Среда, 06 Декември 2017   
Атентатите во Македонија

Tihomir Karanfilov-001

Тихомир Каранфилов

„Цел свет знае дека положбата во Македонија е многу тешка. Македонскиот народ - во трите дела од Македонија - е лишен од политички и уставни слободи. Страшен бел терор цари насекаде во Македонија. Насилства, прогонувања, грабежи, убиства и др. - ете така може да се карактеризира таа положба.“ – пишува Д. Владиславов во весникот „Балканска Федерација“ (,,La Federation Balkanique"), во август 1926 г./

Под псевдонимит Д. Владиславов се крие името на Димитар Влахов (8 XI 1878 - 7 IV 1953), македонски револуционер, општественик и државник. Во текот на својот живот тој бил деец на Македонската револуционерна организација, Народната федеративна партија, Солунската социјалистичка федерација, ВМРО (Автономистичка), ВМРО (Обединета), Бугарската комунистичка партија, Комитерната и Комунистичката партија на Југославија. Покрај името Д. Владиславов тој се користел со повеќе псевдоними како Д. Казановски, Д. Калиновски, Данаилов, Константин, Марсел Валтер и др.

По завршувањето на Првата светска војна, Димитар Влахов ја вршеше должноста бугарски генерален конзул, прво во Одеса, а потоа во Виена. Во 1920 година Влахов како преставник на левото крило бил избран за резервен член на ЦК на ВМРО (Автономистичка). Потоа бил испратен во Варна од Тодор Александров за да оствари контакт со Советска Русија. На барање на ВМРО Влахов, заедно со зетот на Тодор Александров, Михаил Монев заминале во јули 1923 година за Москва, која покажала симпатии кон македонското ослободително движење и желба за продолжување на контактите.

Во 1924 година тоj бил испратен со препораките на ВМРО како трговски претставник на Царството Бугарија во Виена, каде бил еден од организаторите на потпишувањето на т.н. Мајски манифест во Виена со кој ВМРО се согласува да дејствува заедно со комунистичките партии од Балканот. По потпишувањето на Мајскиот манифест, со кој требаше да се смират спротивставените водачи на ВМРО, Димитар Влахов бил отповикан од бугарската влада.

Но, наместо да ги смири страстите, тие уште повеќе се разгореле. Под притисок на Софија. Тодор Александров го повлекува својот потпис и бара од Влахов и Петар Чаулев да го суспендираат објавувањето на Манифестот и веднаш да се вратат во Софија. Меѓутоа, Влахов останува во Виена и започна со формирањето на ВМРО (Обединета).

Влахов ги изложува своите идеи во списанието  на „Балканска федерација“ (француски: La Fédération balkanique). Весникот излегувал од 15 јули 1924 до февруари 1932 година, а го редактирале Димитар Влахов, Георги Димитров, Никола Харлаков и др.

Весникот пропагира ослободување и самоопределување на балканските народи и нивно федерирање. Авторите се застапувале главно за Балканска федерација. Исто така, весникот имал особено значење за популаризирањето на македонското прашање во светот. Првиот број излегува специјално за публикување на Мајскиот манифест.

По убиството на Александов во август 1924 година, несогласувајќи се со меѓусебните чистки меѓу левицата и десницата, како и методите на дејствување на ВМРО, кое во тој период потпадна под влијание на Ванчо Михајлов, како и состојбите во сите три дела на распарчена Македонија, Влахов под псевдонимот Д. Владиславов објавува статијата „Атентатите во Македонија“ во весникот „Балканска Федерација“ (август 1926 г.), во која меѓудругото вели:

„Минатата година, кон крајот на месец октомври, поради еден пограничен инцидент на бугарско-грчката граница, грчки редовни војски и башибозуци навлегоа во Петричко, убија неколку десетини македонски селани, уништија стотини куќи и причинија пропаст на неколку стотини домаќинства. Тој „инцидент", кој за малку ќе се претвореше во војна меѓу Грција и Бугарија,се сврши со замешувањето на Друштвото на народите. Грциjа беше призната за виновна и беше осудена да плати 30 милиони лева како оштета и макар „инцидентот" да беше свршен, причините што го предизвикаа не беа отстранети.

Одвај ако поминаа неколку недели од тој „инцидент" непознати лица фрлија неколку бомби во една кафеана во Лерин (Македонија под Грција). Како резултат на тој атентат беа ранети неколку невини граѓани и затворени неколку десетини Македонци, набедени како соучесници во атентатот и изведени пред суд. Тројца беа осудени на смрт и егзекутирани. Освен нив, 25 македонски селани од разни села во Леринско беа испратени на заточение на еден од островитево Егејско Море.

На 1 мај таа година, на Велисабота, билефрлени неколку бомби во Сгрумица (Македонија под Србија), во собата на еден хотел, каде што заседавал Месниот комитет на бандите на Пашиќ. Од тие бомби беа убиени двајца граѓани, а 11 ранети. Атентаторот успеал да избега.

На 23 јуни биле фрлени неколку бомби на една кафеана во Петрич во центарот на градот, од кои биле ранети неколку граѓани. Атентаторот или атентаторите избегале.

