|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (31) |
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (31) Мане Јаковлевски се враќа со семејството во земјата на почетокот на осудесетитете години на минатиот век. Со средствата што ги спечалил во странство се обидува да го исполни својот сон. И покрај пречките на кои наидува од тогашните власти, Маноил го отворил ресторанот „Солун“ во Гостивар во кој организирал низа настани исполнети со патриотски чуства и љубов кон татковината. Во книгата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески“ авторот Киро Кипровски ни доближува два настани од тој период: амбиентот во кој се одржа „Егејската вечер“ и за поминатата бурна комитска ноќ во друштво со тогашната редакција на „Нова Македонија“: „ЕГЕЈСКА ВЕЧЕР ВО „СОЛУН“ На почетокот на осумдесеттите години на 20 век, Манојил Мане Јаковлески го напушти Западен Берлин и се врати во родното Зубовце, а неговото семејство тоа го имаше направено неколку години пред тоа. Првобитната замисла и голема желба на Манојил му беше да изгради современ мотел и ресторан и да продолжи да се занимава со угостителска дејност. Посакуваше угостителскиот објект да го изгради на десната страна од магистралниот пат Гостивар-Кичево, на стотина метри оддалеченост од здуњскиот мост на реката Вардар. Но, оваа иницијатива не ја реализира, бидејќи тогашната локалната власт не му дозволи да гради. Па, затоа во Гостивар ја купи куќата на ул. „Панче Поповски“ број 24, каде долниот дел беше пренаменет во ресторан „Македонска куќа“. Објектот целосно го реновира и создаде одлично угостителско катче и со новините што ги внесе, беше вистинско освежување за угостителството во Гостивар, првиот град на Вардар. Манојил постојано организираше колективни забави за Нова Година, Водици, Василици, Велигден, Осми март, Илинден и за други државни и верски празници. Најпечатлива беше првата „Егејска вечер“, што се организираше во Гостивар, во неговиот ресторан „Солун“. Забавата се одржа на почетокот на април 1983 година, а по иницијатива на неколкумина видни граѓани, кои потекнуваа од Егејскиот дел на Македонија, а кои во периодот меѓу шеесетите и седумдесетите години на 20 век, беа доселени во Гостивар. Манојил имаше проблеми со властите, кои на секаков начин сакаа да го спречат одржувањето на „Егејска вечер“. Причините не му беа познати, ниту му ги кажуваа, само му велеа дека не е пожелно да се одржи манифестацијата. Од што се плашеа? се прашуваше Манојил. Но, тој не попушти, беше решен да ги сноси сите казни, ама „Егејската вечер“ ќе се одржи. И се одржа. Тогашната УДБ-а, успеа да го спречи настапот на интерпретаторите од Скопје. Иако настапот со нив беше договорен, поканата ја имаа прифатено, со нивни постери беше рекламиран настапот низ Гостивар, а беа најавувани и на Радио Гостивар, не смееја да дојдат и да го исполнат ветеното и договореното. Гостите ги забавуваше познатата гостиварска интерпретаторка Костадинка Палазова, која како дете бегалец од Егејскиот дел на Македонија, со семејството беше доселена во 1948 година, во село Зубовце. На присутните им се обрати фармацевтот Михаил Стојановски, видна личност во Гостивар, кој со семејството беше преселен од Ташкент, СССР. Откако на присутните им се заблагодари за масовното учество, истакна дека ваквите вечери им овозможуваат да бидат заедно, да се дружат и заеднички да ги негуваат традициите, песните и ората, никогаш да не заборават, кои се и од каде се дојдени, каде се наоѓаат нивните корени, за нивните маки, маките на родителите, на бабите и дедовците и за се она што го доживеале во егзодусот. Потоа, посебна благодарност од сите присутни, му упати на сопственикот на ресторанот „Солун“, Манојил Мане Јаковлески, кој и покрај сите притисоци од страна на УДБ-а, успеа да ја организира оваа прекрасна вечер. БУРНА КОМИТСКА