Фељтон

Дел од студиите на Лефтер Манче – на Факултетот за физичко воспитание (19)

Славе Катин

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

На факултетот немаше предавања сè до 4 ноември 1956 год., кога се разбудивме во 4 часот рано утрото и преку радио го слушавме Имре Наѓ како се обраќа до народот и кажува дека Црвената армија ја нападнала Будимпешта, а унгарската армија и народот се борат против нив. Уште рече дека тој побарал помош од западните сили.

Видовме колона советски тенкови по главната улица и пред Факултетот, кои се движеа кон центарот на градот. Му реков на Димитрис да појдеме во вилата на Благој Шклифов, а кога таму стигнавме – видовме дека тој не е дома. Тој заедно со други студенти од Лениновиот институтот зел оружје за да го брани редот во градот. Ние од вилата гледавме како тенковите стрелаат кон малиот рид на Будим, каде што беа сместени силите на револуционерите. Тоа се случуваше неколку денови, а ние со Димитрис одевме да земеме малку леб од Факултетот и брзо се враќавме назад.

По неколку денови Благој дојде дома, а во ноември и декември 1956 година низ Будимпешта имаше многу штрајкови, но и се пишуваа пароли по ѕидовите: „Грци, Корејци и Евреи – надвор од Унгарија“. Многу мои колеги, студенти и пријатели, избегаа од Унгарија низ отворената граница кон Австрија, заедно со над 200 илјади други Унгарци.

Мојот цимер на почетокот на јануари 1957 год. реши и тој да си оди, па ме покани и мене да одам со него. Јас му реков дека ќе останам тука, зашто видов дека улиците веќе се контролираат од полицајци на новата унгарска власт под раководството на Јанош Кадар и од советски војници.

Полека почна да се смирува состојбата и учебната година продолжи, а веќе во февруари 1957 година бевме две недели на обука за скијање на највисоката планина во Унгарија, каде што беше сместен и санаториумот чиј пациент бев во 1951 год. На вториот ден, скијајќи, се удрив во едно дрво, си го скршив големиот прст на десната нога и така заврши мојата обука по скијање.

Понекогаш со албанските студенти од Факултетот одевме на игранки по кафеаните, зашто тогаш во Унгарија во повеќето кафеани се играше на музика од пијано, а младите танцуваа танго или валцер. Еднаш и јас решив да поканам една млада девојка за танго, а кога почнавме да играме, Албанците почнаа да ми се смеат, затоа што девојката беше половина метар пониска од мене. Но, сепак, го завршив танцот.

Наскоро дојде порака од Тирана сите Албанци да се вратат дома и сите го сторија тоа… На 1 мај 1957 година, над 100 илјади Унгарци на Плоштадот „Херој“ го поздравија на бината Јанош Кадар и другите членови на Политбирото. Си велев, како може толку брзо да се смени ситуацијата и мислењето на народот, но така беше.

А во летото на 1957 година, преку Букурешт со воз отидов на гости една недела кај моите роднини – тетин и тетка Дукови, кои живееја во Варна. Ние во селото за тетин сметавме дека е убиен како борец на ДАГ во 1947 година, дури палевме свеќи и плачевме во црквата.

А тој, не знам како, ги напуштил партизаните и влегол во Бугарија. Во Варна живееја многу скромно, во подрум со ќерката Софка, која дошла од Ташкент со сопругот, а и двајцата биле партизани. На свадбата на Софка во Загоричани во 1943 година јас бев деверот. Тие мене ме примија како да сум нивни син, и таму првпат видов море. Веднаш забележав дека Бугарите, во споредба со Унгарците, живеат многу посиромашно…

Во септември 1957 година побарав пасош кој беше за неунгарски граѓани за да појдам во Белград и да го гледам фудбалскиот натпревар меѓу тогашна Југославија и Грција. Тоа беше прв натпревар меѓу нив. Бев сместен во центарот на Белград, во хотел „Метропол“. Јас на факултетот имав стипендија како странец-студент, која беше многу поголема од таа што ја добиваа унгарските студенти. Димитрис се врати во Атина и јас многу пати одев кај Благој Шклифов да го видам.

Унгарски универзитетски центар

Еден ден мајката на сопругата на Благој, која немаше завршено никаков факултет, а поради партиски заслуги заземаше место предавач во работничката школа, во каква што јас бев ученик на почетокот кога работев во фабриката, ми рече: „Лефтер кога ќе станеш учител за гимнастика, ќе бидеш како сегашниот учител, кој на паузата меѓу часовите не доаѓа во канцеларијата за учители, туку си седи во салата за гимнастика.

“ Со тоа сакаше да ми каже дека наставниците по физичко воспитание не се на ист ранг со другите наставници, туку се помалку ценети. На ова си помислив: „Ако една ваква жена ме потценува поради тоа што јас го студирам, тогаш што барам потаму? Затоа и често размислував како можам да станам лекар?“

На Факултетот често доаѓаше да вежба еден студент по медицина, кој пред 4 години го завршил нашиов Факултет, а доаѓаше со цел да има добро здравје. Од него дознав дека пред него само еден Унгарец завршил Факултет за физичко воспитание во далечната 1936 година, а потоа и Медицински факултет, и дека тој ќе биде вториот. Посакав јас да бидам третиот и ја добив идејата по завршувањето на Факултетот за спорт да се запишам на медицина.

Размислував дека тоа можам да го сторам само со помош на Грчката политичка организација за политички емигранти, која беше сместена во фабриката за цигари. Таа тогаш имаше право неколкумина студенти Грци или Македонци да запише на разни факултети од Универзитетот.

Така, во пролетта на 1958 година со трамвај отидов во фабриката за цигари, каде што беа сметени борците на ДАГ. Таму имаше една помала зграда во која учеа деца, а до неа мала градина; таму јас живеев пред да тргнам в гимназија. За вработување професор по физичка култура таму тогаш немаше никаква можност, затоа што предавачите биле од редовите на партизаните.

Но, сепак, се јавив кај раководителот на организацијата, се претставив кој сум и дека студирам на Факултетот за физичка култура и му понудив да доаѓам два пати неделно за да ги обучувам по гимнастика малите деца. Тој се согласи и така таму одев цела пролет.

Во мај, младинската туристичка организација „Експрес“, која тогаш се формира, бараше преведувачи на бугарски јазик. Благој Шклифов и јас се јавивме и со автобус една сабота нè однесоа во туристичкото село Бадачон, крај езерото Балатон, и нè запознаа со логорот каде што ќе бидат сместени идните млади туристи. Со брод нè однесоа на другата страна од Езерото, во малата планина Бадачон, која е позната по добро вино.

Таму, меѓу лозјата, имаше ресторан, кој еден ден го посетија сите групи од Балатонфолдвар. Имавме добар ручек со добро вино, а вечерта радосни се вративме во Будимпешта, пеејќи унгарски песни. На испитите во јуни не успеав на вежбите по гимнастика. Требаше да ги повторам во септември и, ако успеам, ќе продолжам во четврта година, што значеше во последната година. Преку лето бев преведувач на бугарските младински групи кои престојуваа по две недели во Унгарија.

Тие околу 10 денови беа сместени во логор за младинци во туристичкото село Балатонфолдвар, а другите 4 денови во Будимпешта. На крајот на јули, бев со групата во Балатон. Кога лежевме на плажата крај Езерото, двајца Бугари дојдоа кај мене и ме замолија да им помогнам да се запознаат со две Унгарки. Тие лежеа на плажата само неколку метри подалеку од нас.

Едната лежеше на стомак и читаше, а другата седеше. Бугарите ги поканија двете девојки вечерта да појдат со нив на игранка, во близина на логорот, во една кафеана со градина, каде што секоја вечер свиреше оркестар, а младите танцуваа. Таа која седеше одговори дека не ја интересира танцувањето, зашто тие секоја вечер се со родителите, кои исто така се тука на одмор. Така ги оставивме нив и си отидовме…

Продолжува

Најново од: Фељтон

ЛЕФТЕР МАНЧЕ – СТУДЕНТ НА НАЈПРЕСТИЖНИОТ ФАКУЛТЕТ ЗА ФИЗИЧКО ВОСПИТАНИЕ НА СВЕТОТ- (18)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Факултетот за физичко воспитание беше сместен во Будим, во близинајужната железничка станица и до улицата „Јанош Киш“ каде што живеев во 1951/52 година во Домот како ученик во гимназијата „Шандор Петефи“. Главната зграда била изградена во 1925 год., а подоцна се изградени уште една сала […]

ДЕЛ ОД АКТИВНОСТИТЕ НА ЛЕФТЕР КАКО СТУДЕНТ ВО БУДИМПЕШТА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Во тоа време, во Полска се формира македонската организација „Илинден“ и јас бев многу радосен, почнав да ја цртам од други мапи картата на Македонија, но во нејзините етничко-географски граници, пред поделбата во Букурешт, во 1913 год. Почнав да одам редовно и во Бугарскиот културен […]

Будимпешта – Метрополата на младоста и успесите на Лефтер Манче (14)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Островот е богат со зеленило и има само три згради – националниот базен и хотелите „Гранд“ и „Термал“. Каде и да продупчиш длабока дупка во Будимпешта, и на многу места во Унгарија, ќе најдеш топла минерална вода. Тоа го знаеле и Турците, кои иако биле […]

Будимпешта – Метрополата на животот и иднината на Лефтер Манче (13)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ  Од селото Диг со воз допатувавме во Будимпешта и нè сместија во една голема стара зграда на два ката, што се наоѓаше на левата страна од реката Дунав. Тука бевме сместени над двeсте деца, собрани и донесени од разни села од Егејска Македонија.  Во големите […]

Унгарија – Земјата на младоста на Лефтер Манче (12)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Во септември 1948 година со воз нè преселија во селото Фот, кое се наоѓа на 20 километри североисточно од Будимпешта. Нè сместија во една палата на еден кат, изградена во барокен стил. Пред огромната порта имаше голема и убаво уредена градина. Во мал стан на […]

To top