|
|
Македонците заедно со Грците ја ослободија Грција |
ОБРАЌАЊЕ НА ТОДОР ПЕТРОВ: МАКЕДОНЦИТЕ ЗАЕДНО СО ГРЦИТЕ ЈА ОСЛОБОДИЈА ГРЦИЈА ОД ФАШИСТИТЕ ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА!
ОБРАЌАЊЕ НА ТОДОР ПЕТРОВ: МАКЕДОНЦИТЕ ЗАЕДНО СО ГРЦИТЕ ЈА ОСЛОБОДИЈА ГРЦИЈА ОД ФАШИСТИТЕ ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА! Почитуван господине Трајче Димков. Почитуван господине Ѓорѓи Коџабашиев, пратеници во Собранието на Република Македонија, почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки. Имам чест да го поздравам и најстариот меѓу нас, роден 1922 година, 91-годишниот Раде Гогов Црноречки, кој бил главен организатор и одговорен за прифатот и лекувањето на ранетите Македонци и Грци борци на Демократската армија на Грција во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, во болниците во Македонија на Пониква, Катлановска Бања и во Јасеново, во периодот од 1947 до 1949 година. Денес имавме прекрасен ден, после 64 години, на местото чувано како строга воена тајна, пред Специјалната болница за белодробни заболувања и туберколоза Јасеново во општина Чашка, велешко, поставивме спомен-обележје како сеќавање на ранетите Македонци и Грци борци на Демократската Армија на Грција во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, лекувани во неа во 1948-1949 година. Болницата во Јасеново заслужува посебно внимание, затоа што е изградена само за три месеци, од март до јуни 1948 година, за лекување на ранетите борци на Демократската Армија на Грција (ДАГ), Македонци и Грци, во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, откако претходно прифатот на болните и ранетите започнува во Пониква од јуни до ноември 1947 година, па во Катлановска Бања од ноември 1947 до јули 1948 година. Низ овие болници во Македонија лекувани се 6316 ранети, врз околу 2.500 биле извршени хируршки интервенции, 200 оперирани починале за време на операцијата, 146 борци починале за време не транспортот, а 46 биле донесени мртви. Починатите се закопани во близина на болниците, но гробовите до денес не им се откриени, коските од времето однесени. Слава им на упокоените, благодарност до лекарите кои ги лекувале болните и ранетите. Денес, со директорот на болницата во Јасеново договоривме спомен-соба за ранетите борци на ДАГ, ќе поведеме иницијатива за ексхумација на стотина закопани од починатите борци на ДАГ, запознавме жив сведок кој точно ја знае локацијата каде упокоените биле закопани, за да им оддадеме христијански и македонски, почит, да ги погребаме достојно во заедничка спомен-костурница за траен помен. Веруваме дека оваа средба, во организација на Здружението Ѕвезда од Велес, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес ќе стане традиционална. Исто одбележување ќе имаме и на Пониква кочанско и на Катлановска бања скопско и на Маркова Нога ресенско. И бидејќи повторувањето е мајка на знаењето, почитувани браќа и сестри, и покрај се, никогаш да не заборавиме. Со Балканските војни 1912-1913 година, врз Македонија е извршена окупација, врз Македонците е извршен геноцид кој трае до денес. Оваа година се навршуваат 100 години од поделбата на Македонија и Македонците со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година. Достојно ќе ја одбележиме со порака за семакедонско помирување и обединување на Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет. Светскиот Македонски Конгрес иницира собир на сите здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, единствени и обединети, да испратиме силна порака до светот за нашите права и слободи. И она што е најважно, зошто е важна Граѓанската војна во Грција за нас Македонците и за Македонија, да знаеме секому да објасниме на генерациите кои растат и на светот. Македонците, заедно со Грците во Втората Светска Војна 1941-1945 година и во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година како продолжение на антифашистичката војна, се бореа против фашистите и ја ослободија Грција од фашизмот. На тој начин се вградија во државноста на Елада и поради тоа им следат сите човекови и граѓански права и слободи, како еднакви меѓу еднаквите и рамноправни со рамноправните. За жал, договорот меѓу Сталин и Черчил во 1944 година, Грција да и’ припадне како интересна сфера на Велика Британија, а Романија и Бугарија на Русија, ја промени историјата на Грција, на Македонците и на Македонија. Грчките монархофашисти како соработници на германските, бугарските и италијанските фашисти и окупатори, жестоко се пресметаа со борците на ЕЛАС и ДАГ, посебно со Македонците кои најмногу во нив учествуваа, затоа што Атина се плашеше од автономија на Македонија во рамките на Грција или нејзиното целосно обединување. Продолжуваме пред македонските и грчките власти и меѓународната заедница со барањата за враќање на државјанствата и имотите на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни и Граѓанската војна во Грција. Од Атина бараме извинување за сите историски и општествени неправди, бараме репарации. Некои експерти проценуваат дека станува збор за најмалку 30.000 милијарди евра за експлоатација на природните и културните богатства од окупираните територии на Македонија и штетите врз животите и имотите на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија. И покрај се’, Македонија повторно е суверена држава, Македонците повторно се суверена нација и тоа повеќе никој и никогаш не може да го смени. Отфрламе референдум, промена на Уставот и ратификација на меѓународен договор заради промена на државното име Македонија. Македонците во целиот свет бараат итен и безусловен прекин на разговорите за промена на државното име Македонија и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија, со можност за употреба на уставната додавка “Република“ како јасна разлика од истоимената северна грчка и југо-западна бугарска провинција Македонија, без латинична транскрипција на македонскиот јазик (Republika Makedonija), туку на англиски јазик “Republic of Macedonia“, со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на македонскиот народ и на македонскиот јазик, независно од историските хипотеки. Доколку антимакедонизмот на Елада, грчкиот геноцид врз македонскиот народ и наци-фашистичкото барање на Хеленската Република за промена на државното име Македонија се вредност за солидарност на Брисел и Стразбур со Атина, Македонците го отфрлаат пристапувањето на државата Македонија во сојуз со Европската Унија и НАТО-Алијансата! Во Егејскиот дел на Македонија, најчесто на прашањето “Шо ста виа“, Македонците ќе ви одговарат “Ми даљ знајме бе синко, ниа сме тукашни, уд тук сма“. А, на прашањето “А шо ј’зик лафте“, ќе ви одговарат “Ми даљ знајме шо ј’зик лафме, тукашин ј’зик“. Паметам баба ми, Бог да ја прости, протерани од Егејскиот дел на Македонија, од Балканските војни, од Мачуково денес Евзони, кога ќе ја прашав “Добро ма бабо, зар не знаахте шо сма“. Следеше одговорот “Как не знаахме бе синко шо сма, Макидонци сма ниа. Ама не знаахме кој на питуве, грчки, српски или бугарски агенти. Шо деца ги п’ргулта мисичинта. Ќи ти у земат детто уд пред порта, ќи гу утепат на границта и ќи ти гу дунесаа уф с’ндуќ, бигал, ќи кажаа“. Затоа биле тукашни, зборувале тукашен јазик, да се спасат од интернација или ликвидација. Ако така било, денес е поинаку. Денес живееме во слободна Македонија, макар на еден дел од етно-историските граници и гордо и гласно велиме: Ние сме Македонци! Нашата држава се вика Македонија, ние сме Македонци, нашиот јазик е македонски! Нека Господ Бог не’ благослови сите нас, Бог да ја благослови Македонија! Да Ви даде Господ здравје и живот и за арно да се гледаме. Да живее Македонија! Амин! |