Коментари

За родољубните жени – воинките Македонки

Елизабета Чингарова Матевска, член на Претседателството на Родина Македонија

Нашата неисцрпна енергија, љубов, заложба и решителност ги црпиме од нашето славно минато, од генот, воспитувањето и традицијата на нашите мајки, баби и прабаби – од прамајката Ма. Тие се олицетворение на богатата и бурна историја на големите македонски жени и воинки.

Ангелина Маркус

Ангелина Маркус – македонската родољубна икона, мајка над мајките, водилка и инспирација која ни покажа како лавовски, со знаење, збор, перо и дело, со огромна и неисцрпна љубов и родољубие, треба да се бори за својата Родина Македонија.

Олимпија

Олимпија, жена од македонската антика и мајка на Александар Македонски. Нејзината борбеност, иако често засенета од славата на нејзиниот син Александар и сопругот Филип II Македонски, била надалеку позната.

По смртта на Александар, во бурните борби за наследството на Македонската Империја, Олимпија станала една од највлијателните личности во настојувањето да ја заштити династијата и правата на својот внук Александар IV, синот на Александар Македонски и Роксана.

Клеопатра

Клеопатра VII била припадничка на Птоломејската династија која владеела со древниот Египет. Династијата потекнувала од Птоломеј, еден од генералите на Александар Македонски, кој по смртта на Александар ја презел контролата над Египет.

Лидија

Македонската жена влегува и во првите редови на христијанството.

Македонката Лидија од Филипи се смета за првата жена на европско тло која го прифатила христијанството од апостол Павле. Нејзиниот дом станал место на собирање на првите христијани.

Низ вековите, македонската жена останала столб на семејството и чувар на верата, традицијата и културата на македонскиот народ.

Војвотката Румена

Војвотката Румена, пред да замине в планина, оставила аманет до семејството да се грижи за нејзиниот син Андон.

„Ајдутин сум, целиот свет пропиштел на мене! Штом е така, нека станам ајдутин.“

Нарекувана Планинска царица, Румена се борела против османлиските сили и зулумџиите, но и против оние кои го угнетувале населението и соработувале со османлиските власти.

Сирма Војвода

Сирма Војвода зазема посебно место во македонската историја и народното предание.

Уште како млада решила да тргне во борба против зулумџиите. Без да ги извести родителите за својата намера, се облекла во машка облека и заминала кон планината Стогово, каде им се придружила на Мијаци кои ја имале истата цел – борба против насилството и неправдата.

Македонските жени во Илинденското востание

Македонските жени им се придружувале на своите сопрузи, браќа и синови и за време на Илинденското востание од 1903 година.

Тие не биле само во заднината. Пренесувале оружје и пораки, подготвувале храна, лекувале ранети, криеле револуционери, а некои од нив непосредно учествувале и во вооружените борби.

Странскиот печат известувал дека во Македонија дури и жените се приклучуваат кон востанието.

Македонската жена уште еднаш покажала дека кога се брани домот и слободата, нејзиното место е рамо до рамо со борците.

Македонските партизанки

Борбата за слобода не ја напуштила македонската жена ниту за време на Втората светска војна.

Уште од 1941 година Македонките учествувале во обезбедување облека и храна, организирање илегални засолништа, курирски и известителни служби, а голем број од нив директно се приклучиле кон партизанските единици.

Меѓу првите борци на Народноослободителната борба имало и жени. Некои извршувале одговорни политички и воени должности.

На Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, меѓу делегатите имало и жени, а со Декларацијата за основните права на граѓанинот на Демократска Федеративна Македонија била озаконета рамноправноста на жените во новата македонска држава.

Официјално признато учество во НОБ имале илјадници македонски жени. Стотици го положиле својот живот, а повеќе од нив биле прогласени за народни херои.

Меѓу најпознатите се:

Вера Ацева, Вера Јоциќ, Елпида Караманди, Фана Кочовска-Цветковиќ, Мара Нацева, Естреја Овадија – Мара и Ибе Паликуќа.

Магдалена Антова се вбројува меѓу првите жени борци од Македонија и меѓу првите загинати жени во НОБ.

Вера Теодосиевска-Трајковска – Вера Которка останала запаметена како исклучително храбра партизанка.

Невена Георгиева – Дуња, на само 17 години, го положила својот млад живот во борбата.

Блага Рампова храбро го дала својот живот за да ги спаси своите другари.

Ратка Бакалиноска, уште на 16-годишна возраст, била изложена на измачување во затвор од бугарските окупаторски власти.

Венда Темелкоска, сведочејќи за една од борбите и за Мара Јосифовска, оставила потресно сведоштво за страдањата на македонските партизанки.

Над сто жени борци учествувале и во борбите за ослободувањето на Скопје.

Жените во АФЖ

Посебно место во организирањето на македонските жени зазема Антифашистичкиот фронт на жените – АФЖ.

Меѓу познатите активистки се:

Веселинка Малинска, една од најистакнатите активистки на АФЖ, борец во НОВ и учесничка во АСНОМ.

Васка Циривири, мајка на две ќерки борци – Вера и Тодорка Циривири, кои ги положиле своите животи во НОВ.

Лефта Јосифовска, тетка на загинатата партизанка Мара Јосифовска и на народниот херој Кузман Јосифовски-Питу.

Жените борци од Егејска Македонија

Плејада македонски жени од Егејска Македонија се бореле рамо до рамо со своите соборци во Втората светска војна, а потоа и во Граѓанската војна во Грција.

