|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (35) |
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (35) Мане Јаковлевски додека живее и работи во Германија, меѓудругото е вистински културен аташе на Македонија. Во текот на повеќе децениското живеење и работење во Берлин, Мане бил спонзор, потикнувач и организатор на низа настани на кои била преставена македонската традиција и култура, како и на одбележувањата на повеќе значајни датуми од македонската историја. Многу познати имиња од македонската естрада биле негови гости во Берлин. Во монографијата „Македонија мојот копнеж – Маноил Мане Јаковлевски“, авторот Кири Кипровски ќе ги забележи забележителните гостувања во Берлин на Симеон Гугуловски, Јонче Христовски и двете гостувања на драмското студио „Дунек“, од Националната установа Центар за култура „АСНОМ“ од Гостивар. Потсетувајќи се на овие настани, на кој и самиот автор некогаш присуствува, тој ќе напише: АЈДЕ СИМЕ, ЗАПЕЈ, ЗАСВИРИ, РАЗВЕСЕЛИНЕ... Симеон Гугуловски со две годишниот Самоил и Славица Јаковлеска на терасата на хотелот „Бисер“ Калиште, Струга, 14 август 1989 год. „Шпански рибен ресторан во Берлин, популарен по богатата понуда на морски плодови, на шпанска музика и песна, на посебна атмосфера... На Манојил, кога ќе му се пријадат школки, октопод или други морски плодови и кога ќе му дојдат гости од Македонија, го посетува овој ресторан. Многу пати сум имал можност да бидам во шпанскиот ресторан со Манојил и со други лица од Скопје и Берлин. Но, вечерта кога бевме со Симеон Гугуловски и со Јонче Христовски, ќе ја паметам додека сум жив. Сопственикот на ресторанот, со гитарата ги забавуваше гостите. Одеше од маса на маса и им ги исполнуваше желбите. Дојде и на нашата маса. Откако испеа две-три песни, Маноијл му вели на Симеон, да запее и да засвири, да ги развесели нашите македонски души. Симе со задоволство ја прифати понудата. На сопственикот не му се правеше многу ќеф, мислеше дека од него никој поубаво не пее и не свири. Но, газдата не сакаше на постојаниот гостин Манојил, да му го наруши расположението, па отиде и донесе гитара и се оддалечи од нашата маса. Симе почна да свири и да пее шпански песни. Присутните почнаа да аплаудираат, а атмосферата за кратко време беше величенствена. Гостите се расположија и почнаа да танцуваат, а по некое време во нашето друштво се придружи и газдата со гитара, кој се обидуваше со свирење и со пеење да го прати Симета. Обидот му беше неуспешен. Сфати дека неможе да го следи, па се исправи и со воодушевување уживаше во музицирањето и пеењето. Почна да нарачува песни, впрочем како и сите гости. Симе продолжува да пее италијански шансони, а кулминираше со песната „О соле мио“. Повторно, по којзнае кој пат, беше награден со громогласен аплауз. Испеа и неколку германски песни, а шоуто го заврши со македонските песни: „Зајди, зајди, јасно сонце“, „Филизо, моме, филизо“ и „Дејгиди луди, млади години“. Доживеа овации. Симе стана и им се заблагодари. Публиката со бис, го принуди да отпее уште некоја песна. Сопственикот не почести, со специјалитети на куќата и со пијалак. На Симеон му понуди да склучат договор, секоја вечер да ги забавува гостите. МУЗИЧКО ШОУ НА ЈОНЧЕ Јонче Христовски во препознатлив стил Шетаме низ Ку дам каре, во срцето на Берлин, кој е комплекс на ресторани, кафулиња, пицерии, пивници. Манојил предложи да влеземе во еден од рестораните. Внатре беше празно. Само сопственикот и неколку келнери се досадуваа. Се сместивме во локалот, а Јонче му вели на Манојил да го праша сопственикот да му дозволи да посвири на клавирот. Дозволата беше добиена без збор, а јас и Манојил се разладувавме со берлинско пиво. Јонче, легендата на македонската новосоздадена песна, за прв пат и никогаш потоа, не сум го слушнал да свири на клавир и да пее руски романси. Повеќе од десетина години, за новогодишните празници, им бевме постојани гости на браќата Гојко и Манојил Мане Јаковлески. Деновите брзо ни минуваа. Од секоја посета со себе понесував преполни куфери со спомени и боемски доживувања. Но, во тридецениското дружење, никогаш не сум го видел Јонче во едно такво емотивно расположение. Ова го потврдија и браќата Јаковлески. Јонче два часа беше изолиран од јавноста, свиреше на пијано и пееше. Низ неговото лице течеше пот, ќе се забришеше со крпа и продолжуваше да свири и да пее, без застанување, беше во творечки транс. Ресторанот за кратко време се наполни. По секоја изведба, беше наградуван со аплаузи. Некаде по полноќ го заврши двочасовниот концерт. Стана се поклони, а публиката го награди со громогласен аплауз. Дојде, седна и ми вели: „ Џо, давај пиво, жеден сум, ќе умрам...“ Келнерот веднаш му донесе голема кригла со пиво и во две голтки го испи. Следуваа нови кригли. Газдата му понуди да склучат договор. Јонче не ја прифати понудата. Вечерата и пијалакот, беа на сметка на ресторанот. Јас и Манојил бевме воодушевени од настапот на Јонче, кој одлично ги интерпретираше руските романси. ГОСТИВАРСКИТЕ АРТИСТИ ГОСТУВАА ВО БЕРЛИН
