|
|
Одделно седење на мажите и жените за време на веселбите |
АНТИЧКО-МАКЕДОНСКИ ОБИЧАЈ ЗАЧУВАН КАЈ СОВРЕМЕНИТЕ МАКЕДОНЦИ Преку компаративна анализа помеѓу античко-македонските обичаи, обреди и верувања собрани од записите од античките историчари (но и од еминентните современи светски истражувачи на античка Македонија) и записите на фолклористите од 19 и 20 век, се забележуваат фрапантни сличности кај повеќе обреди, обичаи и верувања кои ги негувале и ги негуваат и Македонците од 19, 20 и 21 век. Притоа нема да навлегуваме во нивната генеза, т.е. дали овие елементи биле автохтони античко-македонски или пак можеби и античките Македонци нив ги наследиле од некоја друга култура, затоа што практично тоа и не може да се докаже со стопроцентна сигурност (иако за некои од овие обичаи и обреди античките автори децидно потенцирале дека се чисти македонски). Но, нивното потекло и не е толку важно. Поважно е тоа што некои од овие античко-македонски обичаи, обреди и верувања останале до генерациите на Македонците од 19, 20 и 21 век и ова може да се докаже преку спомнатово компарирање. Во продолжение ќе на ведеме еден ваков пример. Одделно седење на мажите и жените за време на веселбите Одделното седење на мажите и жените за време на веселбите во минатото во Македонија е добро познат обичај. Овој обичај дури и денес се уште се има задржано по селата. За овој обичај мнозина кај нас погрешно сметаат дека е обичај наследен од Турците, т.е. од времето на нивното петвековно владеење со Македонија. Ваквото мислење секако дека беше резултат на односот на тогашните Турци (но и на исламот воопшто) кон жените. Но, ваквото толкување за потеклото на овој обичај воопшто не одговара на вистината. Одделното седење на мажите и жените за време на веселбите или свеченостите се среќава уште кај античките Македонци и тоа уште во 6 век пред Христа. Дециден опис на овој античко-македонски обичај постои кај античкиот историчар Херодот. Опишувајќи ја посетата на персиските пратеници на Македонскиот двор во времето на македонскиот крал Аминта (во последните години на 6 век пред Христа.), Херодот ги цитира зборовите на овој македонски крал, во кои, Аминта сосема јасно го споменува овој обичај. Еве како ја опишал Херодот оваа ситуација: “И така Персијанците... беа доведени пред Аминта, замолувајќи го да му отстапи вода и копно на кралот Дарие. Аминта, не само што им го вети тоа што го бараа, туку и ги покани на гозба, по што тој направи богата трпеза, со цел Персијанците убаво да се забавуваат. Откако заврши вечерата, Персијанците продолжија да пијат, обраќајќи му се на кралот со зборовите: - Драг Македонецу, ние Персијанците имаме обичај, кога правиме голема гозба да ги водиме со нас и нашите жени или љубовници, кои на гозбата седат заедно со нас. Сега, откако Вие не примивте нас толку љубезно, откако не нагостивте и откако ни ветивте дека на кралот Дарие ќе му дадете земја и вода, направете го и овој наш обичај во наша чест. Аминта им одговори: Драги Персијанци! Кај нас не постои таков обичај, туку кај нас мажите седат одвоени од жените. Но, бидејќи вие го барате тоа, ќе ви ја исполнам оваа желба. Откако го кажа ова Аминта нареди да ги повикаат жените. Жените дојдоа на неговиот повик и се наредија наспроти Персијанците. Персијанците видоа дека овие жени се многу убави и згодни и повторно му се обратија на Аминта, велејќи му дека она што го направил не било сосема доволно и дека подобро би било овие жени воопшто да не доаѓале, отколку што дошле на ваков начин, без да седнат крај нив, туку да останат отспротива и да им ги мачат очите”. (Подвлекувањата се мои, з. м.) (Инаку, епилогот на оваа интересна случка е тоа што Аминта им дозволил на македонските жени да седнат крај Персијанците, но тие се опиле и почнале да ги задеваат со непристојни зборови и постапки, поради што платиле со глава, а подоцна случајот бил забошотен пред персиските власти). Но, да се вратиме на зборовите на македонскиот крал Аминта, кои гласат: “Кај нас не постои таков обичај, туку кај нас мажите седат одвоени од жените”, како и на продолжението на описот од случката, според кое: “Жените дојдоа на неговиот повик и се наредија наспроти Персијанците”. Целосно идентичен опис на овој обичај се среќава кај повеќемина собирачи на македонски народни умотворби од 19 век. Така, на пример, браќата Миладиновци, опишувајќи ги свадбените обичаи во Кукуш, во својот Зборник, запишале: “Стигвеешчем у момата, мажите седвет на една страна, а жените на друга стоет простум”. (Миладиновци, “Зборник на народни песни, Обичаи на свадба в Кукуш”, Скопје, 