте од Руља, а денес, за жал, се накотија многу како него.
Историјата на крајот секому му го определува местото – според неговите дела.
Парите заработени со предавство на сопствениот народ се арам-пари. Тие не носат ниту чест, ниту спокој, ниту вистинска среќа. Предавниците заминуваат, но срамот и последиците од нивните постапки остануваат. Нивниот товар честопати го носат и идните нивни деца и внуци,…
Нашата обврска е на младите да им оставиме слободна, силна и достоинствена Македонија – држава во која никој нема да се срами од сопствениот идентитет и никој нема да мора да се откажува од своите корени за да има европска иднина.
Го повикувам Севишниот да му суди секому според неговите дела и недела сторени против интересите на Македонија!
Амин!