Меѓу нив посебно место зазема Мирка Гинова.

По заробувањето била подложена на тешко измачување, но останала непоколеблива до последниот миг.

Еден грчки војник, кој присуствувал на нејзиното стрелање, подоцна му напишал на нејзиниот татко дека Мирка ја пресретнала смртта со насмевка и песна и дека пред смртта рекла дека умира за она во што верува – за подобар живот на другите.

Нејзиното име остана симбол на непокорот на македонската жена од Егејска Македонија.

Катина Тина Андреева – Цвета, Тодора Анастасова – Скорна, Германија Пајкова и Тинка Думкова се само дел од жените кои ги положиле своите млади животи за време на Граѓанската војна во Грција.

Евдокија Балева Фотева – Вера-Кича

Овој текст ќе го завршам со Евдокија Балева Фотева – Вера-Кича, мојот идол за жена воинка и вечна инспирација за жена, мајка и родољупка.

Нејзината животна сага е преплетена со борба, страдање, затвор во озлогласената Лубјанка во Москва и прогон во Сибир.

Кога ќе ја прашав:

„Тетка Вера, колкумина злосторници уби во војувањето?“

Таа само ќе се насмевнеше и ќе речеше:

„Броев до 44, потоа не броев.“

Од Олимпија, Лидија, Румена и Сирма, преку илинденките, партизанките и жените борци од Егејска Македонија, македонската историја е исполнета со жени кои во најтешките времиња знаеле да бидат и мајки и чувари на домот, но и борци кога Македонија го барала тоа од нив.

Слава на сите споменати и неспоменати македонски жени борци и воинки!

Вечна почит и благодарност за тоа што храбро се боревте!

Оставивте огромна обврска на поколенијата – да го одбраниме она за што вие се боревте: Македонија!

Најново од: Коментари

Чудата на Свети Димитрија

Во редот на најзначајните хагиографски трудови од рановизантиската литература спаѓаат и „Чудата на Свети Димитрија” (Miracula Sancti Demetrii) се три збирки од која првата ги опфаќа „Чудата” што се однесуваат на периодот од крајот на VI до 20-тите години на VII век. Неа ја составил солунскиот архиепископ Јован, современик на овој период. Втората збирка ги опфаќа […]

Македонија, парче од рајот што треба сите да го почитуваме

Ми пукна филмот од Али Ахмети што ја отвора историјата само кога му треба аргумент за дневна политика. Али, кога зборуваш за тоа кој е староседелец во Македонија, што добиваат граѓаните од тоа твое тврдење, освен дека тоа е твоја провокација? И што, според тебе, добива оној што ќе го прогласиш за постар од соседот? […]

Македонија: за безбедноста на Европа – доверлив партнер, за членство во ЕУ – вечен кандидат?

Европа не може од кандидатите да бара европско однесување, а од членките да прифаќа секое условување Македонија заслужува јасен одговор: дали патот кон Европската Унија се отвора со исполнување на европските критериуми или со бескрајно прифаќање нови политички услови? Од одговорот на ова прашање зависи довербата во европската идеја. Граѓаните треба да знаат што се […]

Македонија е факт – не е за раздавање и уништување на нејзиното ткиво

Сите луѓе и култури се живи истории. Сè она што сме е одраз на потеклото, историското минато проткаено со мачна, но богата историја. Јазиците што ги зборуваме се наследени од минатото. Нашите култури, традиции и религии се наследени од минатото. Ние дури го наследуваме нашиот генетски состав од оние што живееле пред нас. Познавањето на […]

Јас, мама, тато, сестра ми и брат ми — заедно сме иднината на Македонија!

Не е доволно да се гордееме со предците ако не се грижиме за потомците. Македонија ја чувале генерации што верувале дека по нив ќе има кој да го продолжи животот, да го зборува јазикот и да го зачува огништето. Наша обврска е таа верба да не згасне. Во минатото судбината на македонскиот народ често се […]

Долгот на македонската интелигенцијата — опомена од 1926 година што важи и денес

Од опомената на Владимир Руменов во 1926 година до денешната одговорност кон државата — знаењето, чесноста и посветената работа во служба на Македонија. Во статијата „Долгот на македонската интелигенција“, објавена во весникот „Независима Македония“ на 11 јуни 1926 година, д-р Владимир Руменов пишува за одговорноста на образованите луѓе кон заедницата. Иако неговиот текст произлегува од […]

Колку повеќе ТИ трае младоста, толку поубава СИ МАКЕДОНИЈО!

Немој да ја навредувате МАКЕДОНИЈА. Тоа е како да сте ни ги прекршиле рацете. Можеби ќе ви простиме, но никогаш не ќе можеме да ве прегрнеме. Колумнава ја посветувам на моите соборци, вистински херои на ВМРО-ДПМНЕ и МАКЕДОНИЈА, со голема благодарност до сите БРВЕНЧАНИ што ми овозможија прилика и чест да бидам дел од ВАШАТА […]

Блиски сме и треба да си помагаме

Има подадени раце што човек ги памети цел живот. Особено оние што ги примил во тежок час, кога иднината на неговата татковина била неизвесна. Јас ја паметам подадената рака од Бугарија. Ги паметам луѓето, помошта и зборовите што тогаш ни даваа надеж. Токму затоа денешните блокади и оспорувања ме погодуваат толку длабоко. Во 1991 година, […]

To top