|
|
Еден од најизмачените народи на светот е македонскиот народ |
Еден од најизмачените народи на светот е македонскиот народ. Повеќе од шест века чекаше да се здобие со слобода. Повеќе од шест века учествуваше сам или заедно со другите поробени народи да ги скине симџирите на ропството кои не му дозволуваа да биде како другите народи, да ја развива сопствената култура и да ја продолжи славната историја. Народот кој во старо време на чело со Александар ја разнесе културата и науката низ целиот тогашен познат свет, народот кој го рашири христијанството во Европа и народот кој му даде писмо и култура на милиони и милиони Славјани беше осуден стотитини години на робовски живот без да има право да види бел ден на слобода. Како тој да не заслужи да живее во слобода. Како тој да е казнет вечно да биде јаболко на раздорот. Големите сили постојано ја даваа богатата и преубавата Македонија како дар на соседните држави. Поради тоа се водеа војни во кои најмногу страдаше македонскиот народ. Сепак, надежта за слобода никогаш не го напушти Македонецот, кој зеде пушка и преку своите три Илиндени (Илинденското востание 1903 г.. АСНОМ 1944 г. и 8 ми септември 1991 г.) на еден дел од својата територија формира своја слободна држава. Од 1944 до 1991 година, државата на македонскиот народ ги носеше имињата: Демократска Федеративна Македонија (1944 - 1946), Народна Република Македонија (1946 - 1963), Социјалистичка Република Македонија (1963 - 1991) и Република Македонија (1991 - ?). Денес под притисок на Грција и центрите на моќ тој треба да го смени името! Меѓутоа, тој на 8-ми септември 1991 година на референдум го избра својот пат и го потврди своето име. Имено, најголемиот дел од македонскиот народ над 95 проценти од вкупно излезените или над 72 проценти од вкупното население со право на глас се изјасни во каква држава сака да живее и како да се вика. Тоа е слободна, независна и суверена држава на македонскиот народ чие име е Република Македонија. Сепак, без разлика на неговиот избор, веднаш по овој историски чин, историјата како да се повтори, а македонскиот народ повторно беше изложен на негирање од соседите кои во 1913 година беа дарувани од центрите на моќ со делови од територијата на Македонија. Грција го негираше името. Бугарија народот, Србија црквата, Албанците со делови од територијата. Изминаа повеќе од две децении неравноправа борба со далеку помоќните соседи и нивните спонзори, кои ги прекршуваа сите загарантирани човекови и меѓународни права. Во овој период, и покрај сите потешкотии низ кој помина македонскиот народ, врз чија круна како дијаманти моќно светеа имињата на ИЛИНДЕНЦИ, АСНОМЦИ и првата Влада на Македонија која мирно ја раздружи земјата од југословенската федерација, не ја свитка кичмата и не дозволи да подлегне на уцените, заканите и блокадите од соседна Грција. Меѓутоа, во последните години, само за да дојде на власт, СДСМ започна со лицитација на името, јазикот, земјата на сите наши претци кои реки крв пролеаа за Македонија. Со помош од надвор, СДСМ од политичката сцена го изолира ВМРО ДПМНЕ, кој беше единствена пречка во нивната намера, единствена партија која го чуваше аманетот на загинатите за Македонија. Откако СДСМ на Албанците им вети двојазичност на целата територија на земјата, како поддршка да ги добие парламентарните избори во 2016 година, сега Законот за јазиците веќе е влезен во Собранието и до крајот на неделата се очекува да биде изгласан. Предупредувањата дека тоа значи вовед во создавање на бинационална држава, не вродија со плод. Што се однесува до односот со јужниот сосед, Грција веќе најавува дека во текот на 2018 година проблемот со името ќе биде надминат. За таа цел ќе се изврши исто така ревизија на учебниците, потоа ќе се тргнат спомениците, ќе се преименуваат објекти во земјата и т.н. Всушност ќе се брише македонското име, јазик, култура и историја. Враќањето назад во минатото повторно ќе ја направи Македонија јаболко на раздорот, буре барут кое никогаш не се знае кога може да експлодира Некои, велат дека за промената на името треба да има референдум. Меѓутоа, македонскиот народ веќе во 1991 година се изјасни на референдум и нема потреба од нов, зошто името не може да биде предмет на трговија. Тоа еднаш се става и останува за век. Со оглед како СДСМ ги организирал референдумите во минатото и последните избори, тогаш не ни смее да се помисли такво нешто. Доколку под притисок на странците тоа се прифати, тогаш сигурно на тој референдум македонскиот народ ќе помине како и за територијалната поделба во 2004 година. Со референдумски инжинеринг во режија на СДСМ и центрите на моќ, Македонија сигурно ќе мора да го смени името. Затоа никој не смее да го стави името на коцка, оти тоа е бренд кој не смее никој, ама баш никој да го распродава. Распродажбата на СДСМ на македонските скапоцености се повеќе ги зголемува апетитите на соседите, а тоа во времето кое доаѓа може да да направи вистински хаос на Балканот. Тогаш пожарот кој ќе биде запален тешко дека некој може да го угасне. И денес како во минатото македонскиот народ е оставен сам да се бори и само тој може да стави крај на оваа опасна игра на новата власт кои ја водат земјата во пропаст! |