Македонски легенди

Рафаел Батино – револуционерот од Битола познат како Миша Цветковиќ

Македонска Нација

Македонска Нација

Рафаел Јосеф Батино бил комунист, синдикален активист и учесник во Народноослободителната борба. Неговиот животен пат водел од Битола и Мексико до затворот во Сремска Митровица и партизанските боишта во Санџак. Меѓу соборците бил познат како Миша Цветковиќ.

Рафаел Јосеф Батино е роден на 14 јануари 1910 година во Битола, во угледно сефардско еврејско семејство. Основното образование и Францускиот лицеј ги завршил во родниот град.

На инсистирање на татко му заминал во Мексико, каде што работел и студирал технички науки. Таму се приклучил кон марксистички кружок, а потоа и кон Комунистичката партија на Мексико. Учествувал во работнички протести и политички активности, поради што во 1934 година бил протеран од земјата.

По враќањето во Македонија ја продолжил револуционерната дејност. Во Скопје работел во осигурителна компанија, но истовремено организирал работници, создавал партиски ќелии и учествувал во синдикални штрајкови.

Во 1936 година полицијата во неговиот стан пронашла партиски документи. Батино бил уапсен и осуден на пет години тешка робија во Сремска Митровица.

Во затворот бил активен во таканаречениот „Црвен универзитет“, преку кој политичките затвореници меѓусебно се образувале. Поради широкото знаење и познавањето повеќе јазици, Батино бил еден од предавачите. Таму се зближил со Моша Пијаде, кој изработил и негов портрет.

Според зачуваните сведоштва, во затворот работел на македонски речник и граматика, како и на превод на делови од Марксовиот „Капитал“ на македонски јазик. Ракописите не се сочувани, но сведочат за неговиот однос кон Македонија и македонската јазична посебност.

Робијата оставила тешки последици врз неговото здравје и тој излегол од затворот со трајна инвалидност.

Бегството и партизанската борба

По окупацијата на Југославија во 1941 година, затворот во Сремска Митровица потпаднал под усташката власт. На 22 август истата година Батино избегал со група од 32 политички затвореници, меѓу кои биле Бане Андреев, Орце Николов и Богоја Фотев.

По бегството им се приклучил на партизаните на Фрушка Гора, а потоа заминал во Ужице. Побарал од Јосип Броз Тито да биде испратен во борбена единица, но поради нарушеното здравје бил ангажиран на политички и организациски задачи.

Во Санџак станал политички секретар на Нововарошкиот областен комитет на КПЈ и одржувал врски со Врховниот штаб. Своите прогласи и политички текстови ги потпишувал со псевдонимот Миша Цветковиќ.

Во јули 1942 година, патувајќи кон Пљевља, неговата група паднала во четничка заседа кај Еловац, на планината Љубишња. Батино и неговиот соборец Вељко Кожиќ биле заробени, мачени и испрашувани, но не ги предале своите соборци. Потоа биле предадени на италијанската окупациска управа.

На 12 јули 1942 година Батино бил спроведен низ улиците на Пљевља кон местото на погубувањето. Пред граѓаните извикувал пароли против фашизмот и четничкото движење на повеќе јазици. Италијанските карабинери го стрелале заедно со Вељко Кожиќ.

Рафаел Батино имал само 32 години.

Битолчанецот познат како Миша Цветковиќ останува значајна личност на македонското работничко и антифашистичко движење. Наместо удобен живот, тој го избрал патот на борбата, затворот и личната жртва, останувајќи доследен на своите убедувања до крајот.

Најново од: Македонски легенди

Нада Николова – македонска револуционерка и партизанка

Нада Николова (27 јануари 1919 – 16 декември 1942) е македонска револуционерка и партизанка, учесничка во подготовките за вооруженото востание против окупаторската власт во Втората светска војна. Загинала во судир со бугарската полиција во близина на велешкото село Војница, на 16 декември 1942 година. Нада Николова Бутникошарева е родена на 27 јануари 1919 година во […]

Димитрија Чуповски – борец за самобитноста и слободата на македонскиот народ

Димитрија Димов Чуповски (Папрадиште, Велешко, 8 ноември 1878 – Ленинград, СССР, 29 октомври 1940) е еден од најистакнатите организатори и афирматори на македонската национална мисла. Поет, публицист, редактор, книгоиздавач, картограф, историчар, лексикограф и културен деец, тој го посветил својот живот на борбата за самобитноста на македонскиот народ, за обединување на Македонија и за создавање самостојна […]

Анастас Лозанчев – револуционерот и фотографот во Главниот штаб на Илинденското востание

Анастас Лозанчев (8 април 1870 – 8 ноември 1945) е македонски револуционер, учител и фотограф, еден од раководителите на Македонската револуционерна организација во Битолско. Учествувал на Солунскиот конгрес во јануари 1903 година и бил меѓу застапниците за кревање востание. На Смилевскиот конгрес, заедно со Даме Груев и Борис Сарафов, бил избран за член на Главниот […]

Димитар Влахов – живот посветен на македонското прашање

Димитар Влахов (1878–1953) е македонски револуционер, публицист, дипломат и државник, една од значајните личности во македонската национална и политичка историја. Неговиот животен пат ги поврзува револуционерните борби од крајот на XIX век, настојувањата за ослободување и обединување на Македонија и создавањето на современата македонска држава. Има луѓе што живеат во историјата и луѓе што учествуваат […]

Наде Проева

Наде Проева (9. IX 1949 – 6. XI 2024) е македонски историчар, универзитетски професор, научник со светско реноме и борец за македонската кауза. Таа е истражувач кој ја афирмираше античката историја на Македонија, која долго време бил запоставувана. Оставила длабока трага во македонската и светската историографија. Наде Проева е родена на 9 септември 1949 година […]

Романската монахиња Херувима (Светлана Михаела Танаса загина за вистината

Романската монахиња Херувима (Светлана Михаела Танаса, 1969–1998) студирала класични јазици во Јаши и ги проучувала делата на свети Јован Златоуст. Се упокоила на 8 ноември 1998 година, на 29-годишна возраст, и била погребана во манастирот Петру Вода во Романија. Во 1995 година добила стипендија од Фондацијата „Сорос“ за магистерски студии по средновековна историја на Централноевропскиот […]

Тома Прошев

Тома Прошев е роден на 10 ноември 1931 година во Скопје, а починал на 12 септември 1996 година на хрватскиот остров Зларин. Тома Прошев е Македонски композитор, диригент и музиколог, еден од најистакнатите автори на македонската современа музика и меѓу првите композитори што внеле нов звук во македонското музичко творештво. Гимназија завршил во родниот град. […]

Никола Беровски – големиот учител на Македонците во Албанија

Никола Беровски е роден во 1923 година во Битола, а починал во 1993 година во Тирана, Албанија. Има луѓе чие дело продолжува да живее во генерациите што ги описмениле, во книгите што ги оставиле и во јазикот што помогнале да се зачува. Меѓу нив е Никола Беровски, македонскиот учител, учебникар и преведувач кој својот работен […]

To top