Фељтон

ЛЕФТЕР МАНЧЕ – СТУДЕНТ НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА ФИЗИЧКО ВОСПИТАНИЕ (20)

Славе Катин

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

Тој ден беше 27 јули 1957 година и јас решив идниот ден пак да ги побарам Унгарките и да се запознам со нив. Но, како да постапам, како да го направам тоа? И реков на онаа што седеше дека ја познавам од Гимназијата што беше близу до´нашиот факултет, каде што ние студентите од трета и четврта година одиме таму на практика.

Ми одговори дека грешам, зaтоа што тие не биле од Будимпешта, туку од вториот најголем град на Унгарија, од Дебрецен. Следниот ден, на 29 јули, пак отидов кај нив и почнавме да разговараме. Тогаш почна да зборува со мене и другата девојка, која лежеше. Ми рече дека и таа сакала да се запише на Факултетот каде што јас студирав, зашто скока во височина, но не успеала во годината кога ја положила матурата, а другата девојка ми кажа дека завршила трета година во гимназијата во Дебрецен.

Кога се поздравивме, тие станаа да си одат дома. Тогаш видов дека онаа што сака да се запише на мојот факултет, не само што има убаво лице, туку има и прекрасно тело. Такво убаво тело немав видено во претходните три години на Факултетот, иако такво лице имав видено многупати, но не како една целина во којашто лицето и телото претставуваат прекрасна заедничка хармонија. Сè беше како на убавиците изработени од мермер од античко време. Оттогаш почнав да ги бројам часовите кога следниот ден ќе се видам повторно со нив.

Следниот ден ги поканив да влеземе во Езерото, кое е многу плитко и може да одиш дури 100 метри за да ти достигне водата до рамото. Таму, тројцата скокавме во водата. Следниот ден ја кренав со раце поголемата, која се викаше Мара и ја фрлив во водата. Тогаш слушнав женски глас од брегот, кој ги повикуваше Мара и Ева да си одат дома.

Така се разделивме, но јас им реков дека следниот ден со групата со брод ќе одам на другата страна на Езерото. Заедно со мојата група имаше и две други групи од тогаш поделената Германија, од нејзиниот источен дел.. Заедно ручавме и пиевме вино од Балатон, а многумина од нас си купивме и си понесовме по едно шише за спомен.

На враќање, на бродот бевме многу добро расположени и пеевме бугарски и германски песни. Јас бев на терасата на бродот, а неколку Германки с собраа околу мене и бараа да појдам и да танцувам со нив. Им реков дека уште не сум решил, а кога стигнав до брегот, ги видов Мара и Ева како ме чекаат. Ми беше голема радоста и задоволството, така што по патот кон логорот не одев со мојата група, туку со двете Унгарки.

Застанавме под едно дрво и им предложив да се напијат од доброто вино од Балатон. Ева испи малку, а Мара рече дека таа не пие од шише. Така шишето го донесов во шаторот, каде што преку ноќта Бугарите го испразнија.

Следниот ден по плажата и вечерата, отидов кај девојките и тропнав на вратата, кога ми отвори еден човек со бела коса, интелектуалец, Унгарец по националност. Му реков дека вечерта сакам да ги поканам девојките на игранка. Тој многу налутено ме одби и уште рече да не мислам веќе на неговите ќерки. Рече:

„Оди си одовде и другпат не сакам да те видам тука“. Утредента се видов со нив на плажата и си разменивме адреси, зашто следниот ден тие си заминуваа за Дебрецен. Од септември секој втор ден и´ пишував писмо на Мара, а Ева и´ го носела во текстилната фабрика, каде што таа работеше. Јас, пак, секој втор ден одев на влезната врата на Факултетот и чекав да примам писмото од Мара.

Во септември, кога почна учебната година, сретнав еден бруцош по име Тибор Немети, кој беше од Дебрецен. Го прашав дали ја знае Мара, а тој ми кажа дека тоа е најубавата девојка во градот и ме праша од каде се познавам со неа. И уште ми кажа дека пред две недели, на 20 август 1958 год., имало бал во огромната сала на Универзитетот „Кошут“, каде што се танцувало.

