|
|
ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ВО ЊУЈОРК И ВО ЊУ ЏЕРСИ(21) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ТОМОВ“ НА СЛАВЕ КАТИН Георги Томов имал добра и плодна соработка и претставувал дел од Движење за македонски човекови права. Оваа асоцијација е во рамките на црквата “Св. Кирил и Методиј” во Сидер Гроув. Поводот за организирање на движењето беше поврзан со навршувањето на 75 години во 1988 година, од потпишувањето на Букурешкиот договор. На тој ден беше организиран протестен митинг пред Обединетите нации во Њујорк, како и академија на која беа поканети гости од политичкиот и општествениот живот од Република Македонија. Инаку, почетоците на Движењето за македонски човекови права датираат од Велигден 1988 година, кога беше организиран состанок и членовите решија да испратат писмо до македонските доселеници. Потоа на 28 март 1990 година во манастирот “Св. Ѓорѓи” се собраа околу 200 души и донесоа одлука за регистрирањето и понатамошната работа на Движењето. За прв претседател беше избран Георги Томов, кој ја доби и членската карта бр. 1 како заслужен граѓанин во Македонската заедница во Њујорк и Њу Џерси. Според Статутот на “Движењето за македонски човекови права” за Северно-источна Америка (како што е регистрирано), главна цел била да ги оствари правата и демократските човекови слободи на сите Македонци, особено во Бугарија, Грција и Албанија. Тоа работело во соработка со сите МПЦ, друштва и асоцијации во Њујорк и Њу Џерси. Оваа патриотско-хуманитарна организација, под раководство на Георги Томов и на други активни членови имал преземено бројни активности од различен карактер. Една од активностите се демонстрациите пред Конзуларното преставништво на Грција во Њујорк на 14 март 1992 година. Тоа бил протест против Владата на Република Грција за нејзината антимакедонска кампања во однос признавањето на Република Македонија како демократска, независна и суверена држава, како и против геноцидот што се врши врз Македонците во егејскиот дел на Македонија. Еден од најзначајните собири на ова Движење бил оној пред ООН во Њујорк на 08.08.1998 година кога се собрале повеќе стотини Македонци од САД и Канада. Протестот се одржал по повод 85-годишнината од поделбата на Македонија со Букурешкиот договор. Во Декларацијата што била предадена во ОН во Њујорк, меѓу другото, се вели дека се бара од ООН да го воспостави уставното именување на Република Македонија, согласно универзалната Декларација за правата и слободите на човекот. Исто така, според Комисијата за заштита на малцинствата, да им се овозможи уживање на основните човекови права и слободи на Македонците во Албанија, Бугарија и Грција. Во оваа насока, придонесот на Георги Томов за зачувување на основните човечки права и слободи бил огромен. Тој тоа го покажал и докажал како човек хуманист кој не се бори само за правата на Македонците, туку тој е поборник за правата и подобрата иднина на сите луѓе во светот. За активностите во македонската комуна во Њујорк и Њу Џерси, во кои Георги Томов беше нераскинлив дел и даде голем придонес, пишуваше и иселеникот Ламбе Мартиновски од Њу Џерси. Во својот текст под наслов “Највесела Гоцева вечер 97 во Гарфилд” објавен весникот “Вечер” од Скопје во бројот од 4 април 1997 година се вели: „По повод 125-годишнината од раѓањето и 94 години од смртта на легендарниот Гоце Делчев, Апостолот на душата на Македонската револуционерна организација, кој се бореше за независноста и самостојноста на Македонија, а во организација на Мацедониан Хјуман Рајтс Мувмент – ја организира највеселата Гоцева вечер 97 во местото Гарфелд, Њујорк, САД. Прославата се оддржа во прекрасната Руска црква на 15 март. Беше презентирана најбогата културно-забавна програма, што ја воодушеви многубројната публика, којашто ја поздрави претседателот на Организацијата Хјуман Рајтс г. Наум Наумоски. По интонирањето на американската и македонската химна, се прочита реферат за македонскиот великан, идеолог и Илинденец Гоце Делчев, што го подготви Ѓорѓи Кондовски, потпретседател на МПЦ “Свети Кирил и Методиј” од Сидер Гроф – Њујорк. Беа изведени два рецитала, едниот од учениците на семакедонското училиште со рециталот под наслов “Бојот започна горе Крушево на Мечкин Камен”, а во вториот во изведба на возрасни активисти: Вера Шврговска, Танка Дуклеска, Коље Дуклески, Душко Будимоски и Славко Горгоски. Потоа настапија две фолклорни групи, и тоа од МПЦ “Св. Кирил и Методиј” и “Македонка” од МПЦ “Свети Никола” од Њу Џерси со сплет од народни ора од егејскиот, пиринскиот дел и од Република Македонија.
Њујорк Играорците беа облечени во такви носии кои во овие краишта се носеле пред неколку векови. Кореографи на овој убав македонски фолклор беа господата Ѓорѓи Томов и Славко Горгоски. Оваа вечер ги обедини Македонците од овие краишта и ја сплоти нивната работа и соработка. Откако заврши културно-уметничкиот дел на програмата, започна општата веселба со музичките такти на групата “Легенда” која успеа да ги дигне на нозе сите присутни лица. Значајно е да се спомне, дека на оваа Гоцева вечер се собра доброволен прилог, како хуманитарна помош за Македонците во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, но и за оние во Мала Преспа, во Албанија. Оваа веселба траеше до раните утрински часови. Да не се заборави и прославата на роденденот на оваа веселба: г. Георги Томов, кореограф, го прослави својот 65 роденден со голем број букети цвеќе и многу роденденски честитки од присутните гости. Му беше посакано тој и натаму да го води ФД “Гоце Делчев” и се разбира – да живее уште многу години, зашто по негова заслуга ова друштво стана познато и годинава е покането од Матицата на иселениците од Македонија. На крајот, да кажеме, дека ова Гоцева вечер ќе остане долго да се памети и да се спомнува за неа како добра о мошне успешна манифестација, што се оддржа во САД организирана од македонските иселеници, се вели во текстот на иселеникот Ламбе Мартиновски, кој во средствата за информирање во Македонија повремено известува за активностите на Македонците во САД. Инаку, Њујорк е познат и по тоа што македонското радио “Глас од татковината” опстојувало најдолго во САД, велеше Георги Томов. Тоа за првпат започнало да работи на 10 септември 1971 година и станало чувар на македонскиот јазик и афирматор на македонските ора и песни од сите делови на Македонија. Душата на овој радио час беше познатата водителка и долгогодишна пријателка на Томов и на авторот на овие редови Славе Катин, госпоѓата Вера Шврговска.. На програмата беа застапени вести од Македонија, од македонските колонии во Њујорк и Њу Џерси, реклами, поздрави и желби, репортажи, историски осврти и други материјали од областа на фолклорот и музичкото творештво. Исто така, Вера Шврговска беше првиот водител и уредник на Југословенската телевизиската програма на македонски јазик која започна во Њујорк во 1975 година и се емитуваше еднаш неделно. На телевизиската и радио програмите на госпоѓа Вера Шврговска повеќе пати беше застапен Георги Томов. Посебна емисијата на радио програмата што Вера Шврговска ја емитуваше беше посветена на 70-тиот роденден на Георги Томов. Продолжува Пишува СЛАВЕ КАТИН |