1983, стр. 490) Познатиот босански собирач на македонски народни умотворби Стефан Верковиќ, опишувајќи ги свадбените обичаи во околината на Серез и Неврокоп, во врска со ова ќе запише: “Штом ќе влезат во домот на невестата, таткото на младоженецот и мажите влегуваат во една соба, а жените остануваат надвор во друга соба, во која се наоѓа и невестата со девојките”. (Верковиќ: “Македонски народни умотворби 5”, Македонска книга, Скопје, 1985, стр. 142). И Кузман Шапкарев во својот опис за свадбените обичаи од Охрид, Струга и Кукуш го спомнува овој обичај. Овој античко-македонски обичај не се задржал кај Македонците од 19 век само за време на свадбите. Напротив, тој бил застапуван и за време на обичните заеднички свечени ручеци (посебно на оние, на кои, присуствувале поголем број припадници на машкиот и на женскиот пол, каков што е впрочем и случајот со веселбата што ја приредил кралот Аминта). На стр. 135 од споменатата книга за Верковиќ, во врска со обичаите на Македонците од југозападниот дел на Македонија, што се одржуваат за време на свечени ручеци, пишува: “На трпезата во горниот крај, на првото место седи дедото (најстариот родоначелник), окружен од двете страни со членовите од машкиот пол; на другиот крај на трпезата седи бабата, исто така окружена со членовите од женскиот пол”. Гледаме дека овде е опишана потполно истата ситуација како кај Херодот. Имено, таму Македонките, на повикот на својот крал, влегле во одајата и, во склад со своето воспитание, т.е. во склад со единствениот начин на однесување што го знаеле за во такви ситуации, се наредиле наспроти Персијанците, т.е. наспроти мажите. Значи, за време на веселбите во античка Македонија жените седеле во одделна просторија од мажите, но кога требало да седат во иста просторија, тогаш тие седеле наспроти мажите, што значи дека и тогаш биле дистанцирани од нив. Во описите на Верковиќ го гледаме сосема истото. Кај Верковиќ (за време на свадбените обичаи од Серез и Неврокоп) мажите влегувале во една соба, а жените во друга. Но, кога требало да престојуваат во заедничка просторија тогаш мажите седнувале, а жените застанувале наспроти нив. Истата состојба ја имаме и во описот на Миладиновци во врска со свадбената веселба во Кукуш. И во описот на Верковиќ за свечениот ручек во југозападниот дел на Македонија, за време на кој мажите и жените морале да седат (јадат) во заедничка просторија, тие седеле одвоено, т.е. едни наспроти други, исто како што седеле и Македонците и Македонките за време на свеченостите во античка Македонија. Целосната идентичност на овој македонски обичај уште од античко време, па се до не така одамна, мислам дека е повеќе од очигледна. Инаку, да потсетиме дека описите на овој обичај од страна на Верковиќ и на Миладиновци датираат од средината на 19 век, а да спомнеме и дека овој обичај го има до денес во повеќе села низ Македонија (според лични сведоштва дадени од учесници на неколку вакви свадби и веселби на авторот на овој труд). Уште посилен доказ дека овој обичај кај Македонците од 19 век е директно наследство од античките Македонци, претставува едно многу интересно сведоштво од страна на самиот запишувач на овој обичај Стефан Верковиќ. Имено, за Македонците од југозападниот дел на Македонија Верковиќ тврди дека во најголем број му припаѓале на коленото Пуливаковци. Ова колено (пошироко семејство, род), според Верковиќ, го опфаќало целото население од повеќе македонски градови од југозападниот дел на Македонија. Токму таму Верковиќ ги запишал овие обичаи. Пишувајќи за народносната свест на Пуливаковци (некаде во шеесеттите години на 19 век), на стр. 138 од гореспоменатата книга, Верковиќ запишал: “Кај Пуливаковците постои предание дека се чисти Македонци и потомци на Александар Велики. Долно-Поленците, а особено тие што живеат во околината на Пазар се гордеат со старата столица, т.е. со градот Бела, од кој останале само една кула и една карпа, висока пет аршина.” Значи, воопшто не е случајно тоа што овој античко-македонски обичај преку 25 векови се задржал во Македонија, посебно во оние краеви, каде населението (и покрај сите пропаганди и притисоци од страна) си ја задржало својата македонска етничка свест. Да го кажеме и тоа дека овој обичај го има и кај други народи (иако не кај сите, затоа што видовме дека Херодот е дециден во тврдењето дека ваков обичај воопшто немало кај Персијанците). Може да се претпостави дека овој обичај околните народи го примиле токму од Македонците, а индиција за ова е фактот што овој обичај за првпат во наративните извори се среќава токму како македонски обичај.
|