Македонски легенди

Томислав Зографски

tomislav-zografski

tomislav-zografskiТомислав Зографски (29.III.1934 – 14.I.2000) е македонски композитор и еден од најистакнатите претставници на македонската современа музика во втората половина на XX век. Тој е претставник на генерација македонски музички творци кои уште во шеесеттите години домашните музички вредности ги доближија до главните светски струења. Прв во македонската музика внесува елементи на музичкиот неокласицизам, а извор за неговата творечка инспирација претставува македонската световна и духовна музичка традиција. Неговиот дух проникнат во неговите композиции, раширен од неговите студенти, продолжува да живее и натаму.

Томислав Зографски е роден на 29 март 1934 година во Велес. Потекнува од славното семејство Зографски, познати зографи, градители и резбари. Следејќи ја семејната традиција, тој ќе продолжи да дејствува во областа на духовното творештво. Особено неговиот дедо, познатиот сликар Ѓорѓи Зографски, имал значајна улога во формирањето на Томислав како уметник. Семејната традиција и образовниот процес низ кој поминува, од него ќе создадат врвен композитор, педагог и сестран македонски деец.

Во 1961 година, Томислав Зографски дипломирал композиција на Музичката академија во Белград, во класата на професорот Миленко Живковиќ. Работи како наставник во средно музичко училиште, а од 1967 година до крајот на животот работи како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје (формиран во 1966 година). Тој е еден од основачите на македонската композиторска школа и еден од главните нејзини промотори.

Во неговите дела од првиот творечки период, може да се најде влијанието на Сергеј Прокофјев и Игор Стравински, но во подоцнежните дела тој ги отврла овие влијанија и трага по нови начини на современиот музички израз. Всушност, Зографски прв во македонската музика внесува елементи на музичкиот неокласицизам, а потоа во понатамошниот развој, тој прифаќа помодерен начин на музичко изразување, барајќи сопствен израз во актуелните музички струења, но задржувајќи, во трансформиран вид, и елементи од претходниот период. Всушност, тој е претставник на генерација македонски музички творци кои уште во шеесеттите години домашните музички вредности ги доближија до главните светски струења.

Во вокално-инструменталните дела од овој период, карактеристично е навраќањето на Зографски кон македонската световна и духовна музичка традиција, како извор за творечка инспирација. Така на пример, во циклусот „Записи“ за длабок глас и пијано од 1963 година, тој ги користи тонските низи на традиционалната македонска музика. Тоа е едно од најзрелите дела во неговиот опус, во кое вклучува фрагменти од византиско-славјанската културна оставина на македонска почва. Односно, тој вклучува мелодиски фрагменти од таканареченото пападикиско пеење на Св. Јован Кукузел од XIV век. Во ист стил е напишан и ораториумот „Похвала Кирилу и Методију“, за бас, рецитатор, хор и оркестар во1969 година.

Како еден од првите, кој во македонската музика внесува елементи карактеристични за неокласицизмот, тој преку неговата работа во тоа време ги доближува македонските музички вредности до светските модерни трендови. Во неговиот богат опус на работа со широк спектар на жанрови, тој постигнува совршен баланс меѓу старите традиции и новите музички трендови. Неговото дело „Allegro barrocco“ за две виолини и пијано од 1973 година е типичен пример за неговиот неокласичен пристап кон музиката, која содржи многу музички елементи од минатото.

Томислав Зографски е автор на дела од повеќе музички родови. Во својата богата музичка кариера, како исклучителен познавач на оркестрацијата и како перфекционист, ја збогатува македонската музика со повеќе од 150 дела во сите музички жанрови (сонати, концерти, симфонии, ораториуми), за различни инстументални и вокални солисти, групи и оркестри. Меѓу камерните дела на авторот се издвојува „Есеј за дождот“, циклус за висок глас и оркестар (1982).

Покрај бројните дела, од 1967 до 2000 година зад себе остави длабоки траги како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во неговата класа дипломирале денес меѓународно признатите композитори како: Димитрије Бужаровски, Живојин Глишиќ, Јана Андреевска, Мирослав Спасов, Никола Коџабашија, Панде Шахов, Евдокија Данајловска и Ѓини Винченц.

Во текот на својот живот, Зографски за својата работа на полето на музиката, добитник е на бројни награди, признанија и плакети, како во земјата така и во странство. Добитник на две награди за животно дело: државната награда „11 Октомври“ (1994) и „Трајко Прокопиев“ од СОКОМ (1998). Покрај нив, добитник е и на наградите: „11 Октомври“ (1968), „Панче Пешев“ (1990), „13 Ноември“ (1981), повеќе први награди за хорска музика, „Златна арена“ филмска музика, „Пула“ филмски фестивал (1973) и многу други.