НОЌ ... Ресторанот беше посетуван со гости од сите краеви на нашава држава, а најмногубројни беа скопјани. Моите колеги од изданијата на НИП „Нова Македонија“ станаа блиски пријатели со мојот другар, Манојил Јаковлески. Се спријатели и со „началството“ на куќата: со Радослав Огњановски – директор на НИП-от, со Панде Колемишевски – главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“, со Бошко Нацевски-главен и одговорен уредник на „Вечер“, со Владимир Тулевски-уредник на радио „НОМА“ и со други уредници и новинари. По неколку години работа во Гостивар, локалната власт, преку инспекциските служби, го принудија повторно да се врати на гурбет во Западен Берлин. И покрај тоа, Манојил ги одржуваше контактите со пријателите и со новинарите. Во чест на раѓањето на синот Самоил, на гости во ресторанот „Солун“, го покани раководството на НИП-от. На софрата како „засилување“, бевме гостиварските новинари: јас и Џевад Нурединовски и заедничкиот пријател, Нуфре Јовановски. Трпезата„ тежеше “од свежи салати, галички кашкавал, овчо- галичко сирење, домашни специјалитети... што би се рекло, имаше од „пиле млеко“. Посериозните разговори за проблемите со кои се соочува Македонија, за маките и судбините на поробеното македонско население низ вековите, како за визиите и за иднината на нашата Македонија, за подобар живот на Македонците, минавме на шеги, досетки, падна и песна. Беше весело и на ниво. Како минуваа часовите, расположението постојано одеше во нагорна линија, беше боемска вечер за паметење. Околу полноќ, од ресторанот „Солун“, Нуфре Јовановски не покани на гости кај него. Боемството го продолживме во неговата куќа, која се наоѓаше во непосредна близина на ресторанот. Неговиот двегодишен син Гоце и сопругата Донка, домаќинот го дочекаа, а тој им донесе весели гости. Откако се поздравивме со домашните, Нуфре ги претстави гостите, се сместивме и бевме почестени. По речиси четириесет години од овој настан, колегата Бошко Нацевски, ми ја раскажа досетката: - „Кога влегов во приемниот салон, на вратата забележав закачена трофеј на сабја. По десетина минути станав, ја симнав сабјата и на неа набодев банкнота и на другите им дофрлив, дека за синчето на Нуфре, Гоце, треба да набодат банкноти. Така, еден по еден, по функција почнаа да бодат: Раде Огњановски, Панде Колемишевски... и сите останати. Потоа, со сабјата заиграв комитско оро. Сите се фатија на машкото оро и по тактот на музиката, што се слушаше од грамофонот, го изигравме мераклиски. Тоа беше само почеток. Сите бевме весели, но Нуфре и Манојил предничеа. Се играше и се пееше, па ноќта ја претворивме во комитска вечер. Сите бевме задоволни. И денес, кога ќе се сретнеме учесниците на боемската вечер, не забораваме да ја споменеме и да ја искоментираме.“ „ПОДДРШКА ЗА ФК ВАРДАР ВО БУКУРЕШТ Мане Јаковлевски имаше огромна љубов кон спортот. И тој како и другите Македонци навиваше за ФК „Вардар“ кој освен во поедини сезони беше единствениот македонски преставник во Првата сојузна фудбалска лига на Југославија и ги бранеше боите на македонскиот фудбал. Појавата на ФК „Вардар“ на европската сцена, во купот на УЕФА, беше предизвик да се замине во Букурешт за да се навива за својот омилен клуб, да се навива за Македонија. Потсетувајќи се за овој настан Киро Кипровски ќе напише: На трибината во Букурешт, со македонските навивачи на Вардар го бодреа и Зубовчаните Манојил, Јаков и Миле Татко му од Манојил, Делче, беше голем и верен навивач на ФК Вардар од Скопје, кој долги години беше прволигаш во Првата сојузна фудалска лига на Југославија. По неговите стапки, тргнаа и синовите Гојко и Манојил, кои беа приврзаници и големи навивачи на Вардар. Кога Вардар ќе победеше на дерби натпреварите, против белградските прволигаши Партизан и Црвена Звезда, Динамо од Загреб, Хајдук од Сплит, Вележ од