Една од најстарите и најголеми асоцијации на македонските иселеници во Скандинавија, Културното друштво „Гоце Делчев“ од Гетеборг, Шведска, денеска со свечен коктел ќе го одбележи својот 40-годишен јубилеј.
По тој повод, како што јави дописникот на МИА од Шведска, на свеченоста во просториите на Македонското друштво ќе присуствуваат истакнати личности од политичкиот и општествениот живот, меѓу кои неколкумина пратеници во шведскиот Парламент-Риксдаг и лидерот на модератите и потпреседателот на Советот на општина Гетеборг, Јан Халберг.
- Друштвото „Гоце Делчев“ четири децении активно дејствува во повеќе области на културното, спортското и општественото живеење на подрачјето на Гетеборг и пошироко, со волонтерско ангажирање на членовите, Македонци, вљубени во својата национална култура и во сето она што е македонско. Четириесетгодишното успешно презентирање на македонската култура, го прават друштвото „Гоце Делчев“ едно од најпознатите и најценети организации во дијаспората“, се истакнува во пригодниот напис објавен на веб-страницата на оваа иселеничка организација.
На 9 октомври друштвото „Гоце Делчев“ ќе го одбележи својот значаен јубилеј и со голема музичка забава на која ќе настапат познати естрадни уметници од Македонија |