Томислав Зографски кон крајот на својот живот пројавува посебен интерес кон зачувување на македонскиот литературен јазик. Витезот на македонската музичка култура почина на 14 јануари 2000 година во Скопје. Во негова чест, од страна на неговото потесно семејство, воспоставена е фондација „Томислав Зографски“ (2006 г.), која не само што ја промовира креативноста на Зографски како дел од културното наследство на Македонија, туку го поттикнува резвојот на музичката култура во земјава и доделува награда која го носи неговото име.

(извор: Фестивал на уметноста на векот, 1966;  МЕ, Скопје, 2009 проф. д-р. Б. Ортаков; СОКОМ, проф. д-р. Б. Ортаков; )

Најново од: Македонски легенди

Драган Богдановски – живот посветен на слободна и независна Македонија

На 18 септември 1929 година во селото Клечовце, Кумановско, е роден Драган Богдановски, починал на 31 мај 1998 година во Данска, на пат од Шведска кон Германија. Подоцна бил погребан во Куманово Драган Богдановски е еден од најистакнатите македонски политички емигранти по Втората светска војна, долгогодишен борец за македонската национална кауза, претседател на ДООМ и […]

Лилјана Чаловска – писателка, борец и учесничка на АСНОМ

Лилјана Чаловска (3 декември 1920, Софија – 20 јули 1997, Скопје) е македонска писателка, учесничка во Народноослободителната борба и општествено-политичка дејка. Била делегат на Првото заседание на АСНОМ и член на Претседателството на АСНОМ, а значајна трага оставила и во македонското новинарство и литература. Лилјана Чаловска е родена на 3 декември 1920 година во Софија, […]

Владислав Ковачев – Македонец до срж, а малку познат меѓу Македонците

„Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за неа. Ја сакам Македонија повеќе од сè друго на светот.“ Кој бил Владислав Ковачев? Владислав (Славчо) Михаилов Ковачев е роден на 5 јануари […]

Оскар Давичо – писателот што со перо сведочеше за борбата на партизаните на Маркос

Оскар Давичо е роден на 18 јануари 1909 година во Шабац, во еврејско семејство, а починал на 30 септември 1989 година во Белград. Бил истакнат српски и југословенски писател, поет, есеист, преведувач, новинар, револуционер и учесник во антифашистичката борба. Оскар Давичо потекнувал од сефардско еврејско семејство. Детството го минал во Шабац, а образованието го продолжил […]

Васил Ивановски – истраен борец за македонската национална посебност

Васил Ивановски (18 октомври 1906 – 1991) е македонски национален деец, комунист, публицист и историограф. Во своите трудови ги користел и псевдонимите Динко Динков и Бистришки. Васил Ивановски е роден на 18 октомври 1906 година во костурското село Ловраде, во Егејскиот дел на Македонија, а починал во 1991 година во Софија. Во 1907–1908 година, во […]

Михаил Чаков – војводата што ги зачува светите мошти на Гоце Делчев

Михаил Чаков е роден на 16 март 1873 година во Гуменџе, Егејскиот дел на Македонија, а починал на 17 септември 1938 година во Софија. Михаил Чаков бил македонски револуционер, илинденски војвода, соработник на Гоце Делчев и човекот што ги пронашол, прибрал и со години ги чувал неговите посмртни останки. Михаил Чаков е една од оние […]

Волф Ошлис – „духовен воин“ за македонското прашање ширум Европа и светот

Волф Ошлис (29 септември 1941, Кенигсберг – 18 август 2026) бил германски славист, македонист, политиколог, публицист и еден од најголемите странски пријатели и афирматори на Македонија. Германскиот славист, македонист, политиколог, публицист и универзитетски професор Волф Ошлис повеќе од половина век го проучува и го афирмира македонскиот јазик, историјата и културата. Во време кога македонската посебност […]

Методија Шаторов-Шарло – македонскиот деец чија смрт остана обвиена со тајна

На 4 септември 1944 година, во битката кај Милеви Скали, во близина на Пазарџик, загинал Методија Шаторов-Шарло – македонски комунист, антифашист и национален деец. Иако официјално било соопштено дека бил погоден од непријателски оган, околностите на неговата смрт никогаш не биле целосно разјаснети. Методија Шаторов-Шарло е роден на 10 јануари 1897 година во Прилеп. Уште […]

Најнови вести

To top