|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (37) |
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (37) „Во тридецениското работење и престој во германската метропола, Берлин, Манојил Мане Јаковлески слободното време континуирано го посветуваше во будење на свеста на Македонците, кои се наоѓаа на времена работа и престој во западногерманските градови. Голем придонес даваше, во организација на одбележување на црковните празници и на развојот на црковното живеење, на културата, на спортот и на заедничкото дружење на Македонците во Берлин.“ пишува авторот на монографијата посветена на Мане Јаковлевски. Во книгата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески“, Кипровски се осврнува на низа настани кои го осветлуваат животниот пат на Мане, кој целиот свој живот го посветил на својот народ. Опишувајќи ја посветеноста на Мане, авторот Кипровски ќе забележи неколку настани од општествениот и црковен живот на македонската емиграција во кои неформалниот културен аташе на Македонија во Берелин го даваше својот огромен придонес. За овие настани Кипровски ќе напише: ПРОМОЦИЈА НА КНИГИ „Празнувањето на големиот верски празник Велигден, на 30 април 1994 година, во Берлин, беше збогатено и со промоција на книгата „Македонија во комунистичкиот триаголник“ од Ставре Џиков. На промоцијата настапи и Петар Темелковски, актер во Македонскиот народен театар од Скопје. По две години, исто така, на Велигден, во македонскиот клуб „Гоце Делчев“ во Берлин, беше промовирана книгата„ Воскресение“ од Ставре Џиков. На промоцијата покрај авторот, пред присутните говореше протаѓаконот Александар Цандовски, кој беше шеф на кабинетот на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Михаил. Ставре Џиков, Валентина Божиновска, Манојил Јаковлески и Александар Цандовски Гостите од Скопје, велигденските празници ги минаа во ресторанот „Ново Скопје“. За престојот и за доживувањата, авторот Ставре Џиков, вели дека и по повеќе од две децении, сеќавањата за убаво минатите денови не бледат. Оваа прилика ја користи со големи букви во монографијата, во негово име да напише голема благодарност за Манојил Јаковлески, домаќин и организатор на промоциите, за одличната организација и посетеност, како и за престојот и незаборавните доживувања и убави случувања во ресторанот „Ново Скопје“, како и за прошетките низ преубавиот Берлин.
Петар Темелковски, Манојил Јаковлески и Ставре Џиков ДЕСЕТ ГОДИНИ МПЦО „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ – БЕРЛИН Со низа црковни и културни манифестации, на 8 декември 2001 година, се одбележа десетгодишниот јубилеј, од основањето на МПЦО „Св. Климент Охридски“ во Берлин. Утрото, во присуство на голем број Македонци од Берлин и гости од повеќе македонски црковни општини од Германија, Шведска, Данска, Франција и од Македонија, се одржа Света Архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше европскиот митрополит на МПЦО-ОА, г. Горазд, во сослужение со повеќе свештенослужители. По церемонијата, митрополитот ја промовира книгата „Десет години МПЦО „Св. Климент Охридски“ - Берлин“, од Киро Кипроски, новинар и публицист. Вечерта се одржа „Македонска вечер“, на која гостите ги забавуваше ансамблот „Крушево‘ 903“. „МПЦО „Св. Климент Охридски“ - Берлин, за десет години постоење и активно дејствување, во целост ги оствари своите програмски цели и го оправда своето постоење“ изјави Манојил Јаковлески за весникот „Нова Македонија“. Тој првите два мандати, беше претседател на Црковниот одбор, иницијатор и најзаслужен што во Берлин, во 1991 година, се запали светиклиментовото кандило. „Црквата не обедини и ги зближи Македонците од германската метропола, кои се дојдени од сите краишта на Македонија. Во црквата свештениците не научија да црквуваме, да ги обновуваме заборавените црковни традиции и обичаи, да го сочуваме македонскиот дух и идентитет. Голема помош добивавме од САС (4) на Македонската православна црква, која за црковните празнувања ни испраќаше митрополити и македонски свештеници, кои богослужбите и литургиите, ги држеа на македонски јазик“, подвлече Јаковлески. „Задоволни сме, што во Берлин од 1991 година, постојано свети кандилото на „св. Климент Охридски“, на нашиот патрон, првиот македонски духовник, учител и просветител“ – изјави Јанко Пиркоски, член на сите црковни одбори од почетокот на основањето, кој обавувал повеќе функции. „Желба на Македонците, што живееме во Берлин, да изградиме наша црковна зграда, ни се исполни. Купивме локација, на која изградивме привремена капела, во која ги одржуваме богослужбите“, додава тој. По формирањето на МПЦО „Св. Климент Охридски“ во Берлин, Управниот одбор и раководството, на чело со претседателот Манојил Јаковлески, презеде и со успех реализира, неколку значајни активности, за афирмирање на македонската црковна заедница, во германската црковната екумена (5). Македонската нација во Берлин, се вбројува меѓу најценетите нации. На 11 декември 1993 година, храмот „Свети Климент Охридски“ беше регистриран во официјалниот германски алманах, како Македонска