|
|
Падот на македонскиот „Порт Артур“ во Ениџевардарското Езеро |
Тихомир Каранфилов Русија го зела под закуп пристанишниот град и поморска база во Жолтото Море Порт Артур и почна да се шири во Манџурија, по што на почетокот на XX век, доаѓа до Руско – Јапонската војна (1904 - 1905). Во овој период, Порт Артур станува познат по жестоките поморски битки помеѓу руската и јапонската флота. Со ова име е именувано и пристаништето на „македонската флота“ во Ениџевардарското Езеро (Блато), каде се наоѓа и колибата „Корчуфка“, седиштето на Апостол војвода. Инаку, интересно е да се напомене дека во овој период јапонска делегација воспоставува контакти со Македонската револуционерна организација. По неуспехот на преговорите на царскиот пратеник со војводата Апостол, турската војска доби наредба да го исчисти Ениџевардарското Блато од македонските комити. По долги подготовки, турската војска да се справи со само шеесетина македонски комити кои беа смесетени во "постојаниот гарнизон" на Македонската револуционерна организација во Ениџевардарското езеро. Додека турската војска се подготвуваше, турските власти им овозможија на андартите непречено да ги напаѓаат македонските села и македонските чети предводени од Апостол. Борбите во текот на овие шест месеци го состави епилогот на Ениџевардарската епопеја. Македонскиот револуционер и историчар Христо Силјанов, во своето дело „Ослободителните борби на Македонија“, повикувајќи на повеќе извори, за борбите со андартите пред турската армија да почне да дејствува го бележи следното: „На 14 ноември 1906 година, капетанот Аграс се спуштил со десетина чамци до (македонската - н.з.) колиба во Зервохор и ги изненадил со рафали нејзините жители, но тие одвратиле и напаѓачите се дале во бегство. Ова е, може да се каже, беше најнесреќната за андартите "поморска битка" во Блатото. Напаѓачите имаа девет убиени и неколкумина ранети, меѓу кои и самиот Аграс. Од Македонците загина стариот четник дедо Мартин. Неколку дена подоцна, капетанот Панајос си ја проба среќата во друга (македонска – н.з.) колиба, но исто така беше одбиен. Грчките напади беа следени од импресивна турска инвазија на Блатото. Кон крајот на ноември, армијата ја преплави областа, а многубројни оклопни чамци внимателно настапија према „Корчуфка“. Некои од нив, предводени од насилно земени месни рибари, навлегоа и во тајните патеки, но таму наидоа на бројни четнички заседи и брзо се вратија назад. "Порт-Артур" и овој пат преживеал. По овој турски напад, андартите станаа многу посмели... Заменикот на капетан Аграс, капетан Никифорос, речиси секојдневно преземаше блиски и далечни разузнавачки акции, кои често завршуваа со престрелки, при што имаше и по некоја жртва од едната или другата страна. Согледувајќи дека (Македонците – н.з.) градат наизменични колиби до главната колиба "Куга", Грците реагирале на ист начин, така што растојанието помеѓу непријателите на насипот било сведено на неколку стотина метри. Комите и Андарте сега имаа задоволство да разменуваат меѓу себе не само куршуми туку и клетви и да се потсмеваат. Дури и зимата, особено остра во 1906/1907, не наметна примирје за воините. По божиќните празници, падна обилен снег и фрли бела наметка над целото Блато. Осушената трска се распаѓаше при пловењето, предизвикувајќи предавнички шум. Над нејзиното спуштено ниво, се појавуваа стреите на колибите. Мразот беше ги оковал во мртвило се живо, освен луѓето, во чии души гореше пламенот на расната омраза. Апостол се умори од предизвикувањата на андартите и реши да ги нападне во нивната највисока тврдина. Едно утро тој ги поведе своите луѓе против "Куга" и ја нападна од неколку страни. Меѓутоа, некои од неговите момчиња отвориле предвреме стрелба што ги дигна на нозе андартите. Непријателот даде жесток отпор. Борбата траеше два часа. За тоа време, пристигнаа многу чамци со засилување од другите грчки колиби и ги стави напаѓачите во многу тешка ситуација. Четата отстапи без да бидат прогонувани. Во овој судир помеѓу Апостол војвода и Капитан од Никифорос, (Македонците – н.