|
|
Во Канадскиот Парламент се формира Група за пријателство со Македонија |
Во организација на Амбасадата на Република Македонија и пратеници – пријатели на Македонија во Канадскиот парламент се основа Група за пријателство со Македонија. Групата веќе брои дваесет члена, помеѓу кои се дел од најрепрезентативните имиња од сите партии во Канадскиот парламент. Македонската група за пријателство од самото формирање станува една од најпосетените, а на конститутивната седница присуствуваа Парламентарните секретари за меѓународна соработка, мултикултурализам и природни ресурси, сенатори, поранешни министри, и раководствата на Европско-канадската и Американско-канадската група во парламентот. На 5ти Март 2013 година во Историската сала на Централниот Блок на Парламентот на Канада дваесет канадски пратеници ја формираа Парламентарната група за пријателство со Македонија. Со конститутивната седница на Парламентраната група за Пријателство претседаваше досегашниот Претседател на Парламентарната група за НАТО во Парламентот и Претседател на Канадскиот Комитет за национални ресурси, Леон Беноа. При самото отворање на конститутивната седница, Беноа ги нагласи вкупните постигања и напори на Македонија, ставајќи значаен акцент на подготвеноста на Македонија за членство во НАТО алијансата и активната соработка на Амбасадата на Македонија со Комитетот за НАТО во парламентот. По воведното излагање претседавачот го повика со свое почесно обраќање Групата да ја поздрави и Амбасадорот на Република Македонија, Љубен Тевдовски. Македонскиот амбасадор во своето петнаесетминутно обраќање во Канадскиот парламент се осврна во детаљи на пријателството и соработката на Канада и Македонија, презентирајќи го развојот и придонесот на македонската заедница во Канада, како за канадското општество, така и за придобивките на независноста и демократијата во современата Македонска држава. Амбасадорот Тевдовски им се заблагодари на сите присутни пратеници за нивното изразено пријателство и поддршка на Република Македонија, особено нагласувајќи ја улогата на Парламентарниот секретар за меѓународна соработка Лоис Браун, и пратеничката Александрин Латендрес, која ја промовираше иницијативата помеѓу франкофоните пратеници во парламентот. По македонскиот амбасадор за збор се јави Дејвид Тилсон, претседателот на Групата за соработка со Европската Унија во канадскиот парламент. Авторитетниот Тилсон го изрази своето особено задоволство што учествува во работата на Македонската група, јавно го нагласи напредокот на Македонија и презеде обврска за личен ангажман во развојот на македонско-канадските односи. На конститутивната седница, по изгласувањето на статутот на Групата, за нов претседавач беше избран Владислау Лизон, а поради голем интерес беа избрани дури три подпретседатели на групата од Конзервативната, Либералната и Новата Демократска партија. За прв подпретседател на Македонската група е избран Брајан Меси, кој во истовреме е и подпретседател на најмоќната групата за пријателство со САД во Канадскиот парламент. За втор подпретседател е избран еден од најавторитетните канадски пратеници, поранешниот министер за одбрана на Канада, повеќекратен министер и парламентарен секретар во повеќе ресори од опозициската Либерална партија, Џон МекКалам, а подпретседател од Конзервативната партија ќе биде Џеф Ватсон. Во бордот на Македонската група во Канадскиот парламент влегоа и Парламентарниот секретар за Мултикултурализам, Чунгсен Ленг, подпретседателот на Канадскиот комитет за културно наследство и опозиционен спикер за култура, Скот Симс и Претседателот на Канадско-Украинската група во парламентот, Тед Опитц. Горниот дом на Парламентот, Канадскиот Сенат, во бордот на Македонската група за пријателство ќе го претставува еден од најискусните сенатори, поранешен министер и близок соработник на влијателните канадски Премиери Трудо и Кретјен, Сенаторот Дејвид Смит. Македонците во Канада веќе започнаа да им пишуваат писма на благодарност на Пратениците - пријатели на Македонија, а Македонската Амбасада ги повика нашите сонародници да учествуваат во изградбата на групата и да ги информираат пратениците од своите општини за работата на Македонската група во парламентот. MACEDONIAN UNITED PRESS |