|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (24) |
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (24) На почетокот на деведесетите години, по распадот на Југославија и осамостојувањето на Македонија по одржаниот референдум, Македонците од дијаспората ја започнаа битката за признавање на македонската држава и зачувување на уставното име. Ширум светот се одржуваа демонстрации. Кире Кипроски, авторот на книгата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски“, за демонстрациите кои се оддржаа во Европа и за присуството на македонскиот дух во овој период во Брисел и другите европски градови, ќе забележи: „MАКЕДОНСКИОТ ДУХ ПРИСУТЕН ВО БРИСЕЛ По повод најавеното признавање на Македонија од Европската заедница, што требеше да се случи на состанокот на 3 и 4 февруари 1992 година во Брисел, македонските клубови, православни црковни општини, македонските културни и спортски клубови и задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, до Македонците испратија апел за учество на мирен протест: „Браќа Македонци, каде и да живеете, какви и да имате политички или верски убедувања, да се сплотиме околу нашиот заеднички идеал и да застанеме зад својата татковина, Македонија. Во овие судбоносни денови, кога достоинствено и со слободна волја, на референдум беше изгласана суверена македонска држава, да ги оставиме настрана сите разлики и да работиме сложно, за изградба на демократска и независна македонска држава. Таа треба да биде дом за сите нас, наша гордост и симбол на сите Македонци, како цивилизиран и слободен народ. Браќа Македонци, партиите и друштвата доаѓаат и пропаѓаат, организациите се раѓаат и умираат, но нашата Македонија е вечна. За неа живееме, за неа сме подготвени и животот да го дадеме. Македонија е единствената што во овој час треба да ни е идеал и сила, што ќе не обедини. Ако сакаме слободна, единствена и меѓународно призната Македонија, овој час со слободна волја, треба да се изјасниме за единствени и обединети Македонци. Со обединета Македонија, во обединето македонство. Токму затоа, браќа Македонци, Ве повикуваме сите заедно, да го кренеме нашиот глас и да кажеме пред целата светска јавност, дека Македонија мора да биде призната како самостојна држава.“ Во Брисел, главниот град на Белгија, пред големата зграда на седиштето на Европската заедница, на 3 февруари 1992 година, беа одржани големи мирни демонстрации, на кои учествуваа над 4.000 Македонци, дојдени од Германија, Холандија, Швајцарија, Австрија, Шведска, Данска, како и од повеќе региони на Белгија. Уште во раните утрински часови, на зборното место, плоштадот „Шумандо Руеде Лоа“ (улицата на законите), се развиорија неколку стотина македонски знамиња. Ечеа македонски патриотски песни, се разви долго македонско оро и постојано громогласно се слушаше: Македонија, Македонија.... Среде Брисел беше создадена, прекрасна атмосфера, која го привлекуваше вниманието на жителите на метрополата и на туристите. Македонскиот дух, беше присутен насекаде. Демонстрантите на министрите на ЕЗ им упатија единствено барање, Македонија без одлагање да биде меѓународно призната под уставното име. Притоа, беше побарано да се почитува препораката на Арбитражната комисија на ЕЗ, а Грција да не го попречува процесот и да не го условува приемот на Македонија во европското семејство. Протесниот митинг започна со македонската химна:„ Денес над Македонија се раѓа...“, а потоа на германски, англиски и француски, беа прочитани пораките, во кои беа искажани незадоволствата и револтот на Македонците од целиот свет. Колона на македонските демонстранти во Брисел Повеќемина Македонци, имаа обраќања со пораки до министрите на ЕЗ. Говорите беа на македонски, германски, француски и англиски јазик. Притоа, беше прочитана и петицијата, што му беше врачена на претставникот од министерството на 12-те земји на Европската заедница. Исто така, беа прочитани писма и телеграми со поддршка на демонстрациите од македонските клубови, црковните општини и од повеќе здруженија на Македонците од Америка, Канада, Австралија и од повеќе европски држави, како и од Република Македонија. На овој голем историски ден преку