православна црква. Според сеќавањата на Манојил Јаковлески, регистрирањето во германскиот алманах, се прокоментирал, како најубава божикна честитка на германските власти, испратена до Македонците. Тоа придонесе, за уште поголем углед на Македонската православна црква и за помасовно присуство на богослужбите. НАГРАДА НА ФОЛК ФЕСТ „ВАЛАНДОВО – 90“ Манојил Мане Јаковлески, како голем вљубеник во македонската народна песна, на изворната и новосоздадената, секогаш, се разбира кога тоа му го дозволуваше времето, учествуваше на музички концерти и фестивали, на македонски вечери и прослави. На голем број од нив, во Берлин и во Гостивар („Зубовска вечер“), се јавува и како организатор. Сепак, за него се незаборавни, непрeспиените ноќи по завршувањето на фестивалските вечери на„ Фолк фест Валандово“. Во боемскиот ресторан „Фук–Так“, во Дојран, кај Перо „љубовна“ Јанев, заедно со пејачите-учесници на фестивалот: Сузана Спасовска, Јонче Христовски, Нино Величковски, Мате Груевски, Пепи Бафтировски и други, се пееше и пиеше до раните утрински часови. Тоа беа незаборавни ноќи, посветени на македонската песна и на расположението. Во 1990 година, Манојил со сопругата Славица, сестрата Рајна и зетот Ќире Јанкуловски, присуствуваа на 5-тото јубилејно издание на „Фолк фест Валандово“. На ова издание, ресторанот „Ново Скопје“ беше спонзор, односно додели награда од 1.000 германски марки, за најдобар текст испеан на фестивалот. За наградата одлучуваше специјално жири, што го состави сопственикот на ресторанот „Ново Скопје“, Манојил Мане Јаковлески, а го сочинуваа: м-р Симеон Гугуловски, првенец на Македонската опера; Тодор Чаловски, поет, литературен критичар и претседател на Друштвото на писатели на Македонија и Киро Кипроски, новинар. Жирито, едногласно, за најдобар текст го прогласи„ Бисер балкански“ од Јован В. Павловски, а во исполнение на Гоце Николовски. Оваа песна ја доби првата награда од стручното жири и од публиката, и за кратко време беше обнародена и стана голем хит, популарен до денешни дни. Славица Јаковлеска на Гоце Николовски, интерпретатор на песната „Бисер балкански“ му ја врачи наградата од 1.000 германски марки, што ја обезбеди ресторанот „Ново Скопје“ од Берлин. Оваа песна за кратко време ги освои срцата на љубителите на македонската новосоздадена народна песна, стана хит-песна и со децении до денешни дни се вбројува мeѓу најпопуларните и најизведуваните песни. Текстот за хитовската песна „Бисер балкански“ го напиша Јован В. Павловски, музиката е на Хилми Билбил, а аранжамнот на Тодор Трајчевски. „ Бисер балкански“ е општо народно прифатена од Македонците и го има добиено статусот на неофицијална македонска химна, која се пее во секоја прилика по неколку пати, на свадби, веселби, на концерти, а постојано се емитува на електронските медиуми. Сопругата на Манојил, Славица Јаковлеска на Гоце Николовски му ја врачи наградата од ресторанот „Ново Скопје“ – Берлин ФОЛКЛОРНИОТ АНСАМБАЛ „ТАНЕЦ“ ВО БЕРЛИН Во германскат метропола Берлин, на 10 декември 1994 година, со одржување на германско—македонската вечер, беше достоинствено одбележан патрониот празник на МПЦО „Св. Климент Охридски“ од истиот град. Во преполнетата сала, за делото на свети Климент Охридски, втемелувач на Македонската православна црква, зборуваше свештеникот Методија Мирчевски, кој посебно го истакна неговото значење за вековното опстојување на македонскиот народ, на балканските ветрометрини. За македонскиот фолклор, за изворната македонска песна, за обичаите, за спецификите на колоритните везови на народните носии во Македонија, со посебен респект говореше д-р Евелин Краузе, одговорна за германските играорки. Ханс Прант, журналист и публицист, меѓу другото рече: „Македонија е земја, која многу ме привлекува и ме прави среќен кога за неа се зборува. Не пропуштам ниту една ТВ емисија и со големо внимание ја гледам и редовно присуствувам на приредбите и манифестациите, што ги организираат Македонците во Берлин, како што е вечерва, на која настапија вистинските виртуози на орото, на музичките инструменти, на исклучителниот и единствен фолклорен ансамбал „Танец“ од Скопје, Македонија. Настапот на „Танец“ и заедничкото дружење со Македонците, ќе влијае да се ангажирам и да го завршам пишувањето на книгата, за преубавата Македонија и што побрзо да дојде до читателите. Македонија е единствена и неповторлива и со мојата книга ќе им ја доближам на Германците.“ Оро во изведба на фолклорниот ансамбл „Танец“ Оваа прекрасна вечер, на која „Танец“ ги демонстрираше богатствата на македонскиот фолклор, и им остави импресивен впечаток на Германците и Македонците, беше во организација на МПЦО „Св. Климент Охридски“, „Културен форум“ и Македонскиот клуб „Гоце Делчев“ од Берлин, под покровителство на Министерството за надворешни работи на Германија. Секако голема заслуга за организацијата и се да мине во најдобар ред, имаше Манојил Мане Јаковлески, претседател на МПЦО „Св. Климент Охридски“ од Берлин.“ (продолжува) https://drive.google.com/file/d/1iCYJJXWCxHwU4QBowt7jBymD9VHMuvAO/view |