|
|
Македонското име е повредно од НАТО и ЕУ |
Името Македонија има голема историска вредност и вековна традиција. Иако поради неговата величина со векови било оспорувано, тоа опстанало заради својот народ кој никогаш не се откажал од македонското име. Но тоа не биле Грците, туку Македонците. Тие верни синови на Македонија се бореле по горите и планините на својата замја и ги испишале страниците на македонската историја. Така името Македонија забележано во Библијата ги надживеа старите империи Римската, Византиската, Отоманската, а ќе ги надживее и новите империи (САД, ЕУ). Денес, во името на евроатланските интеграции се бара од македонскиот народ да се откаже од своето име, кое е постаро, поголемо и повредно од тоа што е денес НАТО и ЕУ. Со еден акт Македонците треба да се откажат од своето име, идентитет, јазик, од својата славна историја и безимени и обезличени да влезат во сојуз кој не го почитува меѓународното право. Потврда дека Западот за тоа е пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг со која Македонија не смее да биде попречувана да влезе со привремената референца, Имено, овој суд преуди дека Грција го прекршила член 11 од Времената спогодба со блокирањето на приемот на Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година. Денес од Македонците се бара да го решат проблемот со името, односно да се откажат името, идентитетот и сопствената историја, доколку сакаат да влезат во НАТО и ЕУ. Нешто што е незамисливо во модерниот свет и нешто што не е никаква гаранција дека Македонија ќе биде примена и дека како нејзин член ќе и биде загарантиран мирот и стабилноста во земјата. Во последно време на виделина се појавија и други докази дека Западот не го почитува договореното. Декласифицираните документи на Вашингтон, потврдуваат дека за време на преговорите со советската влада, предводена од Михаил Горбачов, како дел од процесот за надминување на Студената војна, западните влади предводени од Вашингтон, дадоа категорични гаранции дека по повторното обединување на Германија нема да има обид НАТО да се прошири кон исток кон руските граници. Меѓутоа, Западот одамна го прекрши ветувањето дадено на Русија и го дестабилизира светот. Ако Западот тоа го направи кон Москва, која е гаранцијата дека ќе го испочитува ветувањето кон една мала земја како Македонија, дека доколку го реши проблемот со името со Грција ќе биде примена во НАТО и ЕУ. Искуството од минатото, а и последните три години укажува дека на центрите на моќ им е потребна македонската територија за ширење кон исток, но не и македонскиот народ. Бидејќи името Македонија само по себе асоцира самостојност на земјата, тие дефинитивно се ставија на страната на Грција и вршат огромен притисок врз македонскиот народ да го смени името, идентитетот и јазикот. За таа цел беше инсталирана марионетска власт, а покрај неа беше вклучен и нивниот дежурен џандар на Балканот од каде произлезе и Тиранската платформа. Наместо демократија и почитување на човековите права, наместо мир и стабилност, идеолозите од Запад денес извезуваат дестабилизација на исток, особено во земјите кои како Македонија се наоѓаат на линијата на огнот меѓу Истокот и Западот. Меѓутоа, Македонците нема да потклекнат. Самостојни или во рамките на повеќе империи, Македонците никогаш не се откажале од своето име, но на светот му оставиле многу вредности. Тие од секогаш ги почитувале духовните вредности и се заложувале за почитување на правата на другите. Денес, непријателите на македонскиот народ се обидуваат да ги присвојат овие вредности и преку бришење на името да ја сменат историјата и да го сменат сопственикот на македонската земја. Всушност тоа значи, во својата куќа и на својата земја да станеш потстанар и кираџија. Странци повторно сакаат да завладеат со македонската земја. Поради тоа македонскиот народ каде и да е, се повикува да ги затрупа стапалките на туѓиот господар, ако сака да остане сопственик на својот имот и да му стави крај на честите ослободувања и вечното ропство. Секој Македоневц треба да застане во првите редови на фронтот во одбрана на името, идентитетот и јазикот, во одбрана на демократијата, за да ја зачува слободата, за да не стане граѓанин од втор ред во својата земја. Македонскиот глас мора да се слушне во секое катче од светот, бидејќи македонското име е повредно од НАТО и ЕУ.
|