|
|
ДЕЛ ОД ИСТОРИСКИОТ РАЗВОЈ НА СКОПЈЕ – ГЛАВНИОТ ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (9) |
Дел од МОНОГРАФИЈАТА „ТОМОВ“ НА СЛАВЕ КАТИН Скопје бил граден, уриван, поплавуван, пален, но никогаш не уништен. Како птицата феникс секогаш опстојувал под различните називи: Скупи, Скупорум, Скупис, Скопос, Скопиоми, Скопље, Скопје. Тој од памтивека бил и останал на овие простори. Скопската котлина во терцијалната епоха лежела под вода на големото Среднобалканско езеро. Археолошките наоѓалишта во населбата Маџари (куќи, инвентар) или на земјанките и палисадите на крепоста Кале, потврдуваат дека бил населен овој дел на Европа уште од камено доба (раниот неолит), што е некаде пет милениуми пред Христа. Или 4.500 година пред Христа датираат уметничките остатоци кои веке говорат за цивилизациски вредности пронајдени и потврдени кај селото Говрлево. Околу 600 година пред Христа или во почетокот на антиката датираат гратчињата во Нерези и Злокуќани. А во четвртиот век пред Христа Филип Втори Македонски, во рамките на Македонската држава ги имал во своето царство и овие простори нагоре. Секако, големото име од овој македонски дел кое потоа тргнало во светот и освојувал територии до Шпанија, е и царот Јустинијана Прима, Јустинијан Први (482 - 565) кој бил роден во местото Тауресиум, денешното скопско село Таор. Натаму, остатоците од дарданското Скупи, тврдините, вијадуктот, црквите и старите манастири. Сето тоа се дел од богата и долга историја на Скопје. Градот кој лежи на надморска височина од 240 до 350 метри, бил поврзан со Медијана (Ниш) и Дунав на север, со Стоби и Солун надолу кон југот македонски, како и со магистралата кон Јадранското море, Виа Игнациа. Скопје низ вековите доживувало различни развојни циклусни и други периоди. Кога војски низ него поминувале, кога душмани го меркале, кога поплави го сардисале, а земјотреси уривале. Но, секако, и најважното, кога народот најсилен бил, кога правдата и вистината победувале, кога градители го создавале и вишно и ширно распослале. Денес Скопје е убавиот град на двата брега од најголемата македонска река Вардар и е престолнината на Република Македонија. А во ова современо Скопје, каде ли да појдете, каде ли да застаните, од каде ли да го погледнете, се околу вас е еден значаен цивилизациски, историски, културен, архитектонски, духовен колаж, кој македонската престолнина ја вредува меѓу највпечатливите градови во поднебјето на јужна Европа. Ако се рашетате низ Старата чаршија таму ке ви речат дека уште до Втората светска војна имало 1169 дукани. Дека имала цркви, анови, бањи, безистен, џамии… Дека децениите минувале, а скопските занаети го ширеле својот спектар. Дека долго ечеле чеканите и наковалните на ковачите, кујунџиите, самарџиите, металостругарите, златарите.. Дека низ сокаците преку Камениот мост на Вардар повеќе од 500 години минувале и карвани и запреги и кочии и пајтони, а сега катадневно минуваат реки од автомобили и од народ. На плоштадот “Македонија” кој е во срцето на метрополата и кој уште од 1924 година добил калдрма на 1 355 метри квадратни, како стража да му чуваат Ристиќевата палата, Природно научниот музеј, Поштите, ресторани и други интересни стари и нови градби, особено многубројните споменици и нови градби на и околу Плоштадот. Штом се изодат првите метри од сокаците на чаршијата по улицата ''Архиепископ Ангелариј'' по скалите се излегува на плоштадот пред ѕидовите на црквата 'Свети Спас во која се наоѓа прекрасниот иконостас изработен во резба. Тајфата на Петре Филиповски Гарката, неговиот брат Марко и Макарие Фрчковски се тие горостаси кои од 1817 до 1824 одина го оставиле како вистинско ремек дело иконостасот. Во дворот на црквата Свети Спас е и вечното почивалиште на апостолот на македонскиот непокор Гоце Делчев. Во Скопје е и најголемиот соборен храм Свети Климент Охридски, Митрополијата на Македонската православна црква, како и Богословското училиште и Богословскиот факултет. Градот е богат со безброј стари, вредни и непроценливо цркви и манастири. Одозгора како некаков закрилник му е тврдината Кале, а подолу се големите центар и споменици. Скопје има своја Опера и балет, Филхармонија, Македонскиот народен и Драмски театар, го има јадрото на високообразовната пулсација Универзитетот ''Св. Кирил и Методиј'' и на научните дострели Македонската академија на науките и уметностите. Главниот македонски град е седиште на Владата, Парламентот, министерствата, амбасадите, има многу хотели, споменици, навистина има толку многу минато и сегашност низ неговите хоризонтали и вертикали. Но, најдобро ќе се почувствува градот на вековите, само ако се дојде и се прошета ова вистинско богатство овој аманет на генерациите. Продолжува Пишува СЛАВЕ КАТИН |