|
|
ПРАЗНИЧНИ ВИДУВАЊА Во СИДНЕЈ |
За време на Божиќните празници осетлив е пулсот во Македонските заедници насекаде во светот. За Бадник, ден пред Божик, во Сиднеј допатуваа Јанко Томов, член на ДООМ и дописник во веб страницата „Македонска нација“ и неговата сопруга Маргарет Томов, директорка на основно училиште во Бризбан. Со нив, најпрво ја посетивме Македонската библиотека „Григор Прличев“ во Сиднеј каде гостите беа запознати со улогата на библиотеката и активностите на Друштвото „Григор Прличев“. После тоа ги посетивме црквите „Св. Петка„ во Рогдаел и „Св. Кирил и Методиј“ во Розбери, каде присуствувавме на богослужбите кои ги извршуваа свештениците Митко Митрев (поставен од владиката Петар) и Наум Деспотоски. По опелата верниците беа послужувани со нафора, бадникови гранчиња и посна закуска. На овие простори се сретнавме со многу видни и значајни личности од македонската заедница меѓу кои беа: Ристо Лангов, Жаклина и Ѓорѓи Михајлови, Роберт Деспотоски, Киро Илиески и други. На денот Божик бевме во црквата „Св. Кирил и Методиј“ да запалиме свеќи за здравје, живот и духовен мир и да присуствуваме на богослужбата посветена на Христосовото раѓање. Убаво е да се биде верник на Христос и да се биде во храмови. барем за време на Христосовите раѓања и воскреснувања, кога се полни со верници. Квечерината бевме на „Македонското сретсело“ кое се одржа во просториите на ФК „Илинден“ во Рогдаел, каде присутните ги забавуваа познатите македонски естрадни уметници Сузана Спасовска и Спасен Силјановски. На високите температури кои ја зафатија цела Австралија, кутрата „Сузе национале“, пеејки се пафкаше со кинеско ладалце. Се поздравивме како стари пријатели, со која познаството ни датира од одржувањето на „Деновите на македонската култура“ во 1988 година. На Сузана тоа и беше првиот настап надвор од Р. Македонија. Имав за чест да и ја дадам ТВ снимката од тој настан, на кој, јас со Вера Бошевска ја водевме програмата. За жал, од нејзиниот тогашен состав со Гане Тодоровски, Петранка Костадинова и Симе Гугуловски, уште таа е останата жива. Нејзе и на Спасен Силјановски, младиот пеач со Античко-македонски глас им подарив по две мои најнови збирки со поезија. Иван ТРПОСКИ |