з.) не дадоа жртви. Уште на почетокот на битката, од андартите падна еден евзон внатре во колибата, а уште двајца други до крајот на битката. Успешното одбивање на нападот на (Македонците – н.з) ги охрабри андартите. "Неуспехот во спроведувањето на планот, - раскажува участникот Ст. Тр. Хаџиев, - го охрабри уште повеќе Грците кои се доближија толку многу што ги слушавме заканите и нивните повици: "Апостол, дојди да се бориш." Ние ја прифативме нивната покана. Еден дел, на чело со војводата, отворивме оган од колибата, а другите четници, качени на чамци и по патеки познати само на нас, отворивме оган од неколку страни и ги спречивме Грците кои имаа големи загуби во убиени и ранети. Многу дена по ова, Грците не нè вознемируваа. Од Блатото, андартите презедоа во текот на оваа зима и два похода против селата Божец и Г. Куфалово. Во првото село, научено на андартски напади, Грците наидоа на отпор и имаа неколку повреди. Од страна на селаните имаше тројца мртви и двајца ранети. На 12 март 1907 година, постојанато одделение на турската војска сместено во Куфалово беше отсутно од селото . Капетан Никифорос го искористи оваа не случајно отсуство на турскиот гарнизон за го нападне селото. Неколкумина од милиционерите успеаја да дојдат до своето оружје и да дадат отпор. Тука андартите убија неколку селани, изгореа две крајните куќи и киднапираа неколку души, меѓу кои и мали деца. Не вознемирен од соседните турски гарнизони, кап. Никифорос се врати по овој “подвиг’ во Блатото. Овие напади не останува без одговор на Апостол. Едно четничло одделение засилено од милицијата и предводена од десетарот Васил Стојанов, го нападна грчкиот дел на село Рамна, една од важните андартски бази во околијата, при што запали значителен дел од куќите и уби десетина од најистакнатите помагачи на грчката вооружена пропаганда.“ Турските власти согледувајќи дека андартите не се некоја сила која може да се справи со четите ма Македонската револуционерна организација, под бидното око на странците, тргнаа сами да се справат со Апостол војвода и неговите комити. За борбите на турската армија со македонските чети и падот на македонскиот „Порт Артур“, Силјанов пишува: „Сите овие активности во и околу Езерото – грчко - македонските судири, пожари и убиства во полето од страна на чети, сместени во самото Блато, при целосна немоќ на власта да стави на рака на освојувачот на мочуриштата Апостол војвода - беа станале причина за потсмев во македонската престелнина (Солун – н.з.). Странците говореа најлошо за турското владеење додека македонските и грчки чети се борат за доминација во Езерото, кое формално беше сеуште дел од султанскиот имот... Хилми паша, од своја страна, конечно се убеди дека очистувањето на Блатото не е во силите на поддржуваните од него грчки андарти. Кон средината на пролетта турските подготовки веќе беа завршени. Од една висока дрвена набљудувачница изградена на западниот брег, се гледаше стреата на „Корчуфка“ и други колиби. Неколкуилјадната војска која се распоредила околу Езерото, ги окупирала селата и познатите крајбрежни места што служеле како пристаништа. Артилерија и опкованите со железо чамци беа доведени во невообичаен број. Пристигна и коњаница, со цел да ги брка комитите од Ѓол и да ја спречи нивната остапница кон планините. Апостол, редовно информиран за овие вонредни подготовки, побрза да ги преземе своите чекори. Тој ги повика сите свои