македонската народна, изворна песна и фолклор, беше изразена мирољубивоста на македонскиот народ кон цела Европа и кон светот, со порака дека Македонците бараат да се реши македонското прашање без агресии и борби, без крвопролевања и тероризам. Македонската делегација составена од: д-р Томислав Лукаров од Минхен, Гојко Јаковлески од Берлин, Ристо Паргов од Брисел и Трајче Ненадовски од Минхен, точно во 10 часот, беше повикана во министерската зграда на ЕЗ и беше примена од претставникот на претседателството на министрите на ЕЗ, сењор Магуиел Пиерери од Португалија, на кого му беше врачена петиција на француски и германски јазик, со прилог на потписи на неколку стотина Македонци, демонстранти. ВО БОН НАЈМАСОВНА ДЕМОНСТРАЦИЈА Македонците масовно демонстрираа и во Бон во германската метропола Бон, на 15 март 1992 година, беше одржана најмасовната демонстрација на Македонците од Германија, против двојната политика што ја води германската влада за признавањето на Република Македонија, како и против грчкиот негаторски однос кон Македонија и се што е македонско. Под мотото „За признавање на Македонија како држава“, во 13 часот, од центарот на Бон– Бад Годесберг, започна најмасовната македонска демонстрација со учествона над 5.000 Македонци од Германија, Белгија, Холандија и од Швајцарија. Сликата беше импозантна. Никогаш толку Македонци, надвор од Македонија, не се собрале на едно место, како на оваа демонстрација за меѓународно признавање на Република Македонијаи за заштита на нејзиното име. Над 5.000 демонстранти со македонски знамиња, со транспаренти напиша ни на македонски, германски и на француски јазик, со слики од Гоце Делчев, тргнаа кон центарот на Бад Годесберг. Демонстрантите се движеа низ бонските улици, извикувајќи: „Македонија“, „Македонија е наша“, „Да живее Македонија“... На германски јазик се читаше петицијата и објаснувањето, зашто Македонија треба да биде призната од Европската заедница. уште Успешна демонстрација во Бон Потоа, демонстрантите се упатија кон грчката амбасада и извикуваа: „Македонија постои“, „Македонија е македонска“, „Засрамете се Грци...“. По реакциите на демонстрантите, можеше да се види дека се многу огорчени од грчката негаторска политика кон Македонија. Откако помина низ улиците, долгата колона демонстранти се врати на почетното место. Притоа, беше прочитано писмото испратено до канцеларот Кол, со кое се бараше признавање на Република Македонија, а бонската влада да има ист третман, како што имаше кон Хрватска и Словенија. Се искористи прилика, да се укаже на фактот дека Македонија има своја историја, своја традиција и дека една земја членка на ЕЗ не може да ја краде историјата на македонскиот народ. Се бараше од канцеларот, сам да ги прочита светските енциклопедии и да се увери во македонската вистина, а не да им верува на грчките фалсификатори. ИСТРАЈНОСТА ИМА КРАЈ Македонците демонстрираа пред зградата на МНР- Луксембург за време на одржувањето на министерскиот состанок на ЕУ За демонстрацијата во Луксембург, за атмосферата и за разочараноста на Македонците, во дневниот весник „Нова Македонија“ објавив осврт „Истрајноста има крај“, на 22.06.1992 година. Еве дел од него: „За време на одржувањето, а и по Министерскиот состанок на дванаесетмината во Луксембург, пред зградата на Европскиот парламент, организирано демонстрираа околу 2.000 Македонци. Дојдоа од Германија, Швајцарија, Франција, Холандија и Шведска, каде се наоѓаат на работа и уште еднаш го кренаа својот глас за самостојна, суверена и независна Македонија. Тие се обидоа на Европа да и докажат дека прави огромна грешка, што си поигрува со судбината на оваа мала држава.