Стојче Нешкоски, Зоран Крајовски и Ариф Лила настапија со драмата „Ноќ на боговите“, Берлин, 7 Јануари 1993 година Во неколку децениското живеење и работење во европската метропола, Берлин, Манојил Јаковлески, нема да претераме ако напишеме дека беше поттикнувач, двигател, организатор и спонзор на празнувањата и на одбележувањата на значајни датуми од македонската историја: Илинден, Денот на самостојна и независна Република Македонија, Денот на востанието на македонскиот народ, на св. Климент Охридски и тн. Долг е списокот на културно-забавни и спортски приредби, што ги организираше. Секако, беа забележителни и двете гостувања на драмското студио „Дунек“, од Националната установа Центар за култура „АСНОМ“ од Гостивар. Преку сеќавањата на учесниците се потсетуваме на гостувањата. Рајко Стојановски, продуцент на Драмското студио „Дунек“, се сеќава: „Памтиша ко сакаш, забораваш ако можеш. Со овие зборови сакам да го започнам моето сеќавање на далечената 1993 година, кога се претставивме со драмата „Ноќ на боговите“ од Миро Гавран, а во режија на Стојче Нешковски. Салата на Македонскиот клуб „Гоце Делчев“, беше претесна да ги прими сите љубители на драмската уметност. Во Берлин гостувавме на покана на претседателот на Македонската православна црковна општина „Св. Климент Охридски“ во Берлин, г. Манојил Јаковлески. Ова ни беше прво гостување во германската метропола. Бевме возбудени и со нетрпение го очекувавме денот, кога ќе отпатуваме. Многу години поминаа, а моите сеќавања се толку свежи, како да се случило пред некој ден. Веројатно, причина за ваквото чувство, беше срдечното гостопримство на нашите домаќини, на браќата Маној или Гојко Јаковлески, кои направија се да се чувствувавме, како да сме во своите домови. Целата екипа, беше презадоволна од приемот и од настапот, пред нашите сограѓани, како и на Македонците од повеќе краеви на Македонија, кои се наоѓаа на времена работа во Берлин. Заедничките дружења, вечери, разговори ми оставија длабок печат. Второто гостување, го имавме за православниот празник, Рождеството Христово-Божик, во 1995 година. Овојпат, знаевме каде одиме и како ќе бидеме пречекани. Така и се случи. Нашите домаќини: Манојил Јаковлески, Гојко Јаковлески, Симе Николовски, Симе Тримчевски, беа пресреќни што повторно бевме со нив. Нашата благодарност и денеска зрачи со несмалена жештина кон Манојил Јаковлески. Ја користам оваа прилика, да споменам дека ни беше главен спонзор и на првиот видео филм „Згоди и незгоди гостиварски“, реализиран во 1991 година.“ „Времето минува, а настаните, доживувањата, спомените, настапите, средбите, разговорите се нижат во недоглед. Но, никогаш, ама никогаш нема од мојата меморија да се избришат сеќавањата и впечатоците, што ги доживеав на двете гостувања во Берлин, како режисер и актер со драмското студио „Дунек“, со огромно задоволство ни зборуваше Стојче Нешковски. Настапите ни ги организираше нашиот сограѓанин и пријател на културата, Манојил Јаковлески. Немам зборови, со кои би ја искажал големата благодарност, кон организаторот и кон сите што направија, нашиот престој да биде нависина и што ни овозможија претставата да ја одиграме во преполна сала. На првото гостување, што го имавме во чест на Рождеството Христово, на 7 јануари 1993 год. се претставивме со драмата „Ноќ на боговите“, покрај мене настапија Зоран Крајовски и Ариф Лила. Две години потоа, гостувавме со поетската драма „Корен“ од поетот Радован Павловски, кој е по потекло од гостиварското село Железна Река, на која покрај мене учествуваа и Наташа Трифуновска и Славчо Нинов, како гостин од Македонскиот народен театар. И во оваа прилика, сакам уште еднаш топло да му се заблагодарам на Манојил Јаковлески, нашиот голем пријател и поддржувач, за успешната организација и за незаборавните денови минати во германската метропола - Берлин.“
На второто гостување со поетската драма „Корени“ на Радован Павловски настапија Наташа Трифуновска, Стојче Нешкоски и Славчо Нинов, Бетлин, Јануари 1995 година (продолжува) Цела книга: https://drive.google.com/file/d/1iCYJJXWCxHwU4QBowt7jBymD9VHMuvAO/view |