Политиката на СДС повторно се враќа на добро познатата матрица – страв, притисоци, отстапки и убедување на народот дека секое ново понижување е „европска иднина“. Денес таа улога ја презеде Венко Филипче, човек кој сѐ почесто зборува во име на бугарските барања, а сѐ поретко во име на македонските национални интереси.
Додека македонскиот народ бара јасни гаранции за идентитетот, јазикот и историјата, Филипче настапува како главен промотор на уставните измени, обидувајќи се да им објасни на граѓаните што тие „навистина значеле“. Но, проблемот е што народот многу добро знае што значат. Знае дека зад секоја нова отстапка следи нов услов, ново понижување и ново негирање на македонскиот идентитет.
Уште пред да се формира новата влада во Бугарија, Филипче започна со пораки дека е подготвен за уставни измени и без гаранции. Тоа не беше дипломатска внимателност, туку јасен сигнал дека повторно се подготвува теренот за политика на попуштање. А кога новата влада во Софија беше формирана, Филипче веднаш почна со реторика која повеќе наликуваше на додворување кон бугарските позиции отколку на заштита на македонските интереси.
Во сето тоа најзагрижувачко е што тој се однесува како народот да има кратко паметење. Како граѓаните да не слушнале што со години говори Румен Радев. А позициите на Радев се одамна јасни – нема отстапување околу јазикот, идентитетот и историјата. Бугарија јавно и отворено ги поставува своите барања, а Филипче наместо да постави црвени линии, се обидува да ја убеди јавноста дека уставните измени биле само прашање на „кохезија“ и „европска перспектива“.
Тоа е истата политичка формула што ја користеше Зоран Заев – прво убедување дека „нема друга опција“, потоа прифаќање на условите, а на крај барање народот да молчи и да се помири со новата реалност. Денес Филипче се обидува да ја продолжи таа политика, претставувајќи се како човекот што ќе ја внесе Македонија во Европската Унија, без да каже колкава ќе биде цената што повторно треба да ја плати македонскиот народ.
Но граѓаните веќе еднаш ја видоа оваа приказна. Во 2022 година, кога се туркаа уставните измени, илјадници луѓе излегоа на улица и јасно порачаа дека Македонија не смее бесконечно да попушта. Народот тогаш кажа „не“, но СДС очигледно не ја научи лекцијата. Наместо преиспитување, повторно продолжуваат по истиот пат, како ништо да не се случило.
Дополнителен проблем е што денешната опозиција не нуди никаква визија за економија, институции, образование или животен стандард. Наместо политики за граѓаните, главната тема повторно се уставните измени и исполнувањето на бугарските барања. СДС се однесува како мала група опседната единствено со враќање на власт, без разлика на цената што ќе ја плати државата.
Филипче очигледно веќе се гледа во премиерската фотелја и затоа секојдневно ја засилува реториката дека токму тој ќе ја „спаси“ европската иднина на Македонија. Но граѓаните добро знаат кој што направи во изминатите години. Добро знаат кој ја доведе државата во ситуација постојано да биде блокирана, условувана и понижувана. И добро знаат дека секое ново ветување од истите луѓе значи опасност од нови национални отстапки.
СДС денес е во длабока политичка криза, а довербата кај народот постојано им паѓа токму поради политиките што ги водеа. Наместо да се дистанцираат од политиката на Заев, тие продолжуваат по истиот пат. Разликата е само во тоа што Филипче изгледа подготвен да оди и чекор подалеку.
Македонија не смее повторно да стане држава во која некој ќе го убедува народот дека предавството е реформа, а откажувањето од националните позиции е „европска вредност“. Граѓаните одамна ја прочитаа таа политичка матрица и затоа сѐ погласно порачуваат дека државните и националните интереси не смеат да бидат монета за поткусурување во битката за власт.
