|
|
Донацијата на 1001 книга за библиотеката „Гоце Делчев“во Штип |
Поетесата д-р Марија Емилија Кукубајска, професор на универзитетот Гоце Делчев во Штип, денес, по повод 8ми Ноември, на своите сограѓани им подари 1001 книга од својата обемна фамилијарна библиотека. Оваа донација вредна 10.000 евра е посветена и на 20 годишнината од Независноста на Македонија како и на 5 годишнината од починувањето на младата американска писателка и хуманист од македонско потекло, Емилија Кукубајска (1979 – 2006). Студирајки и работејки во повеќе земји во светот, заедно со својата сестрано едуцирана ќерка Емилија Кукубајска, д-р Кукубајска има пренесено во Штип огромна колекција на содржини за сите возрасни категории и степени на образование, од повеќе природни и општествени науки меѓу кои и културолошки, книжевни, историски, антрополошки, религиозни, музички и сликарски. Книгите се дел од колекцијата на невладината организација ЕМАРИ Штип, основана од Марија и Емилија Кукубајски во Вашингтон, 2004 година, со цел да се промовира Едукацијата за моралот и академските истражувања на историја на културата. Годинешната хуманитарна донација на книги Марија Емилија Кукубајска ја остварува и како активност преку Лајонс Клуб Скопје 33, именувана: “За промовирање на образованието и културата со приближување на меѓународни идеи и истражувања кон моите сакани сограѓани од Штип“. Како член на Лајонс Интернешенел, Д-р Кукубајска годинава има донирано и експонати на националната установа “Музеј на македонската борба за државност и самостојност“ дел од кои се веќе изложени во музејот, во спомен на патриотската и космополитска фамилија: Александар, Радунка и Емилија Кукубајски. На прашањето зошто се определи токму за оваа библиотека, Марија Кукубајска изјави: Со градската библиотека ме сврзуваат почетоците на моето школување во родниот град. Оваа библиотека ме награди како ученик со најмногу прочитани книги во годината, а ми има доделено и награда за есеј по повод Месецот на книгата. Исто така, сметам дека фондот на книги дониран во оваа библиотека ќе биде достапен за најголем број читатели во градот, како поради локацијата на ова установа така и поради нејзината отвореност кон општата популација, бидејќи прекрасните книги на универзитетот Гоце Делчев се пред се достапни на селектиран профил од населението, студенти и наставно-научен кадар. Марија Емилија Кукубајска нуди на библиотеката да донира опремување на посебна читална каде ќе бидат сместени подарените книги, странски списанија, памфлети и друг вид изданија и филмови. За тоа зошто е одбран токму овој ден вели: Празникот 8ми Ноември е посебно врежан во мојата рана биографија. На 23 годишна возраст, во 1973 година, општината Штип ми додели осмоноемвриска награда за неколку мои успеси во таа година, меќу кои и наградата на Млада Струга при Струшките вечери на поезијата за мојата книга стихови“Временија и Неоткрит“. Книгите не треба да постануваат трајна материјална сопственост на купувачот, туку треба да се пренесуваат во духовниот развој на човекот. Ако моја Емилија копнееше но не доживеа нејзините деца и внуци да уживаат во интелектуалното богатство на својата фамилија, тогаш таа и од небото ќе се радува кога македонските деца и младина ќе патуваат во бескрајните светови на мислата, за инспирација на инвентивноста, кон моќ на знаењето. |