Мостар, Раднички од Ниш и други екипи, во куќата на Јаковлески беше празник. Делче ќе си речеше: „Пивни Делче за радост“, а радиото грмеше со македонски песни. Празнуваше заедно со неговите другари, огнени навивачи на Вардар. Летото 1985 година, Манојил одморот го мина во родното село Зубовце. Се договоривме, да одиме да го бодриме Вардар, каде и да го игра првиот натпревар во Купот на УЕФА. Ждрепката одлучи, Вардар да гостува во Букурешт, Романија, против домашниот Динамо. Од З. Берлин, Манојил дојде на 14 септември 1985 год. (сабота). Во вторникот отидовме на пазар, пазаривме се што ни требеше за по пат, како и за престојот во Букурешт, бидејќи според сознанијата што ги имавме, Романија и главниот град Букурешт немале храна, владеела голема сиромаштија. Другарите Јаков Јаковлески и Миле Милошески, не веруваа во тоа што им го говоревме, и не дојдоа да пазариме. Багажникот на „мерцедесот“ го наполнивме со зеленчук, овошје, сувомеснати производи, конзерви, чоколади, леб и други прехрамбени производи. На полноќ, меѓу вторникот и средата (17/18 септември 1985 год.), тргнавме на пат со „мерцедесот“ 280 СЕ класа. Во автомобилот ни беше забавно. Во утринските часови, интензитетот на сообраќајот беше незначителен и тоа ми овозможуваше да возам побрзо, непочитувајќи ги ограничувањата. Нешто пред 6 часот, пристигнавме на граничниот премин Ѓердап. Рампата беше спуштена, а јас внимателно ја минав километарската колона автомобили, кои чекаа за влез во Романија. Се паркирав пред граничната рампа. Го искористив патниот налог од редакцијата „Нова Македонија“, дека одам службено на фудбалскиот натпревар. Неколку минути по 6 часот, се крена рампата и се паркирав пред полициската контрола. Полицаецот ме праша, зошто не стојам на ред, а јас му одговорив дека сум новинар и дека треба во Букурешт да стигнам, пред почетокот на натпреварот, бидејќи службено доаѓам да фотографирам и да испратам извештај за натпреварот. Ниту полицаецот, ниту цариникот не ни правеа проблем. Царинската контрола ја минавме брзо. На прашањето дали носиме производи кои се забранети, бевме категорични дека немаме ништо за пријавување. По автопатот за Букурешт се движеа само трабанти, по некој „варбург“ ,„москвич“ и „запорожец“. По десетина возила ги минував во еден здив, и на пладне, неколку часови пред почетокот на натпреварот пристигнавме во хотелот, каде беше сместена експедицијата на ФК Вардар. Колегата од „Нова Македонија“, Воин Трајковски ми имаше обезбедено пропусница за на терен, да можам да фотографирам, а за другарите пропусница за на трибина. Полициско возило го предводеше автобусот со фудбалерите и раковдоството на ФК Вардар и новинарите, зад нив го возев „мерцедесот 280 СЕ“, а зад мене не пратеше полициско возило. Полицајците мислеа дека ние сме државна делегација од Македонија. Со „мерцедесот“ влеговме внатре во стадионот. Јас останав на теренот, а Манојил, Јаков и Миле се искачија на трибината, која беше за македонските навивачи, кои беа сместени како во котарче. Од четирите страни беа опколени со по два реда полицајци. Вардар прикажа добра игра и загуби минимално со 2:1. Сите триста верни навивачи на ФК Вардар, задоволно го напуштија стадионот. На реваншот во Скопје, Вардар победи со 1:0 и се пласира во второто коло. По завршувањето на натпреварот, играчите, раководството и новинарите си заминаа, а ние се сместивме во собите на колегите- новинари. Благодарение на храната што ја имавме со нас, вечеравме, во спротивно ќе останевме гладни. Во ресторанот се напивме по едно пиво. Повеќе немаше, бидејќи како што ни рекоа келнерите, за денот дозволената квота била потрошена и дотур не се врши. Од горната сала, каде се наоѓаше вардаровата експедиција, тренерот Вукашин Вишњевац и колегите ми обезбедија осум пива и така вечерта имавме што да пиуцкаме.“ (продолжува) Цела книга: |