делегати на состанокот во „Порт-Артур“ и им зборуваше на турскиот поход и ги праша што да прават? Наједноставно и најпрактично решение беше привремено да го напуштат Блатото додека не помине и оваа бура. Меѓутоа, калените и доблесни соборци на Апостол не беа оние што ги бараа најпрактичните решенија. Нивната совест сугерираше дека Блатото не треба да се даде без борба, а разумот дека војвода не треба да биде изложен на смртоносна опасност. Тие можат да загинат до еден - загубата нема да биде незаменлива: други четници ќе ги заменат нивните места. Но, ако загине Војводата, луѓето ќе го изгубат своето "Сонце", а загубата за делото во областа ќе биде непоправлива. И каков празник ќе биде ова за непријателите Турци и Грци! - Ти Треба да го напуштиш веднаш Блатото, - рекоа десетарите на својот началник. - Оди во околијата да го водиш народот, да го браниш и заштитиш. Одбраната на Блатото оставија на нас, а ти, од надвор направи, ако ти успее, нешто во тилот на војската, за да ни ја олесниш нашата положба. Апостол најде дека нивните размислувања се разумни и се согласи. Откако оваа одлука беше донесена се отвори опсадата како второ, техничко прашање - како да се подготви одбраната. Стана прераспределба на расположивите сили - вкупно околу шеесет четници - и му довери: на стариот Вандо - да го земе левото крило откај селото Кариотица; на Ст. Хаџиев - центарот "Корчуфка", со 16 четници; на Тома Дураков и Христо Крлев Бељала - двете колиби на десното крило, првиот со 6 и вториот со 11 момчиња. Колибата "Алгун", доверена на Бељала, беше нова, штотуку изградена - поради тоа и слабо утврдена. Воводата ги обиколи колибите по должината на целиот фронт, престојува еден ден кај Бељала во Алгун, а потоа го напушти Блатото. Турците како да го чекаа заминувањето на Апостол за да ја започнат својата офанзива против неговите упоришта. "Најпрво беше нападната колибата “Алгун" од грчките андарти, - раскажува Хаџиев, заштитникот на" Корчуфка". - Борбата траеше неколку часа и без да се дадат жртви од наша страна, Грците беа одбиени. Два дена после тоа истата колиба беше нападната од турска војска, натоварена на оклопни чамци. Почна неравноправна борба која траеше неколку часа. Четниците, на чело со својот началник Бељала, се бореа јуначки, но бидејќи заштитата тука беше слаба и бидејќи истовремено беа напаѓани и со артилерија, сите момчиња беа убиени. Таму паднаа: Бељала, Дино од Јунчиите, Григор од Пилорик, Конде хаџи Стојанов, Доло од с. Крива и шестмина (седуммина ав.з.) други четници, имињата на кои не се сеќавам." За да ја потврдат пред (македонското – н.з.) население победата (прва нивна вистинска победа во Блатото), Турците ги пренесоа во градот Ениџе-Вардар телата на 12-те бранители на Алгун. Така паднаа Алгун и Порт-Артур. Две славни, достојни за бесмртност имиња, неспоменувани веќе речиси избришам од памета на денешните македонски поколенија, како што е исчезнато од лицето на земјата и самото Блато. Небаре делото на "алгунци", кои, сред вода и кал, умреа, искасапени од гранати, кои го бранеа до последна воздишка наутврдената колиба од трска, е помалку вредно од херојството и саможртвата на (другите – н.з) загинати другари....“ Со падот на "Алгун", "Порт-Артур" и другите колиби, се заврши Првиот период на борбите во Ениџевардарското езеро. Мали групи четници и прогонувани селани пак наоѓаа прибежиште во трската. Сепак, Блатото престана да служи како база за напаѓачките активности во оваа област. Турците и андартите се радуваа, иако победата ни од далеку не беше целосна. Затоа што намерата на турската влада и на султанот беше да го уништат "Ениџевардарското сонце". Но, Апостол остана жив и ја продолжи борбата создавајќи уште една епопеја во Блатото. (продолжува)
|