“ Кога организаторот на овие мирни демонстрации, претседателот на „Обединети Македонци“, д-р Иван Минев, соопшти дека и овој пат министрите го одлагаа тпризнавањето на Република Македонија за следната средба, што ќе ја одржат кон крајот на месецов во Лисабон, демонстрантите разочарувањето го изразија мошне агресивно. Грчкиот премиер и министер за надворешни работи, Константин Мицотакис, го испратија со фрлање на пластични шишиња, кои профучеа покрај неговата глава, а личното обезбедување одвај успеа да го внесе во возилото. Тоа и го заслужи, бидејќи иронично им се потсмеваше на револтираните демонстранти и гестикулираше на недоличен начин навредливо и провокативно. На демонстрантите им го покажа средниот прст и уште повеќе ги испровоцира, па за малку недостасуваше да се предизвика инциденти мирната демонстрација да излезе од контрола. „Со месеци неаргументираното одлагање на меѓународното признавање на Република Македонија од Европската економска заедница, јасно укажува дека и во Европа нема демократија, која се повеќе тоа и го манифестира“, револтирано зборуваше д-р Вукашин Ефтовски, професор на Сорбона, Париз, Франција, кој повеќе од две и пол децении живее и работи во Париз, а потекнува од гостиварското село Лешница. „ На демонстрациите мора да бидеме поагресивни и да вршиме притисок врз сите министри, кои на крајот од 20 век се поигруваат со достоинството на македонската држава и нација, која е мала, но горда, со богата историја, со културно наследство и служи за пример на Балканот и во Европа, со водењето на мирољубива политика“, заклучи македонскиот професор на Сорбона. Ристо Паргов од Брисел, кој со сопругата беше на демонстрацијата, како и сите други, беа разочарани и гневени на министрите кои се поигруваат со Македонија, или пак немаа сили на една Грција да и кажат дека не е во право со своите барања и дека треба да отстапи од настојувањето Македонија да го смени името, кое со векови го носи. Манојил Мане Јаковлески беше главен организатор и двигател на Македонците, за успешно организирање на педесетина мирни демонстрации, што се одржаа во повеќе метрополи и градови во Германија, Белгија, Швајцарија, Луксембург, Шведска, Шкотска, Данска и Австрија. Сите беа масовни и достоинствени, и дадоа голем придонес за афирмација на Македонија, со цел пошироката светска јавност да дознае за проблемите со кои се соочува. Со сите овие активности, Македонците напишаа дел од поновата современа македонска историја. „Поминаа дваесет и седум години од одржувањето на првите мирни македонски демонстрации во Берлин, пред Рајхстагот, за меѓународно признавање на Македонија. Тоа беше само почеток, бидејќи демонстрации и други активности за одбрана и афирмација на Македонија продолжија ширум Европа“, се присетува Манојил Мане Јаковлески. „Гледано од сегашна временска дистанца, можам да кажам дека македонската дијаспора со протестите во Европа, Австралија, Америка и Канада, одиграа клучна улога кај меѓународната заедница за признавање на Македонија. Големиот број демонстрации и протести на бројната македонска дијаспора, овозможија да се слушне за Македонија, македонското име, за нејзината историја, за голгота што низ вековите ја минуваше македонскиот народ. Сето тоа вроди со плод и денес Македонија со нејзиното уставно име е призната од над 130 земји во светот“, заклучува Јаковлески. „Во 27-те години постоење како суверена држава,Македонија постигна многу. Вештачки создадениот спор од страна на нашиот јужен сосед, кој сеуште ги оспорува нашето име, идентитет и култура, ни нанесува големи штети со блокадите што ги прави за нашето евроатланско интегрирање, кое има негативно влијание врз побрзиот економски развој. Сепак ние, Македонците, сме упорни и ќе ги надминеме тешкотиите, но нема да го смениме нашето име, кое е поврзано и со нашиот идентитет“, категоричен е Јаковлески и додава дека клучен чувар на македонскиот идентитет е македонската дијаспора, која секогаш е подготвена да го крене својот глас.“ За жал во последните години беше инсталирана власт предводена од лидерот на Социјалдемократите Зоран Заев која го смени името. Таа го погази аманетот на нашите претци и ја извалка борбата на многу генерации за независна и суверена македонска држава и за зачувување на македонското име и идентитет. Тие ја извалкаа и историјата дозволувајќи да се сменат историските вистини само земјата да стане членка на ЕУ и НАТО. Но уште многу води ќе протечат додека не се заврши евроатланската интеграција, како и многу води ќе треба да протечат за да го измијат срамот кој оваа сегашна власт му го приреди на сопствениот народ. (продолжува) Текст и фотографии: Киро Кипроски |