|
||||
| Василие Поповиќ - Цицо |
|
Василие Поповиќ (12. II 1914 – 10. XII 1962) е македонски сликар, сценограф и карикатурист, еден од основоположниците на карикатурата и на сценографијата во РМ. Автор е на корицата на првиот буквар на македонски јазик, првиот грб на град Скопје и НР Македонија. Василие Поповиќ – Цицо бил роден во Скадар на 12 февруари 1914 година. Кога имал само пет години, неговиот татко, кој бил свештеник, со семејството се преселил во Скопје. Василие цртал од рани години, а по гимназијата, своите вештини ги усовршувал кај Никола Мартиновски. Тој му помагал на Мартиновски при изработката на неколку ѕидни слики, меѓу кои и слика за куќата на скопскиот трговец Михајло Шкаперда во 1933 година. Во 1933 година, тој се запишал на Уметничката школа во Белград, која ја завршил во 1938 година. Веднаш потоа работел во Народниот теaтар во Скопје како сценограф. Во периодот на почетокот на Втората светска војна и борбата против фашистичка Германија, од април 1941 година, Цицо бил во повеќемесечно заробеништво во три концентрациони логори (Либек, Хоенфалс и Нирнберг). Во 1944 година, Цицо бил интерниран во бугарски логор во Горна Џумаја (денешен Благоевград), но по интервенција на пријатели од Македонија и од Бугарија, тој бил ослободен и набргу потоа отишол во партизани. Таму бил ангажиран во Агитпропот на Главниот штаб на НОВ, сместен во селото Горно Врановци. Во овој период изработува цртежи и портрети на личности од неговото опкружување, како и карикатури за првото издание на весникот „Нова Македонија“ и за весникот „Македонка“ на антифашистичкиот фронт на жените од Македонија. По војната, Василие бил примен во Народниот театар во Скопје како сценограф, во кој работел сѐ до својата ненадејна смрт во 1962 година. Тој изработил впечатливи сцени за претставите во Македонскиот народен театар во Скопје. Исто така, тој е автор и на филмската сценографија за „Мис Стон“. Василие Поповиќ – Цицо е дизајнерот на грбот на НР Македонија, ликовно и графички го опремил првиот македонски буквар, негова карикатура се појавила во првиот број на весникот „Нова Македонија“, еден е од основачите на „Остен“, автор е на првиот грб на градот Скопје, секретар е на ДЛУМ. Василие Поповиќ – Цицо починал во Скопје на 10 декември 1962 година.
Подготвил: Т.К. |
