На 4 минатиот месец бил убиен во Битола (Македонија под Србија), пак во центарот на градот, директорот на весникот „Јужна звезда" Хаџи-Поповиќ. Еден од убијците бил фатен. Затворени биле над 30 битолски граѓани, обвинети како соучесници во атентатот. Според соопштенијата на српскиот печат, убиецот на Поповиќ, В. Николов-Липитка, признал дека тој го извршил убиството, по заповед на организацијата на Протогеров, зашто Поповиќ бил ренегат и предавник на својот народ. Меѓу затворените бил и К. Леондев, бивш македонски револуционер, кој пред десетина месеци беше и се предал на српската влада, и се ставил во услуга на српската прлиција. Тоа убиство крена голем шум, којшто уште продолжува...

Отпрвин, убиството на Поповиќ и се припишуваше на грчката влада. Владиниот печат во Бугарија, препечатувајќи ги соопштенијата на српските весници, се трудеше да објасни дека убиството е навистина дело на грчката влада. Но откако српските весници соопштија дека тоа е

дело на Протогеровата организација и ја повикаа владата на Узуновиќ да преземе постапки пред владата на Љапчев, за да им кладе крај на тие атентати - тие се помачија да ја фрлат на нас одговорноста за битолскиот атентат. В. „Зора", личен орган на Љапчев, во кој соработува поз-натиот мракобесник и главорез Наум Томалевски, пишува: „Ако убиството е инспирирано од К. Леондев, тогаш на друго место треба да се бараат неговите организатори; а на 16 јули истиот весник пишува дека Леондев бил другар на Чаулева, со него „скитал" низ Европа и пишувал нешто во „Балканска федерација". Убијците се толку подли, што немаат храброст да ја земат одговорноста за своите злосторства.

Кои се авторите на тие атентати? Нема никакво соменение дека тие се дело на Македонци, орудија на балканските империјалистички влади.

Атентатите во Струмица, Лерин и Битола се дело на црната ВМРО, која што е извршен терористички орган на бугарската фашистичка влада, - вчера на Цанков, денеска на Љапчев. Атентатот во Петрич и разните напади на српско-бугарската граница, на македонската земја, се дело на агентите на Пашиќ и на здружението на Каламатиев, Терзиев и Риндов.

Каква цел се сака со тие атентати? Кој има полза од нив? Кому му служат тие?

Цел свет знае дека положбата во Македонија е многу тешка. Македонскиот народ - во трите дела од Македонија - е лишен од политички и уставни слободи. Страшен бел терор цари насекаде во Македонија. Насилства, прогонувања, грабежи, убиства и др. - ете така може да се карактеризира таа положба. Освен тоа, во грчка и српска Македонија, населението е лишено од секакви национални и културни права. Таму грчката и српската влада спроведуваат систематски една политика на денационализација и асимилација. Докажано е уште дека никоја од сегашните балкански влади не сака да ја измени сегашната положба во Македонија. Никоја од нив не сака македонскиот народ да биде слободен и обвинет. Напротив, секоја од тие влади, како империјалистичка, се труди не само да го задржи делот од Македонија што го владее, но таа прави се што е можно за да создаде во деловите од Македонија, што неговите соседи ги владеат, една таква положба, при која таа би можела да го зголеми заграбениот дел од таа земја. Едно од средствата за создавање на таква положба се атентатите што тие ги инспирираат. Ете кому му служат тие атентати...

Атентатите што се вршат само ја влошуваат положбата на македонскиот народ. Со атентатите Македонија не ќе се ослободи. Дури ако самите атентатори и нивните инспиратори беа луѓе кои, вршејќи го тоа, веруваат дека на тој начин искрено му служат на македонскиот народ, ние пак ги осудуваме. Зашто ние не познаваме ни еден пример во историјата, кога со атентати можело да се постигне ослободувањето на еден народ. Но нас не обзема чувство на омраза кога гледаме дека Македонци, кои се ставиле во служба на балканскиот фашизам, се готови да извршат и најголеми злосторства кон својот народ, ако нивните господари им го заповедаат тоа.

Тие Македонци, агенти на балканскиот империјализам, се обични банди и ние како такви ги третираме...

Колку за потфрлањето на бугарскиот владин весник за некакви врски на К. Леондев со нас, ние имаме да изјавиме дека „Балканска федерација" нема ништо општо со Леондев. Нашиот однос кон него е определен: од моментот хога тој се стави на услуга на српската реакција и великосрпскиот империјализам, тој престана да биде македонски револуционер, тој се претвори во агент на српската реакција и влада. Меѓу него и Циклев и Риндов нема разлика како што нема разлика ни меѓу последните и протогеровци. Само тие се агенти на непријателите на македонскиот народ.“ (La  Balkanique, IIe Аппее, № 1 (Аоиt, 1926), р. 831/32)

Влахов не беше ориентиран ниту кон Бугарија, ниту кон Југославија (која тогаш водеше политика на крут централизам), туку кон Советскиот Сојуз, со чија помош тој се надеваше да постигне обединување на јужно-словенските народи каде Македонија би формирала одделна, автономна федерална единица.

(извор: Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том втори, Скопје 1981, стр. 18 - 20)

 

 

На прво место

News image

Не го прави тоа што несакаш тебе да ти го направат!

Унија на Ветерани на ВМРО-ДПМНЕ Остро го осудува вандалското однесување на мала група хулигани ког...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.