|
||||
ХОЛАНДИЈА И МАКЕДОНИЈА ОДБЕЛЕЖУВААТ 30 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ПОЗНАТИОТ ПИСАТЕЛ А.ДЕН ДОЛАРД |
ОД ГОСПОД СОЗДАДЕНА МАКЕДОНИЈА Хундерло-Охрид, 23 јуни 2024 Во неделата на 30 јуни во Охрид беше затворена манифестацијата „Недела посветена на А.ден Долард„ која траеше една недела во чест на холандскиот писател А.ден Долард кој Македонија ја сметаше за своја втора татковина, а во септември 1972 во Маврово ја даде спектакуларната изјава во која вели: „Кога Господ го создаваше светот потроши вкупно шест дена на него: пет дена го создаваше целиот свет и еден ден посвети само на Македонија – затоа е таа толку убава.„ Како што нѝ објасни директорот на музејот на А.ден Долард во Охрид Крсте Пурцов, одбележувањето на 30-годишнината од смртта на А.ден Долард било во координација со Македонската заедница во Холандија каде паралелно се одржаа низа активности во чест на овој познат холандски писател: изложба на фотографии за А.ден Долард, изложба на фотографии кои тој ги направил во Македонија во периодот меѓу двете светски војни, литературни читања/фрагменти од неговите дела, предавања и чествувања на неговиот гроб во Хундерло и пред спомен-обележјето во Охрид. Крсте Пурцов додаде дека на барање на Македонската заедница во Холандија биле испратени капсули со вода и земја од Охридското езеро и охридските ниви каде аргатувал А.ден Долард и неколку камчиња од планината Галичица за да бидат истурени/ставени на неговиот гроб како симболика за поврзаноста која тој ја имаше со нашиот град и регион. На кејот на Охридското езеро во 2006 година по повод 105 години од раѓањето на А. ден Долард беше откриено спомен-обележје во чест на писателот на кое откривање присуствуваа и неговите потомци од Холандија. Спомен-обележјето во рамките на „холандскиот парк„ е дизајниран од македонскиот архитект Владимир Таиќ, според идејата на шефот на Холандско-македонската стопанска комора, Петер Џон Босе. Општина Охрид на денот на смртта на А.ден Долард во средата на 26 јуни положи свежо цвеќе и беа искажани пригодни говори од Ана Крстеска - заменик-градоначалник на општина Охрид и Крсте Пурцов, директор на музејот А.ден Долард во Охрид. Крстеска во својот говор истакна дека А.ден Долард пишувал за холандскиот и европскиот печат за Охрид, за Македонија и за Внатрешната македонска револуционерна организација, за симболот на нашиот непокор Илинден и попустите пропаганди на тогашните кралства од нашето соседство и нивните аспирации да ја присвојат Македонија, секој за себе - во целост. Според неговата оставнина, А.ден Долард ја сметаше Македонија за своја втора татковина а Охрид за свој роден град, бидејќи само Охрид и езерото му даваше непресушна енергија и инспирација, а врвовите на Галичица духовна храна и напој.“ Заменик-градоначалничката Крстеска потсети дека оваа година одбележуваме 85 години од излегувањето на неговиот најпознат роман „Свадбата на седумте Цигани„ чие дејствие се случува токму овде каде е подигнато ова спомен-обележје. Во неа, Долард за нашиот град вели: “Вреди од Париз да се дојде на Балканот, само за да се види Охрид. Каква прекрасна местоположба на град распослан врз стрмниот рид!„ - Оваа реченица од неговиот роман подоцна стана и главното мото и туристички слоган за бројните туристи кои сакаа да го видат и доживеат Охрид, посебно неговите сограѓани Холанѓани кои до денес сеуште важат за наши најбројни посетители, - подвлече Крстеска. МУЗЕИТЕ ВО ХУНДЕРЛО И ОХРИД - ЧУВАРИ НА ДЕЛОТО НА А.ДЕН ДОЛАРД Паралелно и во Охрид и во Хундерло се одржуваа низа активности во чест на писателот. Најстарата македонска активистка во Холандија и почесна претседателка на Македонската заедница 80-годишната Светлана Мишева ја отвори „Неделата посветена на А.