|
|
Македонија и Македонците не постојат од вчера! |
Тихомир Каранфилов „Како надомест за вашите паднати херои и пролеана српска крв од која никна слободата на наша Македонија, ние Вам, на нашиот Александар Македонски, му се предаваме себе си, а своите молитви ги упатуваме до Бога за среќа на Србија и нејзиниот Александар Велики и на српската победничка армија“ - ќе каже егзархискиот митрополит Аксентије во својот говор пред српскиот Претстолонаследник по ослободувањето на Битола во Првата балканска војна. Во пресрет на разговорите околу името со Атина, стана пракса одредени личности поврзани со актуелната власт да даваат изјави со кои се негира името, идентитетот и поврзаноста на денешниот македонски народ со Александар Македонски. Така, денес имаме изјава од М. Грчев за грчки медиум во која вели дека „приказната за вечно национално постоење е луда приказна“ и дека „оваа апсурдна врска меѓу нашата модерна нација со Александар Велики и Филип, пред 2000 година, едноставно, е смешно“. Што се однесува пак до македонската нација, тој ќе напомене дека „Нацијата на Македонците постоеше пред 1944 година, бидејќи имаме книги и текстови на нашиот јазик. Во тоа време, се разбира, малкумина го нарекуваа нашиот јазик македонски. Тие биле образовани луѓе, кои имале свое мислење и го запишале. Ова започна во 19 век. Постојат писма од 19 век, книги и весници дека луѓето во овој регион се нарекуваат Македонци“, Жалосно е што еден интелектуалец, кој е професор и образува млади кадри, не знае или не сака да ја каже вистината за да не го навреди јужниот сосед. Имено, Македонија и Македонците не постојат од вчера. Тоа се провлекува низ вековите, па дури и кога земјата е поделена и поробена. Во историските документи постојот голем број на докази дека името Македонија во континуитет се појавува а населението во Македонија се изјаснувало според територијалната припадност. Во 1891 г. кардиналот Ј. Рitrа објавил зборник на документи, на број 155, кои се однесуваат на Охридската црква во време архиепископувањето на Димитрија Хоматијан во периодот од 1216 до 1235 госина. Разгледувајќи ги документите од овој период Д. Ангелов („Принос към народностните и поземлени отношениа в Македониа“, стр. 11 - 12 и сл.; 43). доаѓа до заклучок дека мнозинството од населението го сочинувале Македонците. До ваков заклучок Ангелов дошол врз база на проучувањето на синодалните акти за народноста на поданиците на Епирската држава. Имено, тој заклучува дека „вториот по значење и по бројност народносен елемент во границите на Епирскиот деспотат во даденото време биле Македонците, за кои во актите на Архиепископијата станува збор многу често (повеќе од 50 споменувања)". Од синодалните акти на Охридската архиепископија (Ив. Снегаров, во „Историа на Охридската архиепископиа“, I, стр. 250, - док. бр. 72), ги изнесува доказите во кои се гледа како Иван Иеракар на почетокот на XIII век, се изјаснува дека по род е Македонец и дека потекнувал од с. Власто, сегашното Велесто, во Охридско. Постои и од славјанскиот запис во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Горен Козјак, во кое лицето Братан во средината на XIV се потпишал дека е од Македонија. Од ова може да се види дека без разлика дали со Македонија владееле Византија, Србија или Бугарија, населението од Македонија, се изјаснува како Македонци по род. Вакви примери има повеќе. Исто така, името на Александар Македонски било длабоко врежано во меморијата не само на Македонскиот народ, туку и кај сите славјански народи на Балканот, Особено желбата за слобода ги оживува спомените на Александар Македонски и на неговото македонско царство во 15 и 16 век. Истовремено името Македонија, кое никогаш не било заборавено, не само што се споменува туку почнува да се истакнува на видно место. Потврда за тоа се македонските грбови кои се појавуваат во овој период. Македонскиот полк во Украина, списоците на војниците кои се изјаснуваат како Македонци и имињата на населбите како Македонов, Македоновка, Македони, Скопиевка, Куманово, Малаја Каратовка, Новиј Полог и други, се дециден факт дека македонското име и идентитет континуирано се провлекува низ вековите. Денес, се тврди дека македонската нација започна со формирање во 19 век и дека тогаш почна да се зборува за посебноста на македонскиот јазик. Меѓутоа, за овој период познат како преродба може да се каже дека дојде до повторен изблик на македонштината, изразена во борбата возобновување на Охридската архиепископија и Креснеското востание. Меѓутоа, создавањето на бугарската Егзархијата, наместо возобновување на Охридската архиепископија, ги придушува тој израз, иако поединци знаат повремено да ги пренесат чуствата на македонскиот народ. Почетокот на Првата балканска војна, македонскиот народ ја пречека со воодушевување. Македонците активно земаат учествуваат во неа со свои чети и очекуваат со помош на своите православни браќа Срби, Бугари, Црногорци и Грци да се ослободи од вековното ропство и повторно да ја обнови својата славна македонско држава. Интересен е написот „Балканска војна“ со поднаслов „Александар Македонски“ објавен во Политика од 12 ноември 1912 година. Во овој текст на српски известувач, испратен на 11 ноември 1912 г. во 6:20 часот попладнето од Скопје, се вели: „Вчера во 10 часот претпладне во битолската егзархиска црква одржана е свечано заблагодарување по повод победата на нашата војска и парастос за изгинатите српски херои за ослободување на Македонија. Чинодејствуваше митрополитот Аксентиј со многу свештеници. Присуствуваше и Н. Кралско височество Престолонаследникот со својот штаб и неколку илјади граѓани. Митрополитотот го поздрави со долг и трогателен говор Престолонаследникот како ослободител на Македонија и спасител на македонските христијани. „Како надомест за вашите паднати херои и пролеана српска крв од која никна слободата на наша Македонија, ние Вам, на нашиот Александар Македонски, му се предаваме себе си, а своите молитви ги упатуваме до Бога за среќа на Србија и нејзиниот Александар Велики и на српската победничка армија“. Така заврши говорот на митрополитот Аксентије. Заблагодарувањето е одржано за долг живот и среќа на Рускиот цар Никола втори, Кралот Петар, Престолонаследникот Александар, кралот Фердинанд, Кралот Ѓорѓе и Кралот Никола. „Ти благодарам Господи“ пееја нашите воени свештеници. При парастосот на нашите паднати витези цела црква клечејќи и плачејќи ја испеа „Вечна му памјат“. Наследниковата армија кај Битола зароби уште 51 топ, и таа со себе ќе однесе во Србија повеќе од 200. Досега турски заробеници кај Битола има повеќе од 10.000, а постојано се предаваат цели табори.“ Во својата благодарница до српскиот престолонаследник и неговата војска за ослободувањето на Битола, бугарскиот егзархиски митрополит Аксентиј ги спомнува двете имиња кои се во колективната меморија на македонскиот народ, Македонија и Александар Македонски. Меѓутоа, набргу, наредната 1913 година тој ќе биде протеран од Битола од српските власти, а територијата на Македонија ќе биде поделена меѓу Србија, Бугарија, Грција и Албанија.
|