|
|
Македoнија имала зад себе долго минато, а во иднина нема да престане да ја занимава Европа |
Александар Македонски Едмонд Бушие де Бел: „Очевидно е дека Македонците не се Грци Едмонд Бушие де Бел, роден на 23 август 1878 година во Везиње, Франција. Завршил класична гимназија во Кондорсе, а потоа дипломирал на правниот факултет. Како доктор по право, бил висок финансиски службеник во Париз, советник во Министерството за финансии, а во текот на Првата светска војна заземал видно место во Главниот штаб на француската Источна армија на Балканот. По доаѓањето на Солунскиот фронт, Едмонд Бушие де Бел имал можност повеќе време да престојува на Завојот на река Црна, каде останува шест месеци. Потоа го следи движењето на Армијата кај Островското Езеро, во Лерин, Битола, во Прилеп и Скопје, каде што завршува и неговиот животен пат. Умира во Скопје на 20 октомври 1918 година. Едмонд Бушие де Бел во тоа време напишал книга за Македонија и Македонците, која по неговата смрт е печатена во Париз во 1922 година под наслов: „La Macedoine et Les Macedoniens", (Раriѕ 1922, 80, IV. 303). Книгата на Едмонд Бушие де Бел, која се појавува од печат, четири години по неговата смрт, наградена е од Француската академија на науките. Денес, кога Грција и го оспорува правото на Македонија за користење на името, книгата на Едмонд Бушие де Бел е интересна и значајна од повеќе аспекти. Согледувајќи дека Македонија уште долго време ќе биде предмет на внимание на Европа, Едмонд Бушие де Бел се обидува да даде свое решение за македонското прашање. Врз основа на личните опсервации и искуства стекнати за време на престојот во Македонија тој во своите записи ќе констатира дека: населението иако е слично сепак се разликува од Бугарите и Србите, како и тоа дека „Македонските Словени не се Грци“. Едмонд Бушие не само што го разликува населението во Македонија, туку и посочува како решение дека „населението на Македонија треба да биде одделно како посебна народност чиешто име скратено би било Македонци“. Ваквите негови констатации и решение се посебно интересни па затоа ви пренесуваме извадоци од неговата книга во кои тој вели: „Ниту од вчера, ниту пак од денес, датира македонското прашање. Македoнија имала зад себе долго минато, а во иднина нема да престанеда ја занимава Европа. Тоа што Македонија и стана позната на Европа се должи, главно, на два факта и тоа: на својата географска положба како раскрсница на светските патишта: едниот од Белград и од Нови Пазар низ Вардарската долина за Солун и другиот - Старата Via Egnatia од Драч пак за Солун, додека Солун како пристаниште на Македонија и по важност не стои поназад од Цариград и Суец. Од Солун може да се владее над Источното Средоземно Море и над патиштата за Азија. Другата причина е: населението е различно по народност, по потекло и над него уште одамна се спроведува тактика на влијание од страна на соседните балкански држави, поддржани од големите сили, чиишто интереси се поврзани со положбата на балканските земји... Македонија ја населуваат три групи народности. Едната е оспоруваната народност Македонските Словени, или, кратко речено Македонци, кои ја образуваат јатката на селското население. Потоа се јавуваат три други народности кои се стремат за господство над Македонците: Бугарите, Србите и Грците и три од спорот далечни народности: Власи, Турци и Евреи. Но ниедна од овие народности не населуваат определена територија, туку се јавуваат овде онде во земјата. По сите полиња на Македонија се среќава една народност од селани со словенски јазик од источноправославна вероисповед. Нив Бугарите ги сметаат за свои „по јазик и по срце", повикувајќи се дури на Велика Бугарија, создадена со Санстефанскиот договор и на името „Бугари" под кое жртвите на Берлинскиот договор се бореа против турското ропство. Србите ги сметаат за „Срби" - бидејќи Душановата држава ја вклучувала некогаш и „цела Македонија", од спомениците што го преживеале турското ропство и дека јазикот бил „старосрпски" и затоа што и Македонците славеле „слава". На крајот доаѓаат и Грците, за кои немало решавачко значење потеклото, ниту јазикот, туку само „духот" и културата, која била грчка, и како што за Французите, на пример, не можело да се каже дека не се Латини, така и за Македонците не можело да се рече дека не се „Грци". Очевидно е дека Македонските Словени не се Грци. Но и покрај фактот што имаат некои сличности во наравите, верата и јазикот со Бугарите и Србите, тие се одликуваат и од едните и од другите. Прашајте еден селанец од Островска околија, или од Битолска, како се чувствува, тој ќе ви одговори девет од десет пати: Македонец! Затоа словенското население на Македонија треба да биде одделно како посебна народност чиешто име би било Македонски Словени или, скратено, Македонци...“ Иако француската дипломатија отсекогаш била добро запозната со состојбите во Македонија, како голема сила која играла видна улога во светот и влијаела на историските текови, таа не одиграла конструктивна улога во зачувување на целовитоста на Македонија. Тргнувајќи од сопствените интереси, честопати своите „симпатии’ ги насочувала кон Србија и Грција, односно кон оние кои имале голем апетит кон Македонија. За разлика од неа, француските интелектуалци отсекогаш гледале со симпатии кон македонскиот народ. Меѓутоа, како и во минатото така и денес, на прашањето на било кој од ЕУ, како се чуствуваат граѓаните на Македонија, тие ќе ви одговорат од десет, десет пати дека се Македонци, и дека нема да го сменат името. Затоа како водечка земја во ЕУ, Франција која добро ја познава Македонија, треба еднаш за секогаш да и застане на незаситните барање на нивниот пулен Грција и да и помогне на Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО.
|