ден Долард„ на ден Духовден во неделата на 23 јуни во Хундерло истурајќи вода од Охридското езеро на гробот на холандскиот писател А.ден Долард и положувајќи венец со црвени и жолти гербери. Светлана Мишева која во март оваа година беше удостоена со „мантилот на македонското достоинство„ како составен елемент од наградата за животно дело „Златен Птоломеј„ положи венец со ленти на гробот од писателот и од име на Македонската заедница во Холандија, од име на град Охрид и македонскиот народ му се заблагодари на А.ден Долард за неговиот удел во борбата за извојување на независна држава Македонија: „...секогаш кога се наоѓаме во услови на политичка, духовна или културна криза го бараме и го повикуваме твојот силен оптимистички дух кој беше секогаш со нас во нашата борба за независност„ – рече Мишева и истури капсула со вода од Охридското езеро, земја од охридските ниви и положи камчиња од Галичица на која тој милуваше да се искачува и црпи инспирација за творење/пишување. Светлана Мишева се запознала со холандскиот писател во 1974 година и одржувала неколкудецениски контакт со него, односно последниот телефонски разговор со ден Долард го имала во февруари 1994, само неколку месеци пред неговата смрт. Светлана Мишева говорот го заврши со цитат од А.ден Долард: „Луѓето доаѓаат и си одат, но нивните мисли продолжуваат да дуваат низ светот како невидлив ветер.„ - Тој невидлив ветер, рече Мишева, е ехото на големиот А.ден Долард.„ БИОГРАФИЈА НА БОБ СПУЛСТРА АЛИЈАС А.ДЕН ДОЛАРД А. ден Долард (хол. A. den Doolaard) е псевдоним за холандскиот писател Корнелис Јоханес Георг (Боб) Спулстра Помладиот (холандски: Cornelis Johannes George (Bob) Spoelstra jr.) роден во градот Зволе на 7. февруари 1901. Неговиот писателски жанр варира во различни насоки: романи, патеписи, раскази и поезија, но сепак А.ден Долард се смета за важен претставник на витализмот, кој тој го опишува во една од неговите рани песни како „слепо го сака животот“. Во 1926 со една стихозбирка го прави своето деби на полето на книжевноста. Во 1928 година ја прекинува работата во едно нафтено претпријатие каде работи како сметководител и започнува со долги и чести патувања низ Балканот и Франција, каде што работел како ѕидар, гроздоберач, земјоделски и пристанишен работник. Во 1937 година објавувал во холандскиот весник Хет Фолк (хол.Het Volk) критички написи против нацистичка Германија, Австрија и Италија под мотото „Кукаст крст над Европа„ за што германските медиуми го обвинуваат за „клеветнички известувања„. А. ден Долард бил и останал до крајот на својот живот доследен антифашист. Кога германската армија ја окупира Холандија во 1940 година, А. ден Долард заедно со сопругата бегаат на југ во Франција и оттаму по една година пристигнуваат во Англија. Во Лондон останува до крајот на Втората светска војна и работи како спикер на холандското Радио Оранје (хол. Radio Oranje) кое е официјален емитувач на вести на холандската влада во егзил на кралицата Вилхелмина. По војната се враќа во Холандија и од 1954 година со семејството се населил во селото Хундерло каде останал до крајот на својот живот. А. ден Долард ја „открил„ Македонија во 1931 година и воодушевен од нејзината убавина тука останал да живее извесно време, претежно во Охрид и во Маврови Анови. Поттикнат од Охрид и убавините на Охридското езеро, го напишал романот „Свадбата на седумте Цигани“ (хол. De bruiloft der zeven zigeuners), кој за првпат бил објавен во 1939 година, а потоа романот доживеал многу изданија на англиски, француски и чешки јазик. Главното дејство во романот се одвива во градот Охрид и затоа оваа книга се смета за пресуден и клучен фактор во претставувањето на Охрид и Македонија кај пошироката читателска јавност во Холандија. А. ден Долард во Македонија нашол инспирација и за македонската борба за независност и имал редовни средби со македонските комити и војводи. Следните наслови произлегуваат од неговото перо во различни периоди: „Дивјаците на Европа“ (хол. De wilden van Europa, 1932, патопис), „За слобода и смрт“ (хол. Van vrijheid en dood, 1933, патопис), „Четири месеци кај комитите, повластени убијци“ (фр. Quatre mois chez les comitadjis, meurtriers patentés, 1934, репортажа), „Ориент Експрес“ (хол. Oriënt-Express, 1934, роман), „Заедно е двапати сам“ (хол. Samen is twee keer alleen, 1976, роман). Во 1963 година во коавторство со Кас Ортхоис го издаваат туристичкиот водич „Југославија – дестинација за одмор„ (хол.- Vakantieland Joegoslavië) со што дополнително ги приопштуваат убавините на Југославија на холандските туристи и тука засебен дел добива Македонија и Охрид. За „македонското прашање„ и дејноста на ВМРО меѓу двете светски војни А.ден Долард пишува: „Целта на основачите на ВМРО беше ослободување на Македонија од турското ропство од самите Македонци (оттука и додатокот „внатрешно“). Соседните кралства Грција, Србија и Бугарија, секое за себе ја посакуваа Македонија. Бугарите, народ со азиско, а не словенско потекло, можат да се издвојат со вршење на најжестока пропаганда во Македонија.„ Во неговите репортажи и книги А.ден Долард редовно ги користи и популаризира термините: Македонци/македонски дијалекти/ јазик, македонска земја, македонска армија дури и македонски воздух со што го навести создавањето на македонската држава во 1944 година. За таквоо пишување/известување Бугарија и Србија истовремено го обвинуваа А.ден Долард за „просрпски„ и „пробугарски„ настроен и го прогласија за непожелна личност забранувајќи му влез на нивна територија. Британскиот весник „Тајмс„ во 1935 година не ги криел своите сомнежи дека А.ден Долард е всушност член на ВМРО и пишува: „Авторот на книгата „Ориент Експрес„ кој го користи псевдонимот „скитник„ најверојатно за да ги сокрие трагите за неговиот вистински идентитет е толку мистериозен колку и организацијата за која пишува (ВМРО, м.з.) и која го изврши атентатот врз српскиот крал Александар во Марсеј.„ По Втората светска војна се вратил од егзил од Лондон во Холандија и со семејството се населил во селото Хундерло . Често доаѓал во Југославија и во Македонија по разни поводи на покана на град Охрид и на македонскиот и меѓународниот ПЕН центар, а честопати доаѓал и приватно во Охрид нарекувајќи ја Македонија својата втора татковина. Три личности по потекло од Македонија гаеле тесни професионални и пријателски врски со А.ден Долард: Александар Батковски, Шерафедин Мустафа и Светлана Мишева, додека пак за најголем познавач на животот и книжевниот опус на А. ден Долард се смета македонскиот писател Мишо Јузмески (1966-2021), кој книгата „Свадбата на седумте Цигани“ ја смета за „повеќе од книга“ и таа книга со право може да се нарече „камен темелник на холандско-македонското пријателство“. Манифестацијата „Недела посветена на А.ден Долард„ посвети и „Омаж за Мишо Јузмески„ по повод три години од ненадејната и прерана смрт на овој наш македонски писател, истражувач, преведувач и полиглот и овие неколку реда ги посветуваме на него како голем пријател и колега и беспрекорен афирматор на македонското културно и историско наследство и на холандскиот писател А.ден Долард. Георги Гоце ДУРТАНОСКИ |