|
|
Протестите во Солун покажаа дека изминатите две и пол децении ништо не се сменило во менталитетот на Грците |
Неделните протести во Солун покажаа дека изминатите две и пол децении ништо не се сменило во менталитетот на Грците. Поттикнати од националистите и грчкото свештенство, околу стотина илјади протестанти, пред наводната опасност од Република Македонија, порачаа дека нема да дозволат Скопје да го монополизира името на Македонија и да им ја краде историјата, а исто така дека „Македонија која била татковина и лулка на Грците’ ќе остане грчка. На протестите во Солун беше запалено македонското знаме, а ден потоа преку грчките медиуми беше пласирана карта на поделена Македонија, меѓу Грција, Бугарија, Србија и Албанија, што преставува дополнителен притисок врз нашата земја да прифати име со кое би се избришал македонскиот идентитет. Овие протести се случуваат откако под притисок на меѓународната заедница се интензивираа напорите на Скопје и Атина да изнајдат взаемно приватливо решение за спорот за името за да може Македонија што поскоро да влезе во НАТО. Во контекст на спорот околу името меѓу двете земји, треба јасно да се потенцира дека името на Македонија не преставува никаква закана за Грција. Едноставно кажано македонскиот народ нема територијални претензии кон грчката територија и не може воено да се носи со јужниот сосед, чија армија е далеку понадмоќна. Всушност целиот спор со Грција не се води околу името на Македонија, туку околу идентитетот на македонскиот народ, бидејќи таа не сака да признае постоење на македонско малцинство во Егејскиот дел на Македонија и правата на македонските бегалци од граѓанската војна (1946 - 1949). Историските фактите ја демантираат Грција, кога вели дека името Македонија подразбира територијални претензии. Имено, самите грчки политичари и интелектуалци, пред и по Првата светска војна, кога е санкционирана поделбата на Македонија од 1913 г., во повеќе наврати го имаат признато постоењето на македонскпот народ, македонскиот јазик и правото да го користи географското име Македонија. Уште во 1919 година, кога е основана Лигата на народите, Грција презеде низа обврски дека ќе ги почитува правата на македонското население како национално малцинство. На Балканскиот конгрес во 1929 година, Е. Венизелос, како премиер на Грција, не само што го потврдува постоењето на македонското малцинство во Грција туку и ветува дека тој лично ќе се заложи за задоволување на правата на тоа малцинство. Во својот таен меморандум од 12.02.1934 година до тогашниот министер за надворешни работи на Грција, Максимос, тој истакнува дека Македонците не се чувствуваат ниту како Грци, ниту како Бугари. Грчки извори од овој период го потврдуваат постоењето на посебен македонски народ. Повеќе автори и луѓе од политиката зборуваат за значителен број граѓани во грчка Македонија, кои зборуваат на еден јазик што тие го нарекуваат македонски, а луѓето кои го зборуваат овој јазик ги именуваат како Македонци. Грчката левица отворено го признаваше постоењето на македонското малцинство во Грција, а Комунистичката партија на Грција во еден период ја издигна паролата за независна Македонија и Тракија. Лидерот на левите либерали во Грција, Јоанис Софијанопулос, и бивш министер за надворешни работи на Грција, во септември 1950 година, во грчкиот парламент признава дека во Грција има македонско малцинство. Во ноември 1959 година, кога грчкиот парламент го ратифицира Договорот за погранична соработка меѓу Грција и Југославија, тогашниот министер за надворешни работи на Грција, Евангелос Авероф во парламентот го спомна и македонскиот јазик. Европскиот парламент во извештајот од 1977 година вели дека во Грција има пет малцинстава, меѓу кои и македонското, дека во таа земја се зборува освен на официјалниот уште на 4 други јазици: турски, албански, влашки и македонски. Грција, на Третата конференција на ОН за типизација на географските имиња, која, се одржа во Атина во 1977 година, ја прифати Резолуцијата на Конференцијата, според која се усвојуваат меѓународните системи за латинична транскрипција на српско-хрватските и на македонските географски имиња со констатација дека во Југославија веќе одамна се применува предавањето на латиница на српско-хрватското и на македонското кирилично писмо. Во 1982 година, на Четвртата конференција на ОН, што беше одржана во Женева, Грција наведе дека им дава подршка на сите соодветни резолуции на Конференцијата на ОН за типизација на географските имиња и предложи почитување на националните топоними, така како што се тие типизирани од компетентните органи за географски имиња во секоја одделна земја, што значи, Грција во 1977 и 1982 година со овие одборувања, ги призна името Македонија и македонскиот јазик. По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, во време на најголемиот притисок на Атина врз Македонија (протестот во Солун и Лисабонската декларација во 1992 г), на 28 март 1993 година на седница на Грчкиот парламент, премиерот К. Мицотакис истакна: „Сите влади во земјата, досега, го поддржуваа ставот дека Скопје има право во името да го употребува географскиот поим Македонија“. На оваа седница Мицотакис ја обнародил и изјавата од 4 мај 1986 г. на Андреас Папандреу, тогашен премиер на Грција, кој, пред грчките офицери во Алекдруполис рекол : „Ние не се обидуваме да извршиме притисок врз Југославија да не го употебува терминот Македонија. Нивно право е како независна земја да прават што сакаат“. Ова се само еден дел од аргументите кои укажуваат дека никоја нема право да ја натера Македонија да го смени македонското име и идентитетот. Ако се има во предвид дека ниту еден друг народ освен ние не го носел или присвоил македонско име, како и сите погоре изнесени факти се поставува прашањето зошто Атина води спор за името со една соседна пријателска и христијанска земја и во чиј интерес го прави тоа!?
|