|
||||
Поречкиот Манастир „Раѓање на Пресвета Богородица“ |
Се наоѓа над селото Горни Манастирец, во близина на Македонски Брод, во областа, што се наоѓа по средниот тек на реката Треска. За време на турското владеење во Македонија, овој манастир бил запален, но нема точни податоци кога се случило тоа. На иницијатива на поп Костадин од селото Грешница, селаните го испратиле поп Димитрија во Цариград да побара одобрение од султанот за повторна изградба на манастирот. Со дозвола на султанот, месното население, со доброволна работа и средства, повторно го изградиле овој манастир во 1846 година. Потоа е отворено и првото училиште во овој крај во кое доаѓале ученици од повеќе поречки села. Учители биле црковните свештеници. Манастирот станал културен центар во овој крај. Од тој период е конакот што се наоѓа на југоисточната страна, тој на јужната страна е изграден во почетокот на ХХ век, додека на 22 јули 2007 година, од страна на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Митрополитот Струмички г. Наум, се освети новоизградениот конак, кој се наоѓа на источната страна. Манастирот бил значаен духовен и книжевен црковен центар во минатото. Најновите научни истражувања сведочат дека овој манастир не е од 19-ти век, како што досега се мислеше, туку тој датира од 12-от век, ако не и порано. Историчарот Иван Снегаров, запишал дека „нема никакви сведоштва за времето кога бил основан, но селото Манастирец, како и соседното село Калуѓерец, кои постоеле во 14-от век, говорат за неговата старост. Не може селото да се викало Манастирец, а да немало претходно манастир, ниту Калуѓерец, а да немало калуѓери. Манастирската црква е градена од камен и од свежо гасена вар, а фрескоживописот е работен со природни бои и со жолчка од јајце. Во однос на архитектурата, се смета дека од првобитната градба на манастирот е останата само црквата со јужниот параклис и нартексот. Надворешниот дел на храмот е со архитектонски изглед кој е духовно привлечен. Во храмот има живопис од два периода, од 12. и од 19. век. Првиот и најстариот е од времето кога е подигната и црквата, најверојатно од 12. век или порано. Овие фрески своевремено пострадале, па затоа дошло до ново живописување во 19. век. Импозантниот фрескоживопис од постсветиклиментовиот период го вместува овој манастир во значајните споменици. Манастирската црква ја красат преубавите сочувани фрагменти, кои зборуваат за недостижната уметничка убавина. Разнобојните фреско-остатоци ги има и во наосот, а и во олтарната апсида. Откако е симнат горниот слој на фрески, кои се од 19. век, јасно се виделе фреските од 12. век, кои зрачат со убавината на средновековната уметност. На западната страна, над западната врата, се распростира на цел ѕид огромна фреска со претставени сцени од Страшниот суд. Најгоре, во средината, е поставен ангел со отворена книга. Лево и десно од него се два ангела со труби. Под нив се наоѓаат есхатолошки фрескопрестави од воскресенито на мртвите. Тие сцени се поделени на два дела: на едната страна се оние што воскреснуваат од земјата и со нив е Спасителот како Цар на земјата, а од другата страна е како Цар на морето. Таму се нацртани разни риби и морски животни од чии усти излегуваат луѓе или делови од човечки тела на оние што се удавиле во водите и биле изедени од рибите и од водните животни. Нив ги враќа морскиот свет од водата, заради воскресението. Со рибите е прикажан и октопод со човечка рака во устата. Бог е претставен како Праведен Судија, Владетел и Цар на животот и смртта, Воскресител и Спасител. На јужниот ѕид била прикажана немирната атмосфера на пеколот изделена во рамки (сочувана тешко видлива претстава на Жената што спиела во неделите и Мерењето на душите), а на северниот, блаженството и мирот на рајот, од кој е сочуван само ликот на праведен Авраам. Претставата на Страшниот суд во западниот дел на црквата е силен печат за догмата за Второто доаѓање на Христос на земјата, за патиштата на праведните и казните што ќе ги стигнат престапниците и неверните... „Црква„РождествонаПресветаБогородица“ - ГорниМанастирец“. Главната манастриска црква која е единствена во комплексот е посветена на Рождеството на Пресвета Богородица. До скоро се сметало дека манастирот потекнува од 18 век, но Според Републичкиот завод за заштита на спомениците, тука се најдени фрески кои потекнуваат од 11 до 13 век, кој претставува нов момент за значењето на манастирот од историски аспект. Поречкиот манастир во средновековието претставувал книжевен и просветен центар во Порече и пошироко. Таму учените монаси пишувале и препишувале книги со библиска и богослужбена содржина, како и преводи на некои светоотечки дела, слова и поуки. Оттаму биле снабдувани со богослужбени книги и со друга потребна литература и селските цркви во педесетината села низ Порече. Преданието сведочи дека 40 коњски товари со книги се однесени од манастирот кон Цариград. Каде завршило тоа книжевно богатство, не се знае. Како потврда за книжевното богатство на манастирот и на Порече, може да послужат и четирите најзначајни сведоци пронајдени во овој крај:
Во овој Поречки манастир, бегајќи од безбожничкиот режим на Советска Русија, во 1917 година нашле прибежиште 20 руски монаси. Последниот од нив бил јеромонах Инокентиј. Манстирот се посведочил како книжевен и просветен центар и во поново време. Од 1947 до 1957 година, во конаците на манастирот, работело основно училиште, во кое со образование се здобиле над 850 деца од Поречието. Но и претходно, во 18-от и 19-от век и во времето на преродбата и просветителство, во манастирските конаци работело ќелијно училиште, во кое монасите, како први наши учители, ги образувале и воспитувале децата. |