Во Унгарија, во тоа време, на студентските балови владееше правилото според кое во текот на танцот требаше да се праша машкиот партнер дали е дозволено со девојката друг студент да го продолжи танцот. Тој уште кажа дека со Мара не можеш да танцуваш повеќе од 2 минути, затоа што сите сакаат да танцуваат со неа…

 

Во средината на октомври решив да ја посетам Мара во Дебрецен и отпатував со воз. Пријателот Тибор ми понуди да се сместам во една од двете соби во железничката станица. Татко му бил секретар на Партијата на железничарите и имал право да ја издава собата. Така се случи во петокот попладне, со воз, веќе во 16 часот да бидам во Дебрецен, сместен во собата.

Вечерта отидов да ја видам Мара, а мајка и´ ми понуди нешто да јадам. Јас бев срамежлив и одвај каснав малку. По вечерата, отидов во една кафетерија и јадев нешто. Следниот ден со Мара се сретнавме кај огромниот Универзитет „Кошут“, пред клиничките болници.

Дебрецен нема река ниту планина, таму сè е рамно, но до градот има убава стара шума до Универзитетот и клиниките, каде што има градска плажа со огромни базени со минерална топла вода.

Пред Првата светска војна, австроунгарската влада решила да изгради три нови универзитети, еден во Братислава, друг во Дебрецен, а трет во Колозвар-Клуж. По првата светска војна, Братислава станал град што влегол во состав на Чехословачка, а Колозвар-Клуж на Романија, така што во 1922 година бил изграден огромниот барокен универзитет во Дебрецен, кој го носи името на Лајош Кошут.

Тој во 1848/49 год. бил раководител на унгарската револуција против Австријците за осамостојување на Унгарија, а кога револуцијата не успеала, Кошут, преку отоманската империја, се преселил во Торино во Италија и таму умрел во 1894 година. Нема село или град во Унгарија што не носи нешто од името на Кошут.

Лајош Кошут бил против примирјето на Унгарија со Австрија во 1867 година и против автроунгарската влада и империја. За среќа, Унгарците под раководство на Ференц Деак не ги прифатиле советите на Кошут и се создала Австроунгар-ската Империја. Тоа овозможило од 1867 до 1914 година Будимпешта да стане чудесен град, полн со палати и булевари. Сега, кога се води битка против Скопје 2014 година, дека Македонија е сиромашна и нема пари, ми доаѓа на ум фактот дека кога се граделе во Будимпешта многубројните споменици, градби и булевари, во Унгарија имало 3 милиони луѓе без работа и многу сиромаштија. Како што се гледа и со овој пример со Будимпешта, сиромаштијата понекогаш остава белези за иднината на државата!

Откога се запознав со Мара, успеав сите мои испити на Факултетот за физичко воспитание да ги положам со средни оценки. Секоја година во почетокот на учебната година имаше бал во аулата на Универзитетот „Кошут“ за бруцошите. Студентите–бруцоши по медицина имаа свој бал, одделно од балот на студентите од другите факултети од Универзитетот „Кошут“.

Мајките ги носеа ќерките на бал на Факултетот за медицина, затоа што тогаш најдобро беше, според мислењето на мајките, нивните ќерки да имаат лекар за сопруг. Лекарите и тогаш, како и сега, имаа добри примања од бакшиш. Владата никогаш не можеше да му стави крај на бакшишот, затоа што во спротивно лекарите ќе се иселеа од Унгарија.

На медицинскиот бал се запознав со пријателките на Мара, кои беа една група девојки, составена од родители, пред сè, лекари и правници. Таму се запознав со Левенте и Магда. Левенте беше студентка на последна година по медицина, а Магда работеше во една канцеларија. Другите пријателки беа Сузана, која матурирала со Мара, но не успеала да се запише на Медицинскиот факултет, иако една година работела како доброволка.Таму беше и Илдико, која беше четврта година на Медицинскиот факултет. Сите седевме околу една поголема маса, освен кога танцувавме.

Еднаш месечно ја посетував Мара и за Божик, кој е најголем празник за унгарските христијани. Кога првпат отидов да бидам со неа, се сместив во нејзиниот стан. На 24 декември, под божиќната елка, се оставаат подароци за фамилијата, зашто сите заедно се собираат за Божик, иако можеби живеат одделно и далеку еден од друг. Преку Димитрис успеав да обезбедам чантичка и огледалце со Партенон за Мара.

Тогаш првпат се почувствував среќен и дека не сум повеќе сам. Мајка и´ на Мара имаше подготвено многу убава вечера, а кога влегов во станот, татко и´ на Мара ми рече: „Не плаши се, нема да те тепам“. Тој тогаш беше заменик правобранител на градот, а подоцна стана главен правобранител и тоа беше голема реткост, затоа што не беше член на Партијата. Едниот негов брат беше адвокат, додека другиот беше лекар, значи не беа работничка фамилија. За жал, адвокатот бил истеран од работа во почетокот на 1950 год. Тој ми рече да не се плашам, дека нема да ме нападне, а си помислив „како може да ме нападне мене, кога никогаш не спортувал“.

Тогаш дознав од Мара дека татко и´ кога разбрал дека таа ми пишува писма, се налутил и престанал да зборува со неа, и уште велел: „Што бара таа од еден Грк емигрант кој има татко в затвор, а семејството му загинало во Граѓанската војна“.

Но, јас си поминав два убави дена како нејзин гостин и тогаш почнав да учам како културно да се јаде, и да внимавам на убавото однесување. Ние децата кои живеевме во домовите немавме речиси никакво домашно воспитание, домашна култура и манири за комуникација. Од сознанијата и искуството што следеше на тој план, по многу години, ја напишав книгата “Културно однесување“.

Продолжува

Најново од: Фељтон

ЛЕФТЕР МАНЧЕ ДИПЛОМИРА НА МЕДИЦИНСКИ ФАКУЛТЕТ ВО ДЕБРЕЦЕН (22)

ЛЕФТЕР МАНЧЕ ДИПЛОМИРА  НА МЕДИЦИНСКИ ФАКУЛТЕТ ВО ДЕБРЕЦЕН (22) ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Градот Дебрецен е вториот по големина град во Унгарија и е оддалечен 220 km од Будимпешта, а распослан е во големото унгарско поле што опфаќа повеќе од половина од државата. Во градот нема ниту планина ниту […]

Дел од студиите на Лефтер Манче на Факултетот за физичко воспитание (21)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Новата 1958 година ја дочекавме во станот на Илдико со другите пријатели на Мара. Тогаш мислев, ако не успеам да станам лекар, пак е добро, зашто имам убава девојка и почнав да чувствувам самодоверба, зашто знаев дека ако завршам за професор по физичка култура пред […]

Дел од студиите на Лефтер Манче – на Факултетот за физичко воспитание (19)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ На факултетот немаше предавања сè до 4 ноември 1956 год., кога се разбудивме во 4 часот рано утрото и преку радио го слушавме Имре Наѓ како се обраќа до народот и кажува дека Црвената армија ја нападнала Будимпешта, а унгарската армија и народот се борат […]

ЛЕФТЕР МАНЧЕ – СТУДЕНТ НА НАЈПРЕСТИЖНИОТ ФАКУЛТЕТ ЗА ФИЗИЧКО ВОСПИТАНИЕ НА СВЕТОТ- (18)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Факултетот за физичко воспитание беше сместен во Будим, во близинајужната железничка станица и до улицата „Јанош Киш“ каде што живеев во 1951/52 година во Домот како ученик во гимназијата „Шандор Петефи“. Главната зграда била изградена во 1925 год., а подоцна се изградени уште една сала […]

ДЕЛ ОД АКТИВНОСТИТЕ НА ЛЕФТЕР КАКО СТУДЕНТ ВО БУДИМПЕШТА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Во тоа време, во Полска се формира македонската организација „Илинден“ и јас бев многу радосен, почнав да ја цртам од други мапи картата на Македонија, но во нејзините етничко-географски граници, пред поделбата во Букурешт, во 1913 год. Почнав да одам редовно и во Бугарскиот културен […]

Будимпешта – Метрополата на младоста и успесите на Лефтер Манче (14)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Островот е богат со зеленило и има само три згради – националниот базен и хотелите „Гранд“ и „Термал“. Каде и да продупчиш длабока дупка во Будимпешта, и на многу места во Унгарија, ќе најдеш топла минерална вода. Тоа го знаеле и Турците, кои иако биле […]

To top