И во областа Гора на Косово викендов се одбележа 8 септември - Денот на независноста на Македонија. Во организација на Македонско-горанската заедница на Косово, Горанското друштво во Македонија, Сојузот на Македонците со исламска религија и Светскиот Македонски Конгрес, во Брод на Гора беше одржан турнир во мал фудбал. Своевидна атракција беа моторџиите од Македонија, од Скопје и од Тетово, кои преку граничниот премин Стрезимир-Рестелица со македонски знаменца продефилираа преку Рестелица, Крушево, Глобочани, Драгаш, се до Брод и оттаму назад преку Призрен до македонско-косовската граница на Генерал Јанковиќ - Блаце. Македонските моторџии во Призрен остварија средба со косовските моторџии. Во пријателска атмосфера поминаа пријатна дружба. За цело време на движењето на колоната моторџии по косовските патишта, заради безбедност во сообраќајот имаа многу коректна придружба од косовската погранична полиција. По организацијата на традиционалниот Македонскиот фестивал Гора, турнирот во мал фудбал е уште една јавна манифестација која традиционално се организира секоја година. Македонците на Косово пројавуваат голем интерес за врски со Македонија како матична држава и уредување на неколку барања: настава на македонски јазик во основните училишта и средното училиште во Драгаш, културна автономија за областа Гора, службеност на македонскиот јазик во косовската администрација, добивање на македонско државјанство за сите Горани, влез на Гораните во Македонија со лични карти, отворање на граничниот премин Стрезимир-Рестелица 24 часа преку цела година (иако отворен 2003 година од 2004 година за жал повторно затворен), асфалтирање на патниот правец Рестелица - граничен премин МК-КС до Торбешки мост во должина од 30 км, формирање на Евро-зона ШАРА на тромеѓата меѓу Македонија - Косово - Албанија, погранична соработка и братимење на косовски и македонски општини (во постапка е братимење на општините Ѓорче Петров и Маврови Анови и Ростуше - МК со општина Драгаш - КС, општина Гази Баба - МК